Работодавецот е должен да најде решение за проблемот. Можеби едно од решенијата е наставниците да бидат платени за вишокот часови, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за дуплирањето на работата на одделенските наставници, но и на наставниците што предаваат англиски и физичко воспитување

Голем број одделенски наставници што предаваат во класична настава, како и предметни наставници по англиски јазик или физичко ќе треба да работат и повеќе од законски пропишаните 23 школски часа неделно во новата учебна година. Со оглед на протоколите за реализација на настава со физичко присуство, според кои во една паралелка не смее да има повеќе од 20 деца, еден наставник ќе треба да ја дуплира наставата. Од образовните синдикати велат дека веднаш реагирале до Министерството за образование и наука. Тие ги охрабруваат наставниците да се борат за нивните права.

фото: Борче Поповски

Според Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, член 16: „Работното време на наставникот изнесува 40 работни часа неделно, од кои 20 до 23 часа во настава, во кои влегува и времето за организирано прифаќање на учениците, пред и по наставата“.

– И пред пандемијата неретко наставници имаа повеќе од законски предвидените 20-23 часа. Со поделбата на одделенијата од 1. до 3 .одделение во две групи заради почитување на протоколот што се однесува на бројот на ученици во училница, се дуплира бројот на часови за наставниците. На ваков начин бројот на работни часови во неделата ќе го надмине законски предвидениот број од 40 часа. Останатото време во неделата надвор од наставата ќе го поминуваат во планирање на часовите, подготовка на тестови, печатење и оценување тестови, оценување на тестови и други наставни листови, водење педагошка евиденција како е-дневник и обичен дневник, секојдневни дежурства пред почетокот на наставата и за време на големиот одмор за учениците итн. За обврските на наставниците во и околу платформата сѐ уште нема информации, односно веројатно и за тоа ќе треба да се одвои дополнително време – вели одделенска наставничка од Скопје.

Поради поделбата на одделенијата од прво до трето што ќе следат настава со физичко присуство, предметните наставници по англиски јазик е предвидено да држат настава во две смени во ист ден, што, исто така, се коси со законот и грубо се кршат работничките права, велат наставници по овој предмет.

– Состојбата во училиштата каде што се дуплираат часовите за наставниците може да се реши така што или сите ученици ќе ја следат наставата онлајн, а може да се ангажираат дополнителни наставници или, пак, одделенијата кои поради бројноста се делат на две групи да бидат рамномерно распределени помеѓу сите наставници по англиски јазик – велат тие.

За Синдикатот за образование, наука и култура, неприфатливо е наставниците да имаат повеќе часови од дозволеното.
– Ние веднаш реагиравме за ова. Во градските средини ќе се јави овој проблем кај многу наставници, особено таму каде што се држи класична настава, но и кај наставниците по англиски и по физичко што предаваат од прво до трето. Работодавецот е должен да најде решение за проблемот. Ги охрабруваме наставниците да нѐ известуваат и енергично да се реши овој проблем. Можеби едно од решенијата е како што се платени помалку кога немаат полн фонд на часови, така да бидат платени плус за часовите – вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Во едно скопско училиште каде што нема класична настава, наставата по англиски јазик ќе ги обединува сите ученици што се онлајн од прво, второ и трето одделение.

И Независниот синдикат за образование и наука реагира гласно за оваа неправда кон наставниците.
– Постојано ги охрабруваме наставниците да се борат за своите права. По некои наши пресметки, може да се случи еден наставник да работи и 10 часа повеќе неделно. Можеби треба да се приклучат во наставата и наставниците од дневен престој. Законот за наставници вели дека наставникот треба во настава да помине најмногу до 23 училишни часа, а не час од 60 минути – вели Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат.



912

X