„Немој да пиеш кафе, ќе ти порасне опашка“ – колку пати сте ја слушнале и веројатно сте ја изговориле оваа реченица? Сите знаеме дека децата не треба да пијат кафе, но погледнете што велат научниците во врска со теоријата дека кофеинот го забавува растот на детето.

Една од причините зошто кафето не им се дава на децата е раширеното верување дека пијалак со кофеин може да го запре растот на децата. Дали има вистина во тоа?

Одговорот е не. Не постојат докази дека кафето или кофеинот го запира растот и развојот на детето.

Наместо тоа, растот на една личност во голема мера е воден од други фактори. На пример, се смета дека стотици досега идентификувани гени се одговорни за приближно 16 отсто од растот на една личност.

Исто така, важна улога игра и општата здравствена состојба на детето. На пример, повторена инфекција во раното детство може да го забави растот на коските, што е прикажано од голем број различни истражувања. Колкав пристап има детето до важни нутриционистички потреби, како што е млекото, во раните години, исто така влијае врз висината, како и исхраната на мајката за време на бременоста, покажува истражувањето објавено во списанието „Нутришн рисрч ривју“.

Зошто некои луѓе и понатаму веруваат дека кафето може да го запре растот на детето?

Никој навистина не знае, но постојат неколку теории. Во 80-тите години неколку истражувања покажале дека луѓето што редовно консумирале кафе имале зголемен ризик од остеопороза, бидејќи кофеинот може да доведе до зголемена екскреција на калциум, иако ефектот бил мал.

Ако кофеинот е во состојба да ги ослаби коските, тогаш е можно поголемо консумирање во детството да доведе до помал раст. Сепак, се покажа дека постои и друга варијабла во играта: луѓето што пијат кафе, исто така, имаат тенденција да консумираат помалку млеко, главниот извор на калциум. Со други зборови, проблемот веројатно не бил кафето, туку недоволниот внес на калциум.

Подоцнежните истражувања не пронашле врска помеѓу остеопорозата и пиењето кафе.

Друга идеја е дека многу истражувања го поврзуваат пиењето кафе со позитивните и негативните здравствени ефекти, што само ја зголемува забуната.

Друга теорија, фаворизирана од Двејн Мелор, нутриционист од Универзитетот „Астон“ во Велика Британија, гласи дека митот произлегува од препораката бремените жени да го ограничат внесот на кофеин бидејќи некои истражувања ја поврзуваат изложеноста на фетусот на кофеин со поголем ризик од спонтан абортус.

Сепак, овие истражувања имале ограничувања. Доказите во моментов не се убедливи, па Светската здравствена организација (СЗО) сега советува бремените жени да го ограничат консумирањето на кофеин, но не мора целосно да го избегнуваат, за да се намали можниот ризик од спонтан абортус и ниска родилна тежина кај новороденчињата.

Значи, науката е јасна: кафето не го запира растот на децата.

– Слабото кафе, како белото кафе, веројатно не е голем проблем како што се газираните пијалаци, кои играат важна улога во создавањето на кариес. Сигурно не би му дале на детето силно кафе, но јас повеќе сум загрижен за благите пијалаци, како соковите – вели Мелор.

Мелор советува да не им се дава кафе на децата од друга причина – кофеинот може да предизвика зголемена анксиозност, висок крвен притисок и може да го попречи спиењето.

Кофеинот од кафето може да ги предизвика истите овие проблеми и кај возрасните. Децата имаат помало тело, па истите количини на кофеин може да имаат поизразени ефекти врз нив. Од таа причина, Американската академија за педијатрија препорачува малите деца да не пијат кафе, а адолесцентите да го ограничат.

Извор



912

X