Воспитување

Научете го детето да си игра

До шестиот месец повеќето деца немаат видлива реакција на другите деца, па и нивните интеракции се многу скромни. На малечките деца им се допаѓа кога постари деца ги забавуваат и се трудат околу нив, но тоа не значи дека се способни да си играат со нив бидејќи тоа е процес што се учи. Можеби вашето дете уште на една година ќе посака да му ја даде играчката на врсникот, или можеби ќе посака да ја грабне неговата, не грижејќи се за бурната реакција што ја предизвикало, па затоа треба да се вооружите со трпение додека не почне да се социјализира.

Конфликтите меѓу децата најчесто избиваат поради играчките и поради различните гледања на правилата на играта, а каде што има конфликти, таму има и бурни реакции, плачење, викање, па дури и тепање. Кај малите деца тоа брзо се завршува штом возрасно лице ќе се вклучи во решавањето на проблемот, па затоа треба да се искористи секоја таква можност да му се предочи дека најубаво е да си играат заедно.

Се разбира дека не е можно преку ноќ да го научите како да си игра, а најчесто ни до четвртата година, но не значи дека не треба да му повторувате дека може да си игра со врсниците само според правилата што ќе ги задоволат сите.

За да успеете во тоа, користете позитивни поттикнувања, а не принуда. Никогаш не земајте му ја омилената играчка за да ја дадете на друго дете, никогаш пред други не велете му дека е себично и саможивно, дека е лошо другарче, дека никој нема да игра со него. Сето ова е контрапродуктивно, за разлика од пофалбите кои треба да му ги упатувате секогаш кога своеволно ќе посака да сподели нешто со другите деца. Додека не потпорасне, додека не наполни барем четири години, и додека не почне да ги прифаќа општествените норми што владеат меѓу возрасните, поттикнувајте го на игри што не подразбираат давање.

За тоа идеални се играњето фудбал или подавањето топка, бидејќи топката не е само за еден играч, градење кули и куќички од коцки, бидејќи четири раце побрзо градат, „готвење“ ручек, „лекување“ кукли и сите активности на отворено, како правење Снешко Белчо…

За жал, и овие игри често ги ставаат детските чувства на тест, па ќе биде потребна и ваша интервенција. Доволно е другото дете да шутира посилно, побрзо да реди коцки и повешто да се искачува по скалите на тобоганот за вашето дете да посака да се откаже од играњето и да ја расипе играта. Не грижете се ни за тоа, ќе научи со текот на времето.
Важно е само да не толерирате напади на гнев, фрлање играчки, туркање или навредување на другите деца. Прекинете ја играта, оддалечете го, дајте му можност да се смири, па трпеливо предочете му ги правилата. Објаснете му дека не може и не мора во сѐ да биде најдобро, дека со текот на времето ќе научи и дека дотогаш треба да го негува другарството. Тоа брзо ќе научи дека ако сака да си игра со другите, мора да биде флексибилно и приспособливо. Најважно е да не го казнувате и да не го исклучувате од друштвото бидејќи така не ќе може да научи што е посакувано однесување, но затоа ќе формира лоша слика за себе, која тешко ќе ја отфрли подоцна.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top