Има многу работи на кои родителите треба да ги научат своите деца за да пораснат во независни, задоволни луѓе. Една од важните вештини што треба да ги стекнат малечките е да се снаоѓаат сами, бидејќи мајката и таткото нема секогаш да можат да го направат тоа наместо нив.

Зошто е важно децата да научат да се снаоѓаат сами?

Оваа вештина ќе им донесе многу добри работи на најмалите, а меѓу другото ќе им помогне да изградат самодоверба, издржливост и самоувереност (борење за лични права и изразување мисли и чувства, но со почит кон другите). Исто така, ќе бидат поспремни да се справат со предизвиците во животот, да одржуваат здрави меѓучовечки односи, но и јасно да зборуваат за своите потреби.

– Децата што имаат самодоверба се задоволни со тоа што се – тие не се преправаат дека се некој друг, слободоумни се и ги поддржуваат оние што се разликуваат од нив – вели клиничкиот психолог Мелани Мекнали.

Малите деца ќе имаат корист и од учењето како да се залагаат за себе во односите со своите врсници. „Децата со самодоверба се поинклузивни, имаат сочувство за другите и се похрабри да интервенираат кога ќе видат дека некој друг е малтретиран“.

Заложбата за себе вклучува здрава рамнотежа помеѓу детето кое јасно ги изразува своите потреби, но и разбирање кон другите, а еве како да ги научите децата на тоа:

Научете го детето да ги именува чувствата

Кога детето ќе го прошири својот емоционален речник и ќе му покажете како да го прифати она што го чувствува, тоа е на добар пат да стане самосвесно.

– Децата мора да научат да бидат свесни за емоциите пред да можат да зборуваат за нив. Ова е основата на самоувереноста бидејќи треба да знаеме дали сме ОК со нешто што се случува околу нас, или не – вели психологот Мекнали.

Изјавите „Се чувствувам…“ нека бидат дел од секојдневната комуникација во семејството

Кога родителите јасно зборуваат за тоа како се чувствуваат, тие им ја пренесуваат оваа непроценлива вештина на своите деца, што е одлична основа за детето подоцна да може да ги изрази своите потреби.

Психологот дава пример:

-Родителот може да му каже на детето: „Се чувствувам фрустрирано затоа што ти реков да ги измиеш садовите три пати. Сакам да престанеш со тоа што го правиш и кога ќе те викнам по име, всушност да ме слушаш“.

Гледајте филмови, емисии, читајте приказни кои покажуваат асертивност

Кога гледате телевизија или читате книга со вашето дете, помага ако паузирате кога ликот во филмот или книгата има шанса да биде асертивен.

– Прашајте го детето што мисли, како се чувствува тој лик и како мисли дека треба да се реши таа ситуација – предлага психологот. Продолжете да гледате или да читате за да видите што се случува во филмот или книгата, а потоа паузирајте за да разговарате што вашето дете би направило поинаку и зошто.

Дозволете му на вашето дете да поставува граници дома

Многумина не научуваат да поставуваат граници додека не пораснат, па затоа дајте му можност на вашето дете да започне рано со тоа што ќе го научите дека има право да каже „не“ на прегратки или други форми на контакт со други луѓе.

– Сакаме да ги научиме децата дека имаат право да кажат кога се чувствуваат непријатно или небезбедно и не само дека имаат право, туку и дека нивното барање ќе се почитува – вели психологот Мекнали.

Таа истакнува дека кога детето ќе добие самодоверба да поставува граници дома, полека ќе научи да го прави тоа на кое било друго место и ќе има самодоверба да се заложи за себе.

Покажете му асертивност во реалниот свет

На крајот, децата најмногу учат од примерот што им го даваат нивните родители, затоа покажете му на вашето малечко начини како учтиво да одбие физички контакт со некого или да прекине нечие наметливо испрашување.

– Со тоа што ќе му покажете асертивност и ќе му објасните дека тоа е нормален дел од секојдневието, детето нема да се чувствува толку исплашено кога ќе треба да се снајде – вели психологот.

Запомнете дека учењето да се биде асертивен е процес и нема да се случи преку ноќ. Бидете трпеливи, поддржете го вашето дете и дајте му време да ги развие овие важни вештини, со свое темпо.

Извор



912

X