Од моментот кога ќе забремените, па сѐ до неколку недели по породувањето, вашите хормони ќе дивеат. Еве што се случува во вашето тело од првиот триместар до породувањето

Додека била трудна, Хелена не била при себе. Во првите неколку недели од бременоста страдала од голема вознемиреност и силни промени во расположението, нешто што дотогаш не го доживеала.

– Мојата вознемиреност беше неподнослива – вели таа. Имало моменти кога не можела да излезе од автомобилот затоа што се чувствувала очајно. Таа, исто така, страдала од мачнини во текот на денот. Кога конечно се смириле, некаде во петтиот месец од бременоста, наишла на уште еден непријатен симптом на бременоста, болки во грбот.

– Беше болно. Лежев в кревет навечер и плачев – вели таа. Нејзините тегоби можеби изгледаат неповрзани, но како што излезе, сите биле предизвикани од истиот виновник – хормоналната промена за време на бременоста.

Хормони во првиот триместар

Првиот триместар може да биде исклучително болен. Вашето тело прави сѐ за да се развие тој мал ембрион. Волуменот на крвта се зголемува, имунолошкиот систем се менува за да го заштити фетусот, а крвотокот е проникнат со куп хормони.

Кога ќе забремените, прогестеронот и естрогенот, хормоните кои се дел од вашиот нормален менструален циклус, драстично се зголемуваат и почнуваат да произведуваат нов хормон, кој е специфичен за бременоста, наречен човечки хорионски гонадотропин или бета Ха-це-ге и се лачи од плацентарното ткиво.

Прогестеронот е првенствено важен за бременоста бидејќи ја подготвува слузницата на матката за имплантација и дејствува како мускулен релаксант, спречувајќи ги контракциите на матката додека не започне породувањето. Но, истите овие својства за релаксирање на мускулите може да предизвикаат и запек бидејќи го забавуваат дигестивниот тракт.

Прогестеронот е, исто така, поврзан со оваа класична предменструална раздразливост, а бидејќи нивото на прогестерон останува покачено за време на бременоста, промените во расположението може да бидат несакан ефект. Промените на расположението се всушност она што ја поттикна Хелен да направи тест за бременост.

Во меѓувреме, естрогенот помага во регулирањето на прогестеронот, додека ја одржува слузницата на ендометриумот, која е од витално значење за развојот на бебето. Се верува дека естрогенот стимулира зголемен проток на крв, што е важно за исхраната на бебето, но дополнителниот проток на крв има несакан ефект што ги прави вашите гради болни и чувствителни на допир.

Зголемениот проток на крв, исто така, може да доведе до затнат нос, што многу жени го доживуваат за време на бременоста, бидејќи предизвикува отекување на мукозните мембрани. Еден од симптомите е честото мокрење, бидејќи бубрезите го обработуваат вишокот течност, а матката го притиска мочниот меур. За среќа, тука е и предноста од ова зголемување, а тоа е здравиот сјај на кожата во бременоста.

Човечкиот хорионски гонадотропин или бета Ха-це-ге е познат како хормон за бременост бидејќи се произведува исклучиво во бременоста. Домашните тестови за бременост реагираат на Ха-це-ге во урината. За време на бременоста, нивото на Ха-це-ге ќе се зголеми брзо, двојно се зголемува на секои неколку дена, пред да го достигне својот врв.

Иако не постои дефинитивен научен заклучок за тоа што точно предизвикува утринска мачнина, често се смета дека Ха-це-ге е еден од виновниците. Ако сте бремени со близнаци, гадењето може да биде посилно бидејќи телото произведува повеќе Ха-це-ге. Може да имате зголемено чувство за мирис, што може да биде поврзано со нивото на Ха-це-ге и да го зголеми гадењето. Бидејќи Ха-це-ге го достигнува својот врв од 8. до 11. недела, некои жени, за жал не сите, почнуваат да чувствуваат олеснување по почетокот на вториот триместар.

Тироидните хормони помагаат да се регулира метаболизмот на секоја клетка во вашето тело. Кога ќе забремените, тироидните хормони мора да се зголемат за да го поддржат невроразвојот и развојот на коските на вашето бебе.

Хормонот за стимулирање на тироидната жлезда, тиротропин, се произведува во хипофизата и помага во регулирањето на другите важни тироидни хормони. Зголемувањето на Ха-це-ге и естрогенот може дополнително да ја стимулира тироидната жлезда, особено кај некој што очекува близнаци.

Хормони во вториот триместар

Вториот триместар е општо познат како „најдобар триместар“ бидејќи околу 13. недела многу жени почнуваат повторно да се чувствуваат добро. Гадењето исчезнува, но ќе забележите и други промени.

