Професорката Вишња Васиљевиќ од Србија споделува совети кои произлегле од нејзиното работно искуство како наставник во основно училиште, кое е подолго од 20 години, но и од искуството од воспитувањето на сопствените три сосема различни деца.

Ова се петте, според мислењето на Вишња, најважни правила за воспитување на децата.

Бидете доследни

На децата им требаат граници. Тие сакаат правила, па додека се мали, поставете ги вие, а како што растат, полека вклучете ги и нив, па ќе стигнете до договор, а децата ќе сфатат зошто воопшто се поставуваат правилата. Кога правилата се јасни, бидете доследни во спроведувањето. Дозволете им на децата да изразат каква било емоција (без забрана „престани да се лутиш, немој повеќе да плачеш…“), можете да ги утешите, но држете се до правилата. Се разбира, правилата се менуваат со текот на времето, но не според детето. Притоа, секако, мора да се согласат сите вклучени во воспитувањето (мајки, татковци, баби, дедовци…).

Не правете ништо наместо децата!

Денес на сите им се брза, немаат време, па често е полесно и побрзо самите да си ја завршиме задачата на нашето дете отколку да го молиме, да го тераме и слично. Со тоа правиме огромна грешка. Училишните задачи се секогаш соодветни на возраста на децата и сигурно нема да му дадете на вашето дете задача што не може да ја заврши. На овој начин детето учи дека обврските мора да се исполнат и дека вие сте тука да му помогнете доколку му треба совет, но не и да ја завршите целосно работата наместо него. Ова би го научило да тргне по полесниот пат, да се ослободи од обврските и да манипулира со вас. Овде е важно да се знае колку може да биде успешно едно дете. Не секој е способен за максимален успех. Пофалете го за неговиот труд и напредок во однос на претходниот пат, а не во однос на вас, неговиот брат, сестра итн.

Прашувајте ги децата секој ден што се случило на училиште и со пријателите и сослушајте ги

Колку и да ви изгледаат мали нивните проблеми во споредба со вашите, тие се многу големи за нив. Со раскажување на настаните во училиштето се активира трајната меморија, па учењето на училишните содржини ќе биде полесно. Некогаш тој разговор ќе трае две минути, некогаш еден час, но важно е да најдете време и сила за тој разговор. Ако покажете многу трпение и разбирање за нивните чувства, ќе ги научите и да бидат трпеливи и сочувствителни со другите и да стекнуваат доверба во вас. И, не заборавајте да погледнете во нивните очи – очите се огледало на душата. Тие треба да стекнат доверба во вас пред пубертетот, кога е многу важно да знаат дека можат да се потпрат на вас.

Немојте да мислите дека знаете што е најдобро

Секое дете е различно и секое време е различно. Слушајте што ви кажува, набљудувајте го во различни ситуации, што му го привлекува вниманието, како размислува и како игра. Почитувајте го неговото мислење, обидете се да му покажете што повеќе можности, но не избирајте за него. Иако понекогаш ни се чини дека нешто не е во ред, тоа може да биде токму она што му одговара. Бидете заинтересирани за она што го интересира и не одбивајте да научите нешто од него. Од друга страна, ако згреши, ќе знае дека сам си направил избор, и не обвинувајте го, туку поддржете го да го смени изборот. Со ова го учиме дека кој работи, тој и греши, но може да се поправи.

Секако, секогаш треба да ги имате предвид поставените граници. Кажете му го вашето мислење, но не инсистирајте дека тоа е единственото правилно. Важно е детето да види дека дури и возрасните можат да го променат своето мислење, а ако се случи промената, тогаш тие учат нешто ново.

Кажете му дека трудот и работата се важни

Не може сите да бидат научници, врвни спортисти и ѕвезди. Сосема е во ред да не бидат најдобри, но важно е да се трудат и да бидат совесни. Оценките, медалите и трофеите не се најважни, туку насмевката. Успехот нема да изостане со текот на времето.

Насмевнете се и кога ви е тешко и сакајте ги сите луѓе, особено вашите деца.

Автор: Вишња Васиљевиќ, наставничка

Извор



912

X