Може да биде неверојатен предизвик како родител да разговарате со вашето дете за реалноста на климатските промени. Вознемиреноста од климатските промени е реална и децата не се имуни на тоа, така што многу родители имаат разбирлив нагон да ги заштитат своите деца од реалноста во врска со тоа што ѝ го направивме на Земјата.
Од друга страна, ако сакаме да се обидеме да воспитаме просветлени климатски активисти кои ќе се борат против неактивноста и ќе се грижат за планетата што ја наследуваат, важно е да бидеме отворени со нив. Наоѓањето на таа рамнотежа е тешко.
Еве едно нешто што родителите можат да го направат за да им помогнат на децата да ги научат за климатските промени без да им предизвикуваат вознемиреност: Фокусирајте се на малите навики што можат да ги започнат сега и да ги развијат во текот на нивниот живот, на пример, како да заштедат енергија. Еве пет лесни начини да ги научите и најмалите како да го намалат својот енергетски отпечаток.
1. Научете ги да ги гасат светлата и екраните
Еден од најлесните и најочигледни начини да ги научите децата да штедат енергија е да ги потсетите да ги исклучат светлата кога ќе излезат од просторијата и да ги исклучат семејните уреди (како што се ТВ, компјутер, ајпад, итн.) кога не ги користат.
– Децата од предучилишна возраст не можат да го сфатат глобалното затоплување, но се доволно возрасни за да знаат дека треба да ги изгаснат светлата кога излегуваат од собата – вели Амити Хук-Сопко, извршен уредник на списанието „Грин чајлд“.
2. Помогнете им на децата да разберат дека не е крај на светот ако им е малку ладно или топло
Не, апсолутно не треба да му создавате непријатност на вашето дете. Но дефинитивно можете да заштедите енергија ако го одржите термостатот низок во зима, особено кога спиете или не сте дома. Исто така, непотребно е да го пуштате клима-уредот секојпат кога е жешко. (Плус, постојат нови докази дека способноста на луѓето да се справат со топлината се менува со нашата постојана зависност од клима-уредите).
3. Почнете натпревар во брзо туширање
Тушевите и бањите можат да потрошат значителна количина на вода и енергија. Според Агенцијата за заштита на животната средина, еден начин да се намалат е инсталирање глави за туширање означени со „WaterSense“, кои исполнуваат одредени барања за ефикасност на водата. Се проценува дека едно семејство може да заштеди околу 2.700 литри годишно со нивно инсталирање.
Но, корисно е и да ги научите децата да се тушираат пократко време. Можете да почнете семеен предизвик за сите да поминат две минути помалку туширајќи се.

4. Некогаш нека ја пишуваат домашната задача до прозорецот
Ако вашето дете има домашна задача, охрабрете го да го направи тоа до прозорецот со природна светлина наместо да користи светилка, ако е можно. Со тоа ги учите дека едноставниот дневен избор може да направи разлика. Освен тоа, природната светлина носи здравствени придобивки, вклучително и зголемена изложеност на витамин Де.
5. Поставете модел на еколошки активизам
Да, подучувањето на децата да штедат енергија е многу вкоренето во секојдневните навики, како што се исклучување на светлата и да бидете сигурни дека користите енергетски ефикасни тушеви, светилки и други уреди дома.
Но, не се работи само за индивидуалните улоги што ги играме. За да се подобрат работите, мора да се сменат политиките. Така, да го научите вашето дете за тоа што значи да се биде активист за животна средина – што и да значи тоа во вашето домаќинство – на крајот сепак е начин да помогне да се намали потрошувачката на енергија во поширок обем.
Автор: Кетрин Пеарсон