Во последниве години многу психолози и експерти за социјални мрежи предупредуваат на негативните последици од прекумерното време поминато пред екрани. Во 2023 година д-р Вивек Марти ги посочи социјалните мрежи како една од главните причини зошто младите сè почесто се чувствуваат осамени.
– Некои од штетните ефекти се замена на личниот контакт со технологија, намалување на вниманието, нарушување на квалитетот на меѓучовечките односи и поткопување на самодовербата – напиша Марти.
Во книгата „Анксиозната генерација“, психологот Џонатан Хајдт тврди дека технологијата ја менува структурата на мозокот кај младите и придонесува за развој на анксиозност и депресија. Затоа, важно е внимателно да се контролира количеството и видот на содржините на кои децата се изложени. Но, постојат и начини екраните да се користат корисно, без да има штетни последици.
Во книгата „Втор живот: Да се има деца во дигиталната ера“, новинарката Аманда Хес открива изненадувачки сознанија за родителството и технологијата.
Како што вели, телевизорот ѝ помогнал во еден од најтешките родителски моменти, кога нејзиниот тогаш тригодишен син морал да помине низ комплицирана операција. Физички и емоционално, закрепнувањето било исклучително тешко. На почетокот се прашувала дали е во ред да му дозволи да гледа телевизија со часови, но психологот ја уверил дека во фазата на закрепнување тоа е сосема прифатливо.
– Тоа е истото што би го направил секој по излегување од болница, би ги гледал омилените емисии за да се почувствува подобро. И навистина ни помогна – вели Хес и признава дека му пушта цртани и кога има обврски низ дома или треба да одговори на повик.

Не се сите медиумски содржини штетни
Прекумерното изложување на екрани може да го скрати вниманието и да предизвика чувство на изолација, но не секое гледање содржини е штетно. Психологот Глорија Марк објаснува дека подолги содржини кои поттикнуваат размислување можат да придонесат за подлабока обработка на информации и развој на критичко мислење.
– Кратките видеа на социјалните мрежи се потпираат на основни емоции како изненадување, лутина, хумор и ретко нè поттикнуваат да размислуваме подлабоко – нагласува Марк.
За разлика од нив, книгите и подолгите статии даваат простор за размислување и посериозно разбирање.
Како и вие и децата да гледате поквалитетна содржина?
- Одвојте време за читање или гледање содржини што поттикнуваат размислување;
- Избирајте книги или текстови во кои можете да се задлабочите;
- Читајте печатени изданија за да избегнете одвлекување внимание од мобилните уреди;
И на крај, еден потсетник: добро е да внимавате што гледаат децата, но не е грев и вие самите понекогаш да си го олесните денот и да им пуштите цртан филм на телевизија.