Голем број деца практикуваат спортски активности, што е речиси најдобриот начин за зачувување на здравјето. Многу истражувања покажале дека децата што редовно вежбаат имаат посилен одбранбен (имунолошки) систем во споредба со децата што не практикуваат редовни физички активности.
Здравата спортска активност, доволно сон и почитување на принципот на здрава исхрана се столбовите на силен имунитет кај децата.
Сепак, долготрајното изложување на екстремни напори може да го намали имунитетот, особено ако нема доволно одмор и сон. Слично е и кај вирусните инфекции – настинките не се посакувана појава при спортските активности.
За жал, пречесто се смета дека настинката настанува како прост резултат од влијанието на студен воздух, престуден пијалак или провев. Се разбира, тоа нема врска со вистината бидејќи настинките секогаш се резултат на вирусни инфекции. Се работи за „полесни“ вируси кои не предизвикуваат тешки проблеми, но понекогаш настинката може да се трансформира во потежок вид инфекција, придружена со висока телесна температура. Постојат над 200 вида вируси кои се меѓу најчестите предизвикувачи на респираторните заболувања кај децата.
Ниските температури на воздухот се погодни за размножување и за ширење вируси, но сами по себе не се причина за настинка.

Кога на детето треба да му се забрани потежок физички напор?

Пред сè, мора да се знае дека при секоја болест, па и настинката, што е проследена со покачена телесна температура детето треба да мирува.
Во такви ситуации апсолутно не доаѓа предвид детето да се изложува на тежок напор. Напорот бара големо дополнително ангажирање на срцето за задоволување на зголемените потреби на организмот, а вирусната инфекција го оптоварува организмот на детето. Иако мала, сепак постои шанса вирусот да го „закачи“ срцето, па затоа не се препорачува дополнително оптоварување додека трае болеста. Значи, детето мора да мирува, а не да се натпреварува со другите деца што се здрави!
Се разбира, ова не значи дека ако детето понекогаш кивне или се закашла, веднаш да му се забрани да тренира. Во такви ситуации доволно е да се направи рутински педијатриски преглед на кој ќе се открие дали се работи за „протрчување“ на вирусот низ носот или ќе се утврди почеток на некоја сериозна вирусна респираторна инфекција.

Кога треба да му се дозволи целосно да ѝ се врати на активноста?

Правило е дека треба да поминат најмалку седум дена од последниот ден кога имало зголемена телесна температура и кога главните симптоми и знаци на болеста исчезнале. Кога детето е активен спортист, пред враќањето во нормален режим на тренинзи неопходен е здравствен преглед. Целта на овој преглед е да го верификува заздравувањето и да исклучи секаква можност за евентуално оштетување на срцето, белите дробови или на други органи кои би можеле да бидат зафатени при изложувањето на детето на максимални оптоварувања.
За жал, факт е дека има деца-спортисти што ги кријат почетните симптоми на болеста и често велат дека се чувствуваат добро, од страв да не го изгубат местото во тимот или да заостанат во тренинзите. Затоа тука се лекарите, кои треба да ги „уловат“ болните деца што тренираат и да им објаснат колку е важно настинката целосно да се излекува пред враќањето на максимални напори на тренинг или на натпревар.

Што треба да знае тренерот за вирусните инфекции кај децата што активно се занимаваат со спорт?

Одреден број тренери сметаат дека е добро на почетокот на настинката детето добро да се испоти за да го „сосече“ вирусот во корен. Тој пристап е целосно погрешен и немедицински! Силен напор на почетокот на вирусна инфекција може да го „сосече“ здравјето на детето, а не настинката! Физичкиот напор на почетокот на вирусна инфекција овозможува полесно ширење на вирусот низ организмот и ја зголемува шансата вирусот да нападне некој од виталните органи во организмот на детето.
Освен основните принципи, секој тренер треба да води сметка дека детето што прележало вирусна инфекција е „слабо“ на кондициски план. Дури и малите настинки ги намалуваат можностите на респираторниот и кардиоваскуларниот систем да се адаптираат на тешки физички напори, па затоа е нужно постепено оптоварување и враќање на кондицијата на ниво пред заболувањето.
Сите позитивни механизми на спортот што ја зајакнуваат одбранбената способност на детето се развиваат на долги патеки и не важат кога детето ќе се разболи, туку дејствуваат исклучиво како превенција од болести. Кога ќе се развие вирусна инфекција кај детето, спортот е непријател, а не сојузник на здравјето на детето!
Тренерите имаат уште една важна задача – со внимателно набљудување на своите играчи први треба да забележат дека кај детето се развива некакво заболување. Преголемиот замор кај дете што дотогаш поднесувало напорни тренинзи може да биде првиот знак за инфекција. Тогаш детето веднаш треба да се упати на педијатар или на спортски лекар, кој ќе процени дали треба да се даде терапија или ќе препорача неколку дена мирување.

Ако постои и најмал сомнеж дека кај детето во текот на вирусната респираторна инфекција имало некаква компликација на болеста, потребно е да се поштеди од тренинзи и да се упати во некоја од детските болници на подетални испитувања. Само во случај кога неопходните анализи ќе исклучат можност за компликација, детето по 7-10 дена закрепнување може да се врати на тренинг. Тогаш постепено треба да му се зголемува интензитетот на напор за детето постепено да се „врати“ на кондициското ниво што го имало пред болеста.

Автор: Горан Вукомановиќ

 



912

X