Кога ги гледаме малите бебиња, прво кај нив ќе забележиме мавтање со рацете и нозете. Децата имаат инстинктивна потреба за движење, преку кое добиваат разбирање за сопственото тело и односите во просторот. Со текот на времето, низ процесот на созревање и стекнување искуство, детето развива контрола врз движењата, успева да ги претвори во насочени активности, со кои учи за себе и за светот околу него. Моторниот развој започнува уште тогаш.

Моторен развој

Така, со набљудување и ставање на рацете во устата, детето го тренира видот и ги зајакнува мускулите на лицето, кои се важни за подоцнежниот развој на говорот, а околината ја истражува преку фаќање предмети. Така, иако лежат, децата се трудат уште од првиот ден. Детето на самиот почеток поголемиот дел од времето го поминува во спиење и јадење. Но, веќе на возраст од еден месец ќе забележите некои промени. Детето е повеќе будно, почнува да слуша кога му зборувате, ве гледа и повремено се движи за да го привлече вашето внимание.

На возраст од три месеци детето станува активно. Постепено губи многу новородени рефлекси и постигнува доброволна контрола на своето тело. До деветтиот месец од животот детето претрпува големи промени. Тоа учи да ги координира своите перцептивни способности (вид, допир и слух) и со учење на моторичките вештини развива способност да фаќа предмети, да се превртува од стомак на грб и од грб на стомак, па дури и да седи.

До 12-месечна возраст детето ќе стане многу подвижно. Способноста да се движи од едно до друго место ќе му го даде првото искуство на независност. Детето што влегува во втората година од животот почнува да оди и полека да зборува. Се качува на мебелот, трча несмасно, црта по ѕидовите и најмногу се забавува тестирајќи ги границите.

На возраст меѓу втората и третата година детето, заедно со испитувањето на границите, почнува да ги забележува врсниците и се вклучува во првите форми на игра. Трча, скока босо, со помош и поддршка стои на едната нога, оди на прсти, вози трицикл.

Степенот на моторен развој му овозможува да биде понезависно, па сега може да се храни, да ги отвора вратите, да држи чаша во едната рака, да ги мие рацете и само да се облекува.

Играјте и следете го моторниот развој

Развојот на секоја моторна вештина (фаќање, вртење, самостојно седење, ползење, стоење, одење со поддршка или самостојно одење) бара исклучителни напори од детето, при кои се соочува со многу нови предизвици. Успехот и брзината во совладувањето различни вештини зависат од генетските предиспозиции, но и од количината и условите на вежбање. Затоа, потребно е на детето да му се обезбедат услови за вежбање.

За да може детето да стане свесно за своето тело, потребно е да му се обезбеди што повеќе физички контакт, нежно да се разговара со него, да се воспостави контакт со очите. За таа цел, корисни се масажите во кои ќе уживате и вие и детето, додека скокоткањето и поттикнувањето на смеењето ќе ги зајакнат стомачните мускули.

Кога му покажувате на вашето дете играчки, тропалки и слично, направете го тоа на растојание од еден метар за да може детето да се фокусира. Поместувајте ја играчката полека во сите правци. Детето, следејќи го предметот со очите, во исто време подобро ќе ја контролира главата.

За да го поттикнете вашето малечко да ги активира рацете, дајте му нараквици со ѕвончиња. Звукот ќе го мотивира да истражува.

Време е за игра

Кога детето доволно ќе ги зајакне мускулите на вратот, време е за игри на подот. Потоа често менувајте ги неговите позиции. Кога ќе го легнете на стомак, поставете играчки околу него кои ќе го мотивираат да го подигне трупот.

Додека детето лежи на грб, користете предмети за да посегнува по нив. Оние што испуштаат звук при допир се особено мотивирачки. Користете и различни текстури што децата сакаат да ги истражуваат.

Подоцна, поминувајте време на под, на игралишта, во паркови и во природа. Ова се најдобрите „полигони“ за вежбање. На таа возраст е можно да се види и процени дали моторниот развој на бебето оди во „вистинската насока“.

Поттикнете ги рамнотежата и подвижноста со поставување разни предмети околу детето кое седи. Користете предмети што детето може безбедно да ги стави во устата. Различни кутии, пластични шишиња и шушкави хартии се најинтересните играчки. Станете активен учесник во играта. Охрабрете го детето да дава и да зема предмети („дај ми“, „повели“), изградете кула и радувајте се со вашето дете кога ќе успее да ја сруши. Гледајте сликовници и охрабрете го да покажува со прстот.

Играјте „криенка“ (на пр., покријте се со кујнска крпа и оставете го детето да ве најде или покријте го него и оставете го да се ослободи од крпата).

Тркалајте ја топката на подот и замолете го детето да ја истркала кон вас. Не чувајте играчки во кутии, туку ставете ги на различни, достапни места за детето, за да го поттикнете да се движи.

Следете ја возраста на вашето малечко

Следете ги развојот и способностите на вашето дете. Моторниот развој нека оди во согласност со возраста на детето. Охрабрете го да се занимава со активности соодветни на неговата возраст и неговите способности, бидејќи тие уште тогаш се стимулативни за детето. Со текот на времето, дозволете му да манипулира со мали предмети за да развие „фат за пинцета“ (фаќање мали предмети со палецот и показалецот).

Охрабрете го детето самостојно да се храни, но никогаш не оставајте го без надзор и бидете наклонети кон правењето неред.

Претворете го капењето во игралиште. Користете чаши и истурајте ја водата без страв дека ќе направите неред, користете сунѓери, кои детето ќе ги исцеди и на тој начин ќе ги зацврсти рацете.

Чкртајте со креда на табла, на тротоар… Цртајте со прсти и дланки, со боички, фломастери… Кинете хартија, сечете со ножици, користете лепило. Вклучете го вашето дете во сортирањето на алиштата, поставувањето на масата, закачувањето алиштата со куки… Сето тоа се активности кои развиваат умешност.

Несмасни деца и моторен развој

Ако детето не сака да учествува во некоја активност, тоа е показател дека активноста му е тешка. Не игнорирајте го тој факт!

Охрабрете го и следете го вашето дете и неговиот моторен развој. Доколку забележите отстапувања, контактирајте специјалист бидејќи грубите моторни тешкотии се присутни кај околу 15% од децата. Овде, во повеќето случаи, имаме работа со „несмасни“ деца.
Овие тешкотии влијаат врз развојот на многу вештини, како што се фината моторика (неопходна за совладување на училишниот материјал), моторно планирање (на пр., колку брзо треба да трча за да фати топка), координација и многу други.

Последиците од овие тешкотии може да се одразат врз самодовербата (одбивање да учествуваат во нови активности), социјалниот развој (исклучување на „несмасните“ деца од игра), однесувањето, учењето, меморијата итн.

Моторниот развој е важна основа за севкупниот развој на децата. Тоа е „моторот“ што ја поттикнува детската љубопитност за стекнување искуства од кои децата учат сè друго. Човечкото тело е неоформено при раѓањето и неговиот развој зависи од предизвиците и стимулацијата од околината. Бидете свесни за ова и ползете, трчајте, качувајте се, цртајте, сечете… играјте си со своето дете!

Валкани раце, искинати шорцови и рана на коленото често се знак за добра забава и стимулирачки развој!

Автор: проф. Наташа Чичин Шаин – дефектолог/ проф. Стела Хорват – рехабилитатор

Извор



912

X