За развој на деформитети на коскено-мускулниот систем кај децата од училишна возраст, објаснува д-р Тони Талески, освен преполните ранци, придонесуваат лошите навики на држење, кратковидоста, несоодветните училишни клупи и столчиња…

Ана, Елса, Ѕвончица, јунаците од цртаниот филм „Патролни шепи“… Децата сигурно ќе се израдуваа на ранец со апликација од нивните омилени цртани ликови, но таа во никој случај не смее да биде единствен услов при изборот. Ортопедите алармираат за големиот број на деца кои имаат пробем со ‘рбетите, а за тоа виновници се и неправилно избраните и преполни ранци. Но, не само тие. Предолгото седење пред компјутер, недоволната физичка активност, лошиот избор на столчиња и работни маси, исто така се непријатели на ‘рбетот. Има ситуации на кои родителите не можат да влијаат, но има и многу начини кога може да му помогнат на детето.
За развој на деформитети на коскено-мускулниот систем кај децата од училишна возраст, објаснува д-р Тони Талески, ортопед, придонесуваат лошите навики на држење на исправен став, кратковидоста, несоодветните училишни клупи и столчиња.

Зошто се искривува ‘рбетот?

-Недоволната физичка активност, долгото седење пред компјутер со долготрајно лошо позиционирање на главата нанапред, но и претешките училишни ранци се главен непријател на ‘рбетот на детето. Предност е ако има повеќе часови за физичко воспитување, а надвор од училишните клупи децата да се насочуваат кон спортски активности. Пливањето како спортска активност има најдобар ефект во зајакнување на мускулатурата – вели д-р Талески.
Носењето ранец или училишна чанта кај децата во фаза на интензивен раст е еден од факторите за развој на деформитети кои придонесуваат за заземање неправилен став на телото при стоење на рамна подлога.
-Деформитетите се понагласени кај послабите деца и кај оние што немаат физички активности својствени за возраста. Оптоварувањето со училишните ранци чија тежина не е пропорционална на детската мускулна и телесна маса може да доведе до функционални и структурни промени на ‘рбетот, особено во период на адолесценција. Не се занемарува ниту податокот за должината на патот до училиште и назад што ученикот го изминува секојдневно во период девет месеци притоа носејќи товар врз грбната регија- вело докторот.

Да не тежи повеќе од 10% од тежината на детето

Според препораките на Светската здравствена организација тежината на училишните ранци не треба да биде поголема од 10% од телесната тежина на детето. Во практика се покажува дека тежината на ранците што учениците ги носат на грбот е значително поголема.
-Ова придонесува за мускулна нерамнотежа со неправилен став при исправена положба на телото, денивелација на рамените појаси и лопатките од грбната регија, закосување на карлицата, но и рефлексија на неправилното оптоварување врз колената и стапалата како носечки површини на телесната маса – објаснува.
Децата што не се доволно активни имаат и поголема телесна тежина од оние што спортуваат, па повеќе се оптоваруваат ‘рбетот, колковите, колената, а се случува искривувања на колената и спуштање на сводовите од стапалата.
-Тежината на училишните ранци доведува до нагласени деформитети. Затоа ранецот за дете треба да биде со анатомско приспособуавње на грбната регија и по можност да е со помал, т.е тежината на ранецот да биде помала од 10% од телесната тежина на детето. При избор на ранецот треба да се внимава долниот дел да не му биде под струкот на детето, а врвот на ранецот да биде под линијата на рамниот појас. На грбната страна добро е ранецот да има засилувачи, а прерамките да бидат пошироки и меки за да не засекуваат во мускулатурата на рамото. Најдобро е ако постои и ремен околу струкот за да се добие уште една потпорна точка на тежината од ранецот. Така ќе биде постатичен, што е многу важно кога е во прашање детската мускулатура, која не може долго да позиционира во мускулен баланс – советува д-р Талески.

Како правилно да се избере спорт

Околугрбната мускулатура, е активен стабилизатор на ‘рбетниот столб. За нејзино зајакнување се препорачуваат спортски и физички активности, намалување на долгото седење пред компјутер, како и корективни навики на децата од училишна возраст во дневните активности со правилно позиционирање на телото и долните екстремитети во седечка положба.
-При изборот на спорт за детето треба да се внимава при доминантноста на едната рака (тенис, ракомет и сл.) особено ако постои потенцирано искривување на ‘рбетот на една страна. Децата и родителите треба да се едуцираат за дополнителни корективни вежби во домашни услови кои треба да се спроведуваат во континуитет за зајакнување на грбната мускулатура. Физичкото напрегнување условува и замор на учениците, кои потешко можат да се сконцентрираат на наставата, што дополнително ги оптоварува и наставниците во училиште и родителите дома. Кај докажани структурни сколиози или кифози потребна е поддршка со ортоза (корсет) за правилен раст на ‘рбетникот – додава д-р Талески.
Се поискривени деца одгодина в година забележуваат и лекарите во школските диспанзери кои прават систематски прегледи на учениците. Тие велат дека голем број деца имаат лошо држење кое неретко знае да премине во проблем поради искривувања на ’рбетот како кифоза, сколиоза, кифо-сколиоза, па да се третира со носење корсети или други ортопедски помагала, одење на физикална терапија. Се зголемува и бројот на тешки форми на деформитети кои мора да се оперираат.

Наташа Бошковска-Златкова
Сребра Ѓорѓијевска



912

X