Алма Чакмазовиќ, стручњак за маркетинг и медиуми во Хрватска, во една пригода ја раскажала реакцијата на својот син – ученик во основно училиште, откако ја гледал рекламата во која се споменуваат „најдобрите виршли во вселената“. Момчето прашало: „Мама, дали има виршли во вселената?“
Развојот на здраво и среќно дете зависи од влијанието на семејството, врсниците и околината, но денес мора да се земат предвид и влијанијата на масовните медиуми. Значењето на медиумите за нашиот секојдневен живот постојано расте и се испреплетува со рапидниот развој на технологијата: и медиумите и технологијата имаат силно влијание врз нашите ставови, вредности, норми и стилот на живеење. Медиумите имаат свое место во животот на детето уште пред да прозборува, многу пред да научи да пишува или чита.
Девојчињата сакаат да бидат вити како тетките на телевизија, момчињата избираат спортови според популарните спортисти
Колку овие тврдења се вистинити, можат да посведочат сите родители: од најмали нозе детето во продавницата ги избира колачите што се вртат по рекламните спотови, бара играчки што ги имаат другарчињата во градинка, сака тетратки со популарните ликови, како „Хелоу Кити“, често не сака да облече патики што не се брендирани, сака свој мобилен телефон и има желба да отвори свој профил на „Фејсбук“. Девојчињата сакаат да бидат вити како тетките на телевизија, момчињата избираат спортови според популарните спортисти што се присутни во медиумите…
Доколку како родители ваквите и слични примери му ги припишувате на влијанието на врсниците, тогаш не сте ги зеле предвид потенцијалните влијанија на консумеристичките пораки што се присутни во рекламите, како и влијанието на посуптилните медиумски пораки содржани во телевизиските програми, печатот или интернетот и кои на некој начин веќе се навлезени и во образовниот систем.
Ние, возрасните, сме тие што одлучуваат кои содржини се соодветни за нашите деца или, пак, се дел од нивните воншколски активности, но понекогаш и самите не сме свесни колку медиумите влијаат врз нашите сопствени избори и колку медиумската реалност е креирана во дисхармонија со вистинската реалност. Медиумските факти и вредности ги поставуваме како стандард според кој и самите ги проценуваме своите искуства и однесување: од убавина и здравје до постигнување успех.
Како да ги научиме децата да бидат критични кон медиумите
Што треба да направите? Како родители, многу е важно да бидете свесни дека освен многубројните позитивни едукативни влијанија, медиумите силно го обликуваат и секојдневието на вашите деца. Пред сè, важно е истовремено да вложувате и во вашата медиумска писменост и во писменоста на вашите деца. Медиумската писменост подразбира развој на критичка свест кон медиумските содржини и анализа на реалноста што ни се сервира.
Во тоа можат да помогнат прашања од типот: „Кој ја платил оваа реклама/информација?“ „Дали ова што се прикажува е навистина можно?“ „Постои ли нешто што не се споменува во оваа реклама?“ „Дали зад оваа информација се крие нечиј интерес?“
Важно е ваквите прашања да си ги поставуваме во секојдневниот живот и да ги подучуваме децата да го прават истото. Се разбира, образовниот систем и учителите би требало да го имаат истиот пристап и да го форсираат и во училиштата. На тој начин развиваме критичко мислење и поттикнуваме самостојно одлучување кај децата, а тоа придонесува да станат поодговорни кон себе и кон другите.
Бидете во чекор со технологијата
Со развивање на критичката свест, медиумската писменост често значи дека вие како родител треба да вложите напор да бидете во чекор со технологијата за да можете да ги следите знаењата и навиките на вашите деца. Улогата на родителот е да го научи детето да прави разлика меѓу вистинската и медиумската реалност. Тоа можете да го постигнете преку заедничко гледање телевизија или читање весници, но и преку вклучување на децата во донесувањето одлуки во изборот на воншколски активности, како и анализа на вредносниот систем што на децата им го сервира образовниот систем.
Кога ќе забележите содржина што не соодветствува на вистинската состојба на работите, важно е тоа да му го објасните на детето. Клучот е во деконструкцијата на содржините што ги нудат медиумите, а не во контролата: важно е да ги научиме децата критички да ги примаат информациите.