Мате Дедиќ, наставник по географија во основно училиште во Хрватска, реализирал несекојдневен потег. Се качил на врвот Св. Јурја на Перун, па со своите ученици одржал онлајн-час по географија.
Дел од хуманитарна акција
Тоа го сторил приклучувајќи им се на Даниел Лончар и Ранко Драгичевиќ, планинари кои биле дел од хуманитарна акција – планинарење 1.100 километри за да се соберат донации за 1.100 терапии за деца со тешкотии во здружението „Брачки пупки“.
– Часот е одржан по наставниот предмет географија за ученици од 8 одделение. Само што започнавме со наставната целина за Низинска Хрватска, што значеше дека во овој разговор можеа да се покријат претходните наставни целини Приморска Хрватска и Горска Хрватска, но од аспект на одење низ наведените подрачја, и тоа планински краеви. Наставниот час е наречен Виа Адриатика – како своевиден тематски час – раскажал Дедиќ.
Учениците не биле претходно известени дека часот ќе се одржи од врв на планина, па биле малку изненадени. На почетокот, како што раскажува Дедиќ, биле малку срамежливи, но Даниел и Ранко брзо ги заинтересирале со нивните интересни приказни за хуманитарното патување. Коментарите од учениците ги очекува на следниот час.
Сакал позитивната енергија да ја почувствуваат и осмоодделенците
– Основната идеја беше да се запознаат учениците со лицата што поминуваат низ оваа предизвикувачка патека, а хуманитарната страна на приказната беше извонредно вреден додаток на сето тоа. Во разговорот и дружењето со претходните планинари добив многу, во смисла на позитивни пораки и увид кон поинаков начин на размислување, како и увид во менталната сила која тие лица ја поседуваат. Сите се скромни личности кои заслужиле многу повеќе од 5 минути медиумско внимание – раскажува Дедиќ.
Сакал дел од тоа позитивно доживување да искусат и неговите ученици, кои моментално следат онлајн настава. На тој начин, акцијата 1.100 километри за 1.100 терапии добива дел од заслуженото внимание, смета Дедиќ.
– Важно е да се напомене дека самата акција е започната многу пред 2021 година. Оваа хуманитарна приказна е долгогодишна борба за достоинство и разбирање кое во име на децата со тешкотии во развојот ја покренало здружението. За жал, уште еднаш се покажа дека како општество паднавме на тестот за грижа за оние што се најчувствителни. Поединечни акции очигледно се единствен начин некои работи конечно да се покренат. Во големиот број битки досега оствариле победа, но оваа акција не смее да заврши со довршувањето на Виа Адриатика на Даниел и Ранко, туку ним им е потребна постојана поддршка од јавноста и институциите – испратил порака наставникот Мате Дедиќ.
Вели дека голем број наставници се обидуваат да го „зачинат“ начинот на кој се реализираат часовите, но тоа често зависи од многу фактори. Наставниците си ги споделуваат добрите идеи, како во неформални дружења така и на работните состаноци. И неговата идеја зависела од многу фактори.
– Реално, имаше 10 отсто шанси ова да успее. Инаку планинарам и побарав дозвола од директорката да го одржам следниот час надвор од училишната зграда, што ми беше одборено – вели Дедиќ.
Автор: Дује Ковачевиќ
912