Родителите често се прашуваат дали нивната задача е постојано да ги забавуваат децата, да им ги збогатуваат деновите со разни активности и стимулации, но децата одново и одново покажуваат со своето однесување дека се тука за да нѐ забават, да нѐ задржат во моментот и да ги претворат секојдневните бавни моменти во магија. Во културата што ја слави зафатеноста, храброст е да се забави. Децата се нашите најголеми учители за постоењето во моментот, а наше е да препознаеме кога им е потребен одмор и чекор подалеку од премногу активности и стимули.
Трејси Жилет, уредничка на блогот „Рејзд гуд“, пишува како можеме да им дозволиме на нашите деца што е можно повеќе едноставни и бавни моменти и на тој начин да го зачуваме нивното ментално здравје.
Намалете го бројот на играчки
Уредувањето на домот е првиот чекор во градењето чувство на слобода и неоптоварување, а тоа особено се однесува на детските играчки. Можеби изгледа необично, но колку помалку играчки има детето, толку повеќе ќе игра.
Кога нема многу играчки, детето учи да го цени она што го има и подобро ги гледа можностите за имагинативна игра. Тоа повеќе истражува, измислува игри и ја развива својата имагинација.
Филтрирајте ги информациите за „возрасни“
Иако е добро детето да биде свесно за светот околу него, и за добрите и за лошите работи, мора да бидеме свесни дека постои граница до која детето може да разбере и да обработи одредени теми. Понекогаш мислиме дека со интензивно изложување на реалноста ги подготвуваме за светот на возрасните, но тоа често се покажува како контрапродуктивно и му создава траума на детето.
Гледајте вести откако вашето дете ќе заспие. Ограничете ги тешките разговори кои ја вклучуваат вашата грижа за ситуацијата.
Тргнете се од екранот
За децата велиме дека се зависници од екрани, сè додека тие не ни речат да се тргнеме од нашите мобилни телефони. Дури тогаш сфаќаме колку време трошиме на мобилните телефони, електронската пошта и социјалните мрежи, кога нашите деца ќе забележат дека не сме присутни и заинтересирани за нив.
Воведете едноставни правила за целото семејство и ограничете ја употребата на екраните по работното време, за време на викендите и за време на дружбата со други луѓе. На тој начин вашето дете помалку ќе бара екрани бидејќи вие со вашиот пример ќе му покажете колку забава може да се направи без екран.
Воведете интересни ритуали
Излезете во парк или шума и соберете камчиња со интересни форми, паднати плодови од дрвја, лисја или гранчиња во кошница. Охрабрете ги децата да ја истражуваат природата и да најдат инспирација за игра во неа.

Одете со вашето дете во библиотеката во соседството, позајмете книга и потоа седнете на какао или чај. Купувајте заедно во маркет и наградете се со сладолед. Малите семејни ритуали остануваат засекогаш во спомените.
Поедноставете го ритамот на животот
Авторката на „Симплисити парентинг“, Ким Џон Пејн, го опишува секојдневниот живот како песна со високи и ниски тонови. Високите тонови вклучуваат училиште, спортски активности, часови по музика, роденденски забави итн. Ниските тонови вклучуваат прошетки со кучето, сладолед со тато или играње со топка во дворот.
Важно е децата да имаат доволно ниски тонови, односно опуштени моменти во денот за да се ослободат од напнатоста и стресот во секојдневниот живот. Ова е, исто така, прекрасен начин за поврзување со децата.
Ослободете го вашиот распоред
Кога децата трчаат од една активност на друга, а често и на пат, играјќи игри на мобилни во автомобилот, нивниот мозок постојано се стимулира. Детето кое нема доволно време за одмор или досада секогаш ќе бара некоја надворешна стимулација, активност или забава.
Одвојувањето време за слободна игра е поважно од организирањето разни активности бидејќи слободната игра ги развива креативноста, самодовербата и ги прави децата посреќни.
Излезете надвор
Поминувањето време надвор со децата никогаш не е грешка, без разлика дали сте во парк, шума, плажа или шетате низ соседството. Природата дава бескрајни можности за здрава стимулација, креативност и градење самодоверба.
Автор: Ричард Лоув
Извор