Резултатите од новото тестирање нема да влијаат врз успехот на учениците, а нема да им донесат ниту казни на наставниците, смируваат надлежните
Работна група во Министерството за образование и наука (МОН) периодов на големо работи на подготовка на нов вид тестирање кое треба да го замени екстерното. Основците ќе бидат дел од ново, т.н. национално тестирање, открива за Деца.мк заменик-министерот за образование Петар Атанасов.
Според него, се планира учениците да бидат тестирани двапати во текот на основното образование. Едното тестирање треба да се спроведе во четврто одделение, а другото во деветто одделение.
– Ова е модел кој веќе се применува во Словенија. По ова прашање веќе правиме конкретни чекори. Разговарав со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) и за проекциите во однос на проверката на објективноста на оценувањето на наставниците. Ќе има национално тестирање и евалуација. Користиме странски искуства. Голем тим од МОН ја посети Словенија и сериозно се посвети на ова. Национално тестирање ќе има барем во две училишни години, по примерот на Словенците. Таму се спроведуваат вакви тестирања во две училишни години од основното образование. Тестирањето целосно ќе го спроведе ДИЦ, а веќе има и комисија, која има работна програма. Прашањата на кои ќе одговараат децата ќе бидат од изучениот материјал – објаснува Атанасов.
Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука
Учениците да бидат спокојни – резултатите нема да влијаат врз успехот
Тој потенцира дека резултатите од тие тестови нема на ниеден начин да влијаат врз учениците и врз наставниците.
– Екстерното тестирање беше укинато зашто беше лош проект. Анализите за екстерно никогаш не го виделе светлото на денот, не се знае зошто тоа беше спроведувано и во практика не донесе никаков квалитет. Ние не сакаме никого да плашиме. Ние сакаме резултат. Сакаме да знаеме какви резултати имаме и согласно нив, да знаеме што да исправаме. Родителите, учениците и наставниците не треба да се грижат затоа што нема да има споредување на оценки, нема да има последици врз нив. Намерата е само да се провери што имаме во системот за да можеме да го подобруваме. Тие резултати ќе ги користиме за креирање идни политики, да видиме каде е потребно да се движиме понатаму. Нема да има казни за наставниците. Сè уште сето ова е во почетна фаза – појаснува заменик-министерот.
Фото: Колектиф Прес
Екстерно имаше шест години по ред
Екстерното тестирање лани го укина поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска. Како реформа го воведе претходната Влада, а се реализираше шест години по ред во основното и во средното образование.
За екстерните тестови имаше многу реакции во јавноста, кои најчесто одеа во насока на тоа дека не може само преку еден единствен тест во една учебна година да се провери објективноста на оценките на наставниците. А реформата беше најавена токму поради тоа, да се провери дали оценките во дневниците се заслужени или не. Имаше предвидено и казни и награди за просветните работници, имаше и списоци со наградени и казнети, но во практика никогаш ниту еден наставник не беше ниту награден ниту казнет.
Синдикатот за образование, наука и култура предлагаше наместо еден тест во годината, да има по еден тест на секое тримесечје за да се добие пореална слика за постигнувањата на учениците и за оценките на наставниците. Но, нивниот предлог не помина.
912