Кој збор најчесто го кажува детето помеѓу првата и третата години? Секој родител ќе ви одговори без размислување – тоа е зборот „не!“ Во која било пригода, во какви било околности, без разлика на тоа што всушност сака да каже, детето ќе рече „не“. Зошто се случува тоа?

Измачени од непрестајното, секојдневно повторувано по стотина пати „не“, кое пробива во умот, родителите се уверени дека детето со тоа ги тестира границите на нивното трпение. А тоа, всушност, не е точно. На таа возраст децата почнуваат да сфаќаат дека и тие имаат желби. Меѓутоа, многу често нивните желби не се во согласност со желбите на родителите. А со тоа свое НЕ на наједноставен начин детето тестира колкава е всушност неговата независност. Експертите за развој на децата го нарекуваат овој период – „период на турбуленции“.

Детето веќе оди самостојно, се обидува да зборува, а процесот на изучување на надворешниот свет преминува во активна фаза. Во неговиот мозок секоја секунда се појавуваат повеќе од 700 нови невронски врски, а тоа мора да одлучи како ќе се справува со секоја ситуација. Сето ова е многу комплицирано. Бидејќи, од една страна, детето сака да биде независно, а, од друга, му треба многу родителска љубов и поддршка.

Како да се излезе накрај со тоа непрестајното НЕ

Исклучете го од својот речник прашањето: „Што сакаш… (да јадеш, да облечеш, да понесеш…)“. Не би требало да му давате бескраен избор. Тоа штетно влијае врз детето. Изборот секогаш треба да биде ограничен. На пример, наместо да го прашувате што сака за ручек, само кажете му дека постојат две можности – шпагети или пилешка супа. „Сакаш за ручек шпагети или супа?“ И крај.

Наместо да кажете „Сакаш ли да ги кренеш своите играчки?“, речете „Можеш да ги кренеш играчките сега или кога ќе ја завршиме ужината! Што одлучи?“ Ако детето се обидува да добие други опции, останете цврсти. „Постојат само две можности – избери“. Ова ќе ве одржува во рамнотежа – детето ќе има чувство дека ја контролира ситуацијата, а мајката и таткото ќе покажат дека разбираат. Оваа тактика има една голема предност – ја отстранува класичната грешка на давање широк избор поради кој родителите влегуваат во бескрајни преговори. Обидете се да го пренасочите вниманието – отпејте привлечна песна или пошегувајте се. Неочекуваното однесување на мајката и таткото може да го наведе детето наместо „не“ да каже „да“. Кога ќе се развесели, малку е веројатно дека ќе се сети зошто толку категорично велело „не“ само една минута порано.

Користете ги вистинските зборови

Научниците од Универзитетот во Сан Диего дошле до заклучок дека ако родителите побараат помош од своето дете, тоа многу подобро ќе реагира на именките отколку на глаголите. Затоа е подобро кога барате помош да кажете: „Дали сакаш денес да ми бидеш помошник?“ наместо „Сакаш ли да ми помогнеш?“

Не велете „не“ без причина. Важно е да го научите детето дека неговото „не“ има алтернатива. На пример, „да“. Не е исклучено да користи „не“ бидејќи го слуша пречесто и во секоја пригода во секојдневниот живот. Затоа обидувајте се да го користите колку што е можно помалку и да го замените со друг збор.

Хумор

За зборот „не“ да не стане автоматски одговор на секое прашање што ќе му го поставите на детето, внесете хумор. На пример, му нудите нешто корисно и вкусно, а детето категорично одбива да го изеде. Поставете му смешно прашање: Што мислиш дека би рекла птицата ако ја прашаш дали сакаш црви? Детето ќе ви одговори логично со „да“, а вие потоа прашајте: „А што велиш ти кога ќе те прашаат дали сакаш сендвич со јајца?“ Детето кое веќе е задоволно со себе ќе рече „да“.
Научете го детето да ги препознае своите чувства

Тоа е исто така многу важно. Обидете се секојпат кога детето очајно се спротивставува да му објасните што точно доживува. „Многу си лута бидејќи не го доби лижавчето што го сакаше. Но денес веќе изеде едно, а јас морам да се грижам за твоето стомаче“.

Ако секојпат кога детето ќе доживее излив на бес вие му објасните што точно доживува, тоа има шанса самото да почне да ги запознава своите чувства и подобро да ги контролира.

Извор



912

X