Децата на училишна возраст веројатно веќе се опседнати со социјалните мрежи. Оние деца што ќе наполнат 13 години официјално влегуваат во категоријата тинејџери, што е и старосната граница кога технички им е дозволено да користат профили на социјалните мрежи.

Некои лекари веруваат дека е премногу рано, а шефот на американската служба за јавно здравје, Вивек Мурти, вели дека децата на оваа возраст сè уште го развиваат својот идентитет. Тој вели дека опкружувањето на социјалните медиуми често создава искривен поглед на самопочитта и односите. Тој додава дека знае дека е тешко децата да се држат подалеку од социјалните мрежи поради нивната популарност, но предлага родителите да го одложат создавањето профили на овие медиуми до подоцнежните тинејџерски години.

Сепак, децата ќе најдат начин да пристапат до социјалните медиуми без оглед на родителските ограничувања. Застрашувачки е бројот на деца помлади од 13 години што користат лажни родендени и е-пошта на родителите за да креираат сметки на популарните социјални мрежи, без разлика дали имаат дозвола или не.

Според истражување од 2022 година на „Офком1“, регулатор на комуникациски услуги во Обединетото Кралство, 33 отсто од родителите на деца на возраст од пет до седум години изјавиле дека нивното дете има најмалку еден профил на социјалните мрежи. Околу 60 отсто од децата на возраст од 8 до 11 години имале отворено профил. Тоа значи дека наместо топката и играта, разговорите за време на училишниот распуст меѓу децата од четврто одделение од основно училиште се фокусираат на тоа кој што објавил синоќа на „Инстаграм“ или на „Тик-Ток“.

Несомнено постојат позитивни страни – децата се поврзуваат со своите врсници на социјалните мрежи. Платформите како „Инстаграм“ се полни со инспиративни постови и им овозможуваат на децата креативно да се изразат. Но, родителите треба да бидат свесни и за можна изложеност на онлајн злоупотреба и несоодветна содржина. Особено помладите деца можеби не ги разбираат последиците од нивните постапки на интернет, што може да ги доведе во компромитирачки ситуации. Ова се ризици кои популарната апликација за споделување фотографии ги сфаќа сериозно.

Со текот на годините, „Инстаграм“ воведе голем број безбедносни ажурирања за заштита на децата и тинејџерите на интернет. Некои неодамнешни имплементации се центар за образование за родители, алатки за следење, автоматски приватни сметки за млади корисници, функција „Одмори се“ што го обесхрабрува бескрајното „склорање“ и многу повеќе.

Еди Рувински, директор за инженерство на „Инстаграм“, вели дека следењето на децата не е конечно решение.

– Се работи за тоа дека со децата треба да се има доверба и постојан дијалог за секоја активност што ја прават – вели Рувински.

Разговорот за социјалните мрежи треба да се започне рано

Ана Хомајун, експерт за социјални медиуми која работела со „Инстаграм“ на водичот за родителска безбедност, вели дека родителите треба рано да го започнат разговорот со своите деца за социјалните медиуми.

– Дури и ако децата не се на социјалните мрежи, многумина се онлајн уште од мали нозе и користат различни веб-страници. Според моето искуство, децата не се информирани за „Инстаграм“ и други апликации за социјални медиуми од нивните родители, но учат од пријатели, врсници, постари браќа и сестри и други влијателни поединци. Затоа, важно е родителите да преземат активна улога во поттикнувањето на разговорот – рече Хомајун.

Направете план

– Ја охрабрувам љубопитноста и поставувањето отворени прашања за да им помогнеме на децата да препознаат зошто сакаат да се приклучат на „Инстаграм“, како мислат дека позитивното искуство на „Инстаграм“ би изгледало за нив и на кого можат да се обратат доколку нешто е непријатно. Ова им овозможува проактивно да размислуваат и да имаат позитивно искуство од користењето на мрежата – вели таа.

Приватноста има предност

– Многу луѓе не знаат дека имаат опција за приватност на „Инстаграм“ – вели Лори Малахи, шеф на истражување на „Инстаграм“.

Ставањето на вашиот профил во „приватен“ режим значи дека само одобрените следбеници можат да ја гледаат, коментираат и лајкуваат вашата содржина. Ова би можело да спречи личните податоци на детето да паднат во погрешни раце.

Поттикнете добро однесување на интернет

Добивањето лоши коментари на социјалните мрежи може да ја повреди самодовербата на детето, а пишувањето коментари може да го доведе во неволја. Разговарајте со вашето дете за соодветното однесување на социјалните мрежи и користете ги алатките наведени во водичот за ресурси на „Инстаграм“. На пример, апликацијата ви овозможува да филтрирате навредливи или несоодветни зборови од вашите коментари.

Поставете временско ограничување

Малолетниците сè уште развиваат самодисциплина, па затоа не е невообичаено да поминуваат часови на социјалните мрежи. Работете заедно со децата за да го одредите соодветното време што треба да го поминуваат на социјалните мрежи секој ден, без разлика дали се работи за 15 минути или еден час. Можете, исто така, да ги искористите предностите на контролната табла за активности на „Инстаграм“, која ви овозможува да поставувате потсетници за дневни временски ограничувања, да ги исклучувате известувањата и многу повеќе.

Научете ги децата на одговорност

Сајбер-малтретирањето во денешно време е честа појава. Според Анкетата за ризичното однесување на младите во 2019 година на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), речиси 16 отсто од анкетираните средношколци доживеале сајбер-малтретирање во претходните 12 месеци. За среќа, „Инстаграм“ им овозможува на корисниците да го контролираат малтретирањето со отстранување на коментари со омраза, пријавување негативно однесување и блокирање на поединци.

– Меѓу најважните работи што би сакал мојот син да ги разбере е фактот дека она што се случува на интернет навистина има влијание врз тоа како луѓето се чувствуваат офлајн. Многу е важно тоа да го земат предвид во сè што прават онлајн – вели Иан Спалтер, поранешен директор за дизајн на „Инстаграм“.

Дајте им пример

Знаете дека децата постојано учат од примерот на луѓето околу нив. Со практикување позитивни навики за социјалните мрежи, вие исто така ги подготвувате вашите деца за инспиративно искуство.

Извор



912

X