Лука има 9 години и тренира кошарка. Тој е капитен на тимот. На неговиот тим му се приклучи ново момче кое ја користи секоја шанса да го исмејува пред соиграчите: – Видете, Лука се сопна… никако не може да игра, Лука е најнискиот во тимот. Се однесува лошо секогаш кога Лука нема да даде кош: – Ха, ха, ха, браво легендо Лука! На тренинг го игнорира Лука и не му ја додава топката, му упатува непримерни коментари и провокации: – Побрзај Лука, па ова не е балет. Го убедува дека не може да се справи со топката иако Лука знае, ги врти соиграчите против Лука: – Лука е виновен, да не погрешеше, немаше да загубиме. Маре, ти играш подобро од Лука, ти треба да бидеш капитен.
Лука ја моли мајка му да го запише во друга школа за кошарка бидејќи новото момче во тимот му прави проблеми. Мајката размислува како да постапи. Како да му помогне на детето, како да го реши проблемот? Добро би ѝ дошол некој совет и покрај тоа што овој проблем ќе се обиде да го реши во соработка со тренерот.
Дали сте се нашле во слична ситуација како мајката на Лука?
Кога ќе се најдеме во такви ситуации, важно е да го поттикнеме детето да се бори и да не се откажува бидејќи ако се повлече сега, утре ќе се повлекува во слични ситуации во животот: на училиште, на игралиште и подоцна на работното место, во општеството… На детето треба да му се испратат следниве пораки:
Зад добар коњ секогаш се крева прашина – Само затоа што тоа ново момче те исмејува и нема да ти ја подаде топката, не значи дека играш лошо. Напротив, тоа што се фокусирал на тебе значи дека оценил дека си добар во кошарка, инаку не би му бил интересен. Можеби оценил дека си еден од најдобрите во тимот и дека го попречуваш во остварувањето на неговите цели, можеби би сакал да биде капитен, можеби ти завидува или едноставно е несигурен, па те исмејува и мисли дека така тој е поголем. Којзнае зошто ја напуштил претходната школа за кошарка и дошол овде. Можеби тој е всушност несреќно момче кое го исмевале во тоа училиште. Сигурно немаше да ја смени школата доколку играше одлично и беше задоволен од своите достигнувања. Кога некој е среќен и задоволен, нема потреба да ги навредува другите. Ова момче не е тоа, некои негови потреби се незадоволени и се труди да ги задоволи, но на погрешен начин.

Бегањето не е решение на проблемот. Дури и во друга школа за кошарка може да се појави ново момче кое нема да те прифати. Освен тоа, повлекувањето би значело дека ќе му направиш услуга на момчето кое те провоцира. Нека ти биде мотив да работиш напорно и да блеснеш уште посилно на теренот. Имаш свое место во тимот и никој не може да ти го одземе освен ако не го дозволиш тоа. Тој не ти е силна конкуренција бидејќи успехот не се постигнува со омаловажување на другите играчи, туку со работа, вежбање и постигнување резултати. Тој самиот си е најлошата „реклама“.
Пречките не се причина за откажување, пречките може да се надминат. Не откажувај се на првата пречка. Во животот ретко кога нешто се постигнува лесно. Потребни се многу труд, упорност, обиди, грешки и надминување на пречките за да се стигне до целта.
Твоето здравје, среќата и твоето време се премногу скапоцени за да ги трошиш на некој кој не е достоен за твоето внимание. Сигурно не е лесно да се слушаат провокациите, но најдобро би било да се игнорираат. Без расправија, без барање изговори, без трошење време и енергија на него. Тој би сакал неговите коментари да те повредат, да предизвикаат реакција кај тебе, да те видат како плачеш или си гневен, но кога ќе види дека не реагираш, нема да биде заинтересиран и поверојатно е дека ќе престане. Запомни, му ја одземаш моќта кога не реагираш онака како што тој сака да реагираш.
Твоите постапки зборуваат погласно од зборовите. Мора да се покажеш на дело. Не троши време да се расправаш со оној што те критикува и омаловажува, твоите потези и резултати на теренот ќе бидат твојот одговор на неговите коментари од соблекувалната. Фокусирај се на задачата, на она што тренерот ти го кажува. И не заборавај: „Кој последен се смее, најслатко се смее“.
Разоружај го. Тоа ќе го постигнеш со тоа што ќе му покажеш каков пријател си. Кога ќе добиеш шанса, дајте му ја топката иако тој никогаш не ти ја подава, намести му кош. Потсети го дека кошарката е тимски спорт. Не е важно само тоа каков си на теренот, туку колку си добар со топката. Што и да правиш, важно е каква личност си, каков пријател си. Капитенот треба да биде пример за сите членови на тимот.
Автор: Бранка Василев, психолог
Извор