Во изборот на задачи учествуваат советници од Бирото за развој на образованието и наставници од сите нивоа на образовниот систем. Забележавме технички пропусти во текстот на една задача, но тоа не влијаеше врз резултатот затоа што задачата има решение и колку што ми е познато, учениците ја решиле – објаснува проф. Ѓорѓи Маркоски, претседател на Сојузот на математичарите на Македонија

„Вака ли ќе ги мотивираме учениците за натпревар? Треба да си експерт за да ја сфатиш задачата, а не пак да ја решиш! Задачите не се соодветни за деца од 9 години. Ова е општински натпревар, не е олимпијада и децата треба да покажат колку владеат со материјалот и колку имаат логика“ – ова се дел од реакциите на родители и наставници по одржаниот општински натпревар по математика изминатиот викенд во земјава. Родители реагираат и за воведената котизација за учество на натпреварите.

Дали се соодветни задачите или не, дали требало да бидат поставени целосно исти задачи од математичките списанија („Нумерус“, „Сигма“), поразговаравме со претседателот на Сојузот на математичарите на Македонија, Ѓорги Маркоски.

Училиштата-домаќини на натпреварот ги објавија резултатите, а се очекува деновиве да бидат сумирани и објавени и на интернет-страницата на СММ.

На прашањето дали гледа пропуст во составените задачи за 4. одделение, проф. д-р Маркоски објаснува:

Задачите за 4.одделение на општинскиот натпревар

– Се разбира дека не гледам пропуст во изборот ниту за ова ниту за кое било одделение. Според наставната програма за 4. одделение, ученикот треба да (цитирам): „Препознава парни и непарни броеви, донесува општи заклучоци за збирови и разлики на парни и непарни броеви; чита едноставен распоред и календар; пресметува временски интервали, црта правоаголници, го мери и пресметува нивниот периметар, визуализира 3Д-форми од 2Д-мрежи, црта и прави мрежи“. Според ова, задачите што се понудени за општински натпревар целосно соодветствуваат на наставната програма. Во изборот на задачи учествуваат советници од Бирото за развој на образованието и наставници од сите нивоа на образовниот систем во нашата земја. Забележавме технички пропусти во текстот на една задача, но тоа не влијаеше врз резултатот затоа што задачата има решение и колку што ми е познато, учениците ја решиле – вели тој и додава дека на две претходни одржани конференции за математика на ПМФ многу наставници веќе изразиле големо незадоволство од наставната програма за основно.

Котизацијата – неминовна

Сојузот годинава првпат воведе и котизација за учество на натпреварите. По 200 денари плаќаат учениците од 4. и 5. одделение, 300 денари за 6. одделение и 400 денари за учениците од 7. одделение до 4-та година средно. Се плаќа еднократно и се однесува на сите натпревари. Родителите и на овој дел реагираат дека станува збор за голема сума. Маркоски вели дека на некој начин биле подготвени за оваа реакција, но тоа било нужно да се воведе зашто Здружението засега нема извор на финансирање.

Ѓорѓи Маркоски, претседател на Сојузот на математичари на Македонија

– Првата подадена рака ја добивме од Фондот за иновации и технолошки развој кој се понуди да ги плати картите за натпреварувачките што треба да патуваат на Европската женска математичка олимпијада, која ќе се одржи од 16 до 21 април во Холандија. Од парите од котизација се обезбедува функционирањето на здружението преку одржување на сметководството, веб-простор, издавање на три списанија: „Математички билтен“, „Сигма“ и „Нумерус“, обезбедување материјали за натпреварите, котизација за учество на Јуниорска математичка олимпијада, пари за екипата што ќе оди на Балканската математичка олимпијада, на Меѓународна математичка олимпијада, издавачка дејност на Сојузот, организирање Конгрес на математичарите… – објаснува првиот човек на Здружението.

За да поттикнат локалните математички здруженија да бидат поактивни, Сојузот ќе им исплаќа 25 отсто од котизацијата што ја уплатиле учениците од соодветниот регион или општина.
– На овој начин мислам дека ќе ги поттикнеме општините да се организираат во математички здруженија и тоа не само во месеците кога има натпревари, туку и преку целата година низ различни проекти, семинари и конференции. Идејата со која влегов во оваа организација е да ја вратам довербата на математичарите во СММ – категоричен е Маркоски.

Да се смени методот на работа

Дали наставниците треба да го сменат начинот на кој ги подготвуваат децата за натпреварите, дали треба да не се водат „слепо“ по наставната програма или да ги издвојуваат можеби децата што се посебно надарени за математика, ова се прашања што често се наметнуваат.

– Лично сметам дека математиката може да ја предава само оној наставник што искрено ја сака. За него нема потпросечни или натпросечни деца. Не верувам дека наставниците треба слепо да се држат до наставната програма. Ширината на овој предмет е неговата убавина. Јас мислам дека засега, ако не оди промената на наставната програма, треба да поработиме на промената на методот на работа. Секој искусен наставник ќе ви го каже токму тоа, кога не оди со наставата, го менуваш пристапот, методот. Според тоа, убеден сум дека таа убавина на математиката најдобро ја гледаат најмладите. Натпреварите се само еден сегмент од развивањето на љубовта кон математиката. Работата на секој наставник не се гледа само низ учениците што одат на натпревари. Впрочем, идејата на натпреварите не е да се победи по секоја цена – смета Маркоски.

Тој додава дека како раководство (избрано од јули 2019) работат демократски и со заемна почит и делегирање на задачите. Одлуките ги носиме заеднички и гледаме да си помогнеме.
– Посебно внимание како ново раководство обрнуваме на информирањето на јавноста преку нашата официјална веб-страница – вели Маркоски.



912

X