Се работи за вируси кои се неизбежен дел од растењето на малите деца, но се и начин детето во првите години да се „имунизира“ – да стекне отпорност на овие вируси. Освен „сервис“ на носот, не бараат терапија, но ни поштедување од колективот.

Настинката не е вирус, тоа е од провев.

Настинката е вирусна болест! Се работи за голема група вируси кои ги напаѓаат горните дишни патишта, пред сè, носот. Ги има многу, но манифестациите на инфекциите се исти или слични: детето има затнат нос од кој и „напред и назад“ се слива провиден секрет. Децата киваат, понекогаш кашлаат, но немаат покачена температура, имаат добро расположение и апетит. Лесно се шират од детето преку капки (кивање и кашлање), но и преку валкани раце. Иако многумина сомнително ќе вртат со главата, провевот не е причина за настинка, тоа е медицинска вистина! Изложувањето на многу студен воздух, недоволно облечено дете, слаб имунитет на дишните органи ја зголемуваат шансата вирусите да го нападнат детето. Факт е дека стравот од провев е на врвот на листата со сите стравови кај нашите луѓе!

Кашлица што трае веќе 3 недели, нема врска, штом нема висока температура, сигурно не е ништо.

Не е баш секогаш така! Ако детето кашла со напади, па ако тоа трае подолго од 7 дена, потребен е преглед на педијатар. Температурата не е единствениот знак за заболување на дишните органи. Астмата и бронхитисот може да го погодат детето, а да нема покачена температура. Тоа се болести кои брзо се дијагностицираат со преглед, а терапијата брзо се воведува до подобрување и намалување на кашлицата. За волја на вистината, има деца што долго кашлаат, особено во овој период, а понекогаш и со напади, а немаат ниту една сериозна болест, но тоа сепак треба да го процени педијатар и да им ја објасни на родителите вистинската природа на кашлањето.

Штом има висока температура сигурно е грип.

Грипот по правило оди со висока температура, но не е секоја висока температура сигурен показател за грип! Има вируси и бактерии кои се манифестираат со многу висока температура, а студените денови им одат во прилог, баш како и на грипот. Ако детето е премалено, се жали на болки во коските и во мускулите, има лош апетит и има висока температура, тогаш навистина може да се работи за грип. Се разбира, треба да го прегледа педијатар кој ќе ја постави вистинската дијагноза.

Температурата е многу висока, мора да е некоја бактерија во прашање – дајте некој антибиотик додека не е доцна.

Не е добра идеја! Високата температура не е критериум за давање антибиотик, а антибиотиците не се лекови за намалување на температурата, туку за лекување бактериски инфекции! Бесмислено е да се даваат антибиотици „на своја рака“ бидејќи тие не можат да лекуваат вирусни инфекции кои често одат со висока телесна температура. Антибиотиците имаат и несакани дејства, така што не се безопасни лекови. Нив ги припишува лекар, по преглед и пронаоѓање причини за покачената температура. Земањето антибиотици без консултација и преглед со педијатар е погрешно и опасно.

Тие мали температури (до 37,5) се најлоши, сигурно е некое воспаление на белите дробови.

Ова е една од најчестите заблуди! Кај децата температура до 37,5 не е страшна – ако детето нема други тегоби, добро јаде и е расположено, тогаш овие температури не се сметаат, а далеку од тоа дека се знак за воспаление на белите дробови. Таквото дете не треба да се носи на педијатар бидејќи таму може навистина да се разболи од контактот со болни деца. Ако детето има тегоби (кашлање, лош апетит, се жали на болки), тогаш треба да го прегледаат, но без став дека има пневмонија.

Најдобро е детето да седи дома, така сигурно нема да се разболи.

Тешко дека тоа е добро за детето! Прво, седењето дома не е здраво за детето, тоа бара акција, друштво, играње. Да го затворите дома не е „гаранција против болести“. И ние носиме вируси, а немаме тегоби, па и не знаеме дека сме „здрави преносители“. Од друга страна, детето мора да дојде во контакт со вообичаените вируси – тоа е единствен начин да се создаде отпорност (детето да се имунизира). Вакцините се најдобар начин за имунизација, но за огромен број респираторни вируси нема вакцина. Има деца што навистина често се заболуваат во колективи, а само некои од нив имаат и сериозни компликации на респираторните инфекции. Тие деца бараат педијатриски надзор и терапија која ќе им овозможи здрав живот. Само мал број од овие деца бараат целосно поштедување од колективност. Повеќето добро поминуваат во градинките, без поголеми проблеми.

Детето е вакцинирано против грип, нема шанса да фати некој есенски вирус.

Би било добро да е така. Вакцината против грип штити само од грип, но не и од многу други респираторни вируси. Грипот е најсериозната „зимска“ инфекција на дишните органи (иако грипот е всушност болест на целото тело), но детето „има право“ да фати и други есенски и зимски вируси. Затоа, ако детето се разболи, а е вакцинирано против грип, не обвинувајте ја вакцината против грип бидејќи тоа сепак е некој друг вирус.

Автор: д-р Горан Вукомановиќ

Извор



912

X