Најчесто ги прави првите чекори околу 12-тиот, односно 14-тиот месец од својот живот. Не грижете се, исто така е нормално и многу веројатно вашето бебе да прооди и на 9 или дури и на 18 месеци!
Малиот чекор на бебето е секогаш најголема радост за своите родители. Со тоа мало чекорче успешно се премостува фазата кога вашето големо бебе веќе станува мало човече. Тогаш се буди и вашата имагинација и веќе си замислувате како неуморно ќе спортувате и ќе трчате заедно!
Со самото раѓање бебето почнува да го минува својот уникатен пат на развој, различен од оној на останатите бебиња. Не постои строго определен месец кога вашето малечко треба да ги направи првите чекори, но постојат знаци кои ќе ви укажат на фактот кога ќе биде подготвено за нив.
Д-р Корнелија Ѓорѓиеска
Првата година од животот е период на најинтензивен моторен развој и нормално се одвива по свои одредени природни законитости. Мускулите што му се потребни на бебето за да ги направи првите чекори се развиваат одгоре-надолу. Секојпат кога тоа ќе помине низ одредена развојна фаза, неговото тело станува сè посилно и поподготвено за проодување. Откако ќе ги направи првите чекори, многу е важно постојано да се охрабрува што е можно повеќе време да поминува на нозе, за да може дополнително да ја зајакне својата мускулатура, за полесно да може да се одржи самостојно на нозете. Во оваа развојна фаза е особено важно да не престанете да го поттикнувате вашето детенце да чекори, затоа што децата во оваа возраст се преполни со енергија и сакаат таа енергија да ја тестираат на своја кожа. Со ваша помош, детенцето ќе може полесно да се справи со својата координација и рамнотежа, а исто така и полесно ќе може да го балансира своето тело.
Од седмиот месец детето почнува да станува позаинтересирано за надворешниот свет, станува поспособно да ја искаже сопствената волја преку насмевка или повик, а тука е и поголемата желба и за движење.
За нашите неуморни гимнастичари, ова правило е она до кое треба да се придржувамe:
Поттикнување – почит – подготвеност.
Поттикнување
Дури и кога коските, мускулите и зглобовите се доволно зрели, детенцето е тоа што ќе се одлучи кога ќе бидат првите чекори. Тоа понекогаш знае да се случи како последица на подигнување од повеќемесечното лазење, а пак некои деца знаат и да ја прескокнат оваа фаза на лазење, па од седечка положба веднаш да преминат на одење. Вие треба успешно да создадете поттикнувачка атмосфера за детенцето, во која тоа ќе почувствува сигурност доволно голема за да се впушти во акција и да ја покаже својата вештина на одење.
Почитувајте го темпото
Родителите не се секогаш свесни дека е потребно време за целиот тој процес да се случи и понекогаш навистина забораваат дека детенцето само си го одредува своето темпо на проодување. Сите родители ќе се согласат со ова затоа што сакаат нивните деца да проодат што е можно побрзо, но, за жал, тоа не се случува секогаш кога тие сметаат дека е дојдено времето за тоа. Овој притисок најчесто доаѓа од околината во која се случува врсниците на вашето бебе одамна да имаат проодено, но треба да знаете дека моментот кога вашето бебе ќе прооди не е никаков знак за детската интелигенција, ниту пак се става во прашање вашата способност како добри родители.
Запомнете, детенцето ќе прооди кога ќе биде подготвено за тоа! Најчесто ги прави првите чекори околу 12-тиот, односно 14-тиот месец од својот живот. Не грижете се, исто така е нормално и многу веројатно вашето бебе да прооди и на 9 или дури и на 18 месеци!
Подготвеност
Стимулирањето е секако добредојдено. Во тоа лежи клучот, но иницијативата е оставена на самото дете. Помеѓу 8. и 10. месец децата се толку желни за нови сознанија и вештини, што тоа ги прави способни да може да се придржуваат за мебелот кој им служи за подигнување во исправена положба. Тогаш не треба вие да го терате детенцето да оди без придржување бидејќи „цврстиот придржувач“ е нормалниот дел од оваа фаза. На пример, ставете ја омилената играчка на детенцето на столот кој е еден метар оддалечен од него или викнете го кај себе и притоа изведувајте интересни звуци. Во оваа фаза особено обрнете внимание на сигурноста на вашето дете. Бидете блиску до детенцето и тргнете ги тешките работи од столот, масата или завесите низ кои тоа би можело да наиде на отпор и да се сопне. Вашето бебе полека, но сигурно ќе почне да ги презема првите пробни чекори и самоиницијативно ќе се стимулира за својата прогресија.
Бидете трпеливи бидејќи сепак тоа е една комбинација од повеќемесечни обиди и грешки, а исто така тоа е и доказ дека бебето конечно ги усвоило најкомпликуваните движења кои човечкото тело е способно да ги изведе – исправениот од.
Мали, но ситни чекори до голем успех – чекор по чекор.
Авторката е доктор по општа медицина
912