Родителите чии деца користат дневен престој имаат различни ставови. Како и кај секоја услуга, квалитетот може да варира. Значи имате продолжен престој во самото училиште, но и приватно организиран. Меѓу двете има исклучително добри, а има и такви што не ги исполнуваат условите кои му се потребни на детето за да помине квалитетно време.

Секако, најважно за родителите е детето да е безбедно, но важно е и некој професионален и посветен да се грижи за него. Што е подобро за детето, да остане дома со, да речеме, баба и дедо или да биде во дневен престој? Одговорот, се разбира, зависи од тоа во каков престој би поминало детето.

Како изгледа еден ден во дневен престој?

По последниот училиштен час, толпа ученици набрзина ги пакуваат своите работи и брзаат кон излезната врата. Некои одат дома, додека други продолжуваат да се дружат во дневен престој.

Во првите десет до петнаесет минути децата влегуваат, ги соблекуваат јакните и чевлите, ги ставаат работите и седнуваат на маса каде што ќе си ја завршат домашната задача. Вообичаено тоа е време кога голем број деца хаотично се движат низ просториите, па често се случува да ги загубат своите работи или да ги измешаат со туѓи, но на крајот од денот ги наоѓаат своите сопственици.

Ова е нешто што веројатно ќе се случи порано или подоцна, па затоа треба да обрнете внимание на тоа какви работи носи детето со себе (и дали е навистина важно да го има најскапиот телефон или кукла).

Престојот е форма на социјална поддршка за семејството. Тоа е организирана работа со ученици од пониските одделенија од основното училиште, пред или по наставата, за децата да бидат згрижени додека нивните родители се на работа.

Почнува пишувањето на домашната задача…

Треба да се нагласи важноста на стимулативната атмосфера и стекнувањето работни навики. По само неколку дена децата го прифаќаат дневниот распоред без никаков отпор. Гледаат дека нивните другари веќе преминуваат на друга задача од работната тетратка и се мотивирани да почнат да ја решаваат својата, знаејќи дека откако сите ќе ги завршат своите задачи, ќе излезат на игралиштето.

Токму ова е еден од начините да се зајакне колективниот дух, меѓусебно поттикнување и охрабрување за да се постигне заедничка цел. Често, поради оваа причина, може да се види како си помагаат и си го објаснуваат она што не им е јасно.

Секогаш кога домашната задача се прави порано, преостанатото време до ручекот се користи за вежбање на она што се учело на училиште во тие денови.

Сепак…

Треба да се има предвид дека една наставничка работи со поголем број деца, а тие главно не се од исто одделение и немаат исти домашни задачи. Тоа би значело дека не може да им објаснува задачи на сите во исто време и дека треба повеќе време да му посвети на секој поединечно, внимавајќи да не им пречи на другите. Ова можеби звучи изводливо во теорија, но во практика работите се поинакви.

Без разлика на возраста, децата често го губат вниманието додека чекаат наставникот да им објасни (често диктира) што да напишат, почнуваат да се задеваат, препишуваат едни од други и веќе не знаат што напишале.

Но, домашната задача на крајот е направена.

Следува ручекот, а потоа е време за надвор, на игралиште. Тоа е омилениот дел од денот на децата. Општо земено, во близина на просторијата каде што се одвива дневниот престој има безбеден отворен простор – парк или игралиште каде што децата поминуваат најмалку еден час дневно доколку временските услови го дозволуваат тоа.

Фудбал, кошарка, прескокнување гумени ленти, лизгалки, лулашки… стануваат главна преокупација.

Овде треба да се има предвид дека е невозможно еден наставник да го набљудува секое дете во исто време, па често се случува детето да се сопне и да падне, да се извалка или да ја искине облеката, но сето тоа е нормално, нели?

Детето треба да биде дете, слободно да истражува и да се развива без прекумерна заштита и да не се грижи дали дамката ќе се отстрани од облеката. Ако надвор врне дожд, децата остануваат внатре за слободно да цртаат, сликаат и играат. Ова е време кога родителите обично почнуваат да доаѓаат да ги земат своите деца и да си одат дома еден по еден.

На крајот, треба да се спомене дека постои разлика помеѓу приватен и државен дневен престој, како и во сите други институции.

Првичната идеја е иста, но имајќи ги предвид економскиот интерес и конкуренцијата, приватниот престој понекогаш има повеќе услуги, подобра организација и опременост на просторот. Работи и за време на празниците, при што се организираат различни работилници и креативни активности.

Доколку спаѓате во категоријата родители кои поголемиот дел од денот го поминуваат на работа, не двоумете се да ја испробате опцијата за продолжен престој, дури и кога има кој да се грижи за вашето дете. Сепак, тоа е место каде што учат социјални и други вештини.

Автор: Елизабета Алексов, наставник во продолжен престој
Извор



912

X