Најчестите причини за насилното однесување кај децата во претшколскиот период се: љубомора, потреба од внимание, лутина, желба за контрола над другите деца

Врсничкото насилство во градинките, за жал, сè уште поминува незабележано затоа што возрасните честопати го третираат како „дел од детска игра“. Децата на возраст од три години се во состојба и можат да разберат како се чувствуваат другите во својата околина и да се во хармонија со неа, така што нивното агресивно или насилно однесување честопати останува намерно и со цел насочено.
Ваквото однесување вклучува: континуирано и репетитивно обраќање на други деца со навредливи и грди имиња, исклучување деца од групата, задевање, удирање, гризење, гребење, штипење, игнорирање, крадење или оштетување на нешто што го поседува другото дете, повредување на чувства, закани, пресупериорно однесување, исмевање на нечиј физички изглед или инвалидитет.

Разлика меѓу насилство и конфликт

Детето жртва на насилно однесување бара изговори да не оди во градинка, соматизира, постојано истакнува дека друго дете се однесува лошо кон него/неа, ја губи довербата во возрасните, т.е. воспитувачот, се враќа дома со сомнителни модринки на своето тело, има ноќни кошмари и пројавува сепарациона анксиозност.
Најчестите причини за насилното однесување кај децата во претшколскиот период се: љубомора, потреба од внимание, лутина, желба за контрола над другите деца. Колку побргу возрасниот ја утврди причината во дадената ситуација и креативно реагира, толку е поголема можноста да не се случи насилно поведение кај детето.
Во овој контекст важно е да се прави разлика меѓу насилство и конфликт меѓу децата. Наспроти она што самиот збор го сугерира, конфликтот е всушност конструктивен затоа што му дозволува на вашето дете да стекне психолошка еластичност и да развие когнитивно размислување со тоа што ќе научи да компромитира во групата, да преговара и да простува. Не е тешко да се утврди кога станува збор за насилство од врсници, ако ги знаете неговите главни карактеристики, а тоа се: фреквенција, намера и долготрајност на однесувањето.

 

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Од што зависи степенот на агресија?

Агресијата кај децата, пред сè, е биолошки механизам во служба на опстанок и тоа е нејзиниот позитивен контекст. Целта на агресијата е или одбрана од закани или начинот на кој децата се обидуваат да ги задоволат одредени потреби што во одредена форма ја прави пожелна и својствена за човековиот род. Првата појасна манифестација на агресивно однесување се препознава околу втората година, во исто време со периодот на освојување на просторот и стекнување независност, т.е. увидот дека јас не сум исто што и моите родители. Ситуациите со лутина во градинка најчесто се предизвикани од конфликти околу играчките. Неопходно е трпеливо да се објаснат ситуациите, но и да се предвидат оние што би биле извор на фрустрација за децата. Двегодишните деца во игра не можат да останат сами. Возрасните се таму да изберат и да понудат играчки, да ја водат играта и да го следат нејзиниот тек, земајќи ги предвид не само интересите на децата туку и моменталното расположение на секое дете.
Некои деца се повеќе, а некои помалку агресивни. Степенот на изразена агресија пред сè зависи од темпераментот, но и од неколку фактори како: карактерот, начинот на кој во домот се реагира на агресивното однесување, нивото на развој на говорот, нивото на самодоверба, чувството на прифаќање во групата итн.

Да се избегне етикетирањето

Децата како што растат, постепено учат да ги заменуваат физичките пресметки со преговори и договори. Преку социјализација, тие се стекнуваат со можност јасно да ги комуницираат своите потреби преку употреба на зборови и да го одложат задоволството без да изразат лутина и агресивни испади. Најважната постапка за воспитувачите во градинка е да им се стави до знаење на сите деца во групата дека не е дозволено насилно однесување. Тоа може да се направи и преку истакнување симбол кој ќе биде назначен на видно место во занималната. Важно е децата да разберат дека имаат право да се лутат и да протестираат вербално, но дека немаат право да повредат никого. Притоа воспитувачите не мора секогаш да донесуваат пресуди. Пресудите го загрозуваат интегритетот на детето и во тој случај можеме само да испровоцираме дополнително лутина доколку тоа се чувствува онеправдано.

Улогата на возрасните е да ја смират групата, да поттикнат разговор и да дојдат до решение заедно со децата и набљудувачите на конфликтот. Важно е да ги прашаат децата што мислат дека се случило, кој згрешил, што би можело да се направи поинаку. На овој начин избегнуваме етикетирање на дете кое покажува агресивно однесување како „насилник“, тој или таа останува другар кој го прекршил правилото и добива шанса да се подобри. Целата група е потсетена за важноста за придржување кон правилата и договорите. Во ниеден случај воспитувачот не треба да советува на удирање да се врати со удирање.

Да се смират и двете деца и без „дежурни виновници“

Во дадена насилна ситуација прво треба да му се посочи и укаже насилното однесување на детето кое тоа го изразило, а потоа да му се даде поддршка на детето кое претрпело агресија, целта е да се смират и двете деца. Важно е и да ги охрабруваме децата никогаш да не премолчат дека биле удрени, каснати или изгребани од другарче. Секојпат кога ќе имаме таква ситуација треба доследно да нагласиме дека секој има право да се лути, но дека никој не смее да удира никого.
Овде соработката на родители и градинки е многу важна. Сè уште сметам дека тоа ни е хендикеп во предучилишното воспитание, сè  уште се функционира во затворен систем каде што родителот не е поттикнат на увид во секојдневието на неговото дете поминато во градинка. Родителот треба да ги сподели со воспитувачот сите информации што ги добил од своето дете за тоа како поминало во градинка, особено ако детето не се чувствува доволно слободно да се пожали на воспитувачите. Целта на оваа размена не е да се обвинува дете, туку да се споредат и дополнат набљудувањата на децата и возрасните. Важно е сите да имаат исти информации, така што конзистентноста што би ја применувале во градинка исто така да се спроведува и дома. За да се избегне некои деца да станат „дежурни виновници“, овие информации секогаш треба да се проверуваат.
Во таа насока може да се отворат повеќе отворени денови и консултации за родители во градинките, како и директно советување со стручниот кадар во градинката кој кај нас сè уште не е присутен на ниво на секоја градинка, т.е. сè  уште постојат градинки што функционираат без психолози.

За децата да не напаѓаат

Агресивноста и насилното однесување во градинка не може да се изедначат целосно со врсничко насилство на повозрасни деца затоа што не се мотивирани од желбата да се повредат другите. Идентификувањето на дете од три или четири години како насилник води кон отворање пат за идно насилство кога тоа би тргнало во училиште. Насилството не е дозволено, но начинот да се спречи тоа е преку постојана и внимателна работа на групна кохезија и поврзување на децата. Дете кое е прифатено во групата, кое се чувствува добро меѓу своите врсници и има доверба со своите воспитувачи, нема да ја искористи својата енергија да ги напаѓа другите, туку да води и соработува.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог при Комора на психолози
Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.
Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.



912

X