Во вториот триместар естрогенот и прогестеронот продолжуваат да се зголемуваат за да му помогнат на бебето да се развие. Овие хормони стимулираат хормон кој ги стимулира меланоцитите. Ги поттикнува меланоцитните клетки во кожата да произведуваат меланин, кој му дава боја на вашиот тен. Како резултат на тоа, некои жени може да забележат „маска на бременоста“, инаку позната како мелазма, која предизвикува кафени или сиви дамки околу лицето. Може да забележите и дека се појавила темна линија која се качува по стомакот, наречена „линеа нигра“ и дека вашите брадавици потемнуваат, заедно со поизразени бенки. За среќа, сето ова обично исчезнува по породувањето. Во оваа фаза, благодарение на растот на естрогенот, вашата коса исто така може да почне да расте побрзо.

И кортизолот се зголемува за време на бременоста, но и покрај сето она што сте го слушнале за овој хормон на стрес, тоа не е толку лошо. Кортизолот е важен за фетусот во развој бидејќи помага во регулирање на метаболизмот и контрола на нивото на шеќер во крвта. Високото ниво на кортизол, исто така, може да се поврзе со некои од тие несреќни симптоми, како што се стрии, проблеми со крвниот притисок и дополнително црвенило на лицето и на образите.

Хормони во третиот триместар

Во текот на овој триместар вашето бебе почнува да се здебелува, па телото почнува да лачи повеќе од некои од хормоните што ќе му бидат потребни по раѓањето.

Естрогенот и прогестеронот го достигнуваат врвот околу 32. недела, а нивоата на естроген се највисоки што некогаш ќе бидат, шестпати повисоки отколку пред бременоста. Сега може да забележите оток околу глуждовите и стапалата. Иако тие можат да бидат поврзани со лимфниот систем, естрогенот исто така игра улога бидејќи е индиректно вклучен во синтезата на хормоните поврзани со задржување сол и вода.

Во доцната бременост, жените може да доживеат рефлукс на киселина бидејќи прогестеронот го релаксирал сфинктерот во хранопроводот, дозволувајќи им на храната и на стомачната киселина да се вратат. Во меѓувреме, релаксинот помага да се релаксираат мускулите на дното на карлицата, кон крајот на бременоста, за да се подготват за породување.

Пролактинот, хормон кој го стимулира развојот на ткивото на дојката и го подготвува за лактација, се зголемува во третиот триместар. Пролактинот е 10 пати поголем на крајот од бременоста отколку на почетокот. Иако вашето тело всушност не произведува млеко додека не паднат прогестеронот и естрогенот, тоа почнува да се подготвува за колострумот, првото млеко што го произведувате за вашето бебе додека сѐ уште сте бремени.

Лекарите не знаат точно што го предизвикува породувањето, но се смета дека тоа е сложена каскада на настани, вклучувајќи зголемување на хормонот окситоцин и намалување на прогестеронот. Всушност, ако ви треба индуцирано породување, вашиот лекар може да ви даде синтетички окситоцин. Окситоцинот, исто така, произведува контракции што му се потребни на вашето тело за да ја исфрли плацентата по породувањето. Окситоцинот и естрогенот помагаат во ослободувањето на простагландините, кои ќе го омекнат грлото на матката и ќе го подготват за породување, а релаксинот се зголемува за да се олабават лигаментите, дополнително да се омекне и да се отвори грлото на матката.

Постпородилни хормони

По породувањето, ендорфините, хормоните на благосостојбата, кои помагаат да се потисне болката, се високи дури 24 часа. Но веќе третиот и четвртиот ден сериозно паѓаат. Откако телото ќе ја исфрли плацентата, сите хормони што ги произвело, како што се естрогенот, прогестеронот, релаксинот, Ха-це-ге и Ха-пе-ел, исчезнуваат со неа. Многу жени почнуваат да чувствуваат „бејби блуз“, а веројатно сте и ненаспани. Недостигот на сон е многу јасно поврзан со кортизолот, хормонот на стрес, кој исто така влијае врз начинот на кој се чувствувате.

За одреден процент од жените, тој „бејби блуз“ ќе се претвори во постпородилна депресија. По неколку месеци, доколку симптомите не ви се подобрат, вашиот лекар може да ви препише антидепресиви кои ќе ви помогнат да излезете од кризата.

Хормоналните промени по породувањето не се секогаш лоши. Кога бебето почнува да цица, пролактинот се зголемува и го стимулира производството на млеко. Нивото на пролактин се зголемува и ноќе, па колку и да е тоа ноќно хранење исцрпувачко, всушност помага да се воспостави снабдување со млеко.

Доењето и контактот кожа на кожа, исто така, предизвикуваат ослободување на окситоцин, кој понекогаш се нарекува „хормон на љубовта“ бидејќи помага да се поврзат бебето и мајката. Окситоцинот помага да се ослободи млекото за време на доењето, но бидејќи ги стимулира контракциите на матката, некои жени може да доживеат и болни грчеви за време на доењето, неколку недели по породувањето.

На крајот, по враќањето на менструалниот циклус, телото ќе се врати во нормала.

Извор



912

X