Децата што поминуваат многу време на море или во близина на реки или езера имаат подобро ментално здравје како возрасни, покажа новото истражување.

Многу истражувања покажаа дека престојот во природа, во и околу зелените површини како паркови и шуми во зрелоста има многубројни позитивни ефекти врз физичкото, емоционалното и менталното здравје. Сепак, многу помалку знаеме за придобивките од сините простори (мориња, реки и езера), особено за придобивките од растењето во близина на такви простори.

Сепак, неодамнешно истражување ги истражуваше потенцијалните предности на растењето во близина на т.н. сини површини. Со други зборови, научниците одлучиле да истражат како влијае растењето во близина на море, езера и реки врз луѓето, а резултатите од истражувањето се сосема очекувани: растењето покрај море има многу позитивни ефекти врз здравјето и нашата благосостојба. Дополнително, различните активности на море, како нуркање и пливање, доколку се практикуваат од мали нозе, може да го подобрат здравјето на децата на долг рок.

Истражувањето координирано од Европскиот центар за животна средина и човеково здравје на Универзитетот во Ексетер беше спроведено во 18 земји и покажа дека поминувањето време во близина на море или слатка вода може да го подобри менталното здравје.

Во истражувањето учествувале повеќе од 15.000 луѓе од 14 европски земји и Хонгконг, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Од учесниците било побарано да се потсетат на нивните искуства кога престојувале во „сините зони“ на возраст од 16 години, вклучувајќи колку често ги посетувале, колку им биле блиску и колку нивните родители им дозволувале да играат во тие области.

Истражувањето покажа дека оние што имале контакт и искуства со сините зони во текот на детството им придаваат поголема вредност на природните средини и имаат поголема веројатност да ги посетуваат како возрасни. Како резултат на тоа, поминувањето време на овие места е поврзано со подобра ментална состојба.

– Со оглед на тоа што живееме во индустриски развиен свет, важно е да се разбере како искуствата да се биде во природа се поврзани со благосостојбата подоцна во животот. Нашите наоди посочуваат дека престојот близу вода во детството има корисни последици за менталното здравје во зрелоста – вели Валерија Витале, водечки автор на истражувањето.

Што е тоа во водата што нè привлекува на начин што може да го подобри нашето ментално здравје и на крајот дури и нашата физичка состојба? Постојат секакви интригантни можности. Еден од нив е тоа што се развивме во близок контакт со природата. Очигледно на нашето тело му е потребно да остане што повеќе во природната, оригинална средина.

– Водата може да биде опасна за децата, а родителите со право се претпазливи. Но, ова истражување покажува дека децата треба да се охрабруваат да се чувствуваат удобно во такви средини и да развиваат вештини како што се пливање или нуркање бидејќи тоа може да го подобри нивното здравје – вели д-р Леан Мартин, коавторка и научен соработник на Европскиот центар за животна средина и здравје на Универзитетот во Ексетер.

Со други зборови, да се биде во природа, во близина на море, шуми, езера, е важно и апсолутно неопходно за здрав ментален и физички развој на нашите деца, а ако вашите деца растат во близина на море, реки или езера, тогаш тие навистина имаат среќа.

Извор



912

X