Во ниту едно друго време во историјата татковците не чувствувале толкава страст и посветеност да ги одгледуваат своите деца и да сакаат да направат нешто повеќе.
Новиот милениум донесе повеќе отколку само поголеми технолошки достигнувања; се чини дека со себе донесе нов тип татковци. Денес, татковците се страсни и посветени на подигнувањето на своите деца. Од поголема вклученост во должностите на домаќинствата до наоѓање подобар баланс помеѓу работата и животот, јасно е дека денешните татковци го гледаат татковството како клучна пресвртница во нивните животи и сакаат да бидат повеќе ангажирани со своите деца.
Сепак, за многу татковци, нивната посветеност не е поддржана од надворешниот свет. Додека татковците сакаат да бидат директно вклучени во родителството, тие честопати се чувствуваат исклучени, третирани како родител број два, што се смета за помошник или уште полошо – како дадилка. Понатаму, недостигот на соодветна политика за родителско отсуство, ниските плати и барањата на работното место им го скратуваат времето што треба целосно да го посветат за да се вклучат и поврзат со своите деца.
Два нови извештаи од „Безос фондацијата“ и „Татковците“ на Америка фрлија нова светлина врз татковството. Тие укажуваат на промената на ставовите и аспирациите на татковците денес и важните програми и политики што мора да се воспостават за да се обезбеди татковците и сите родители да го имаат она што е потребно за да бидат успешни.
Што сакаат татковците-милениумци?
Науката вели дека врската помеѓу таткото и детето длабоко влијае врз долгорочниот развој на детето на многу критични начини. Малите деца чии татковци се вклучени во родителството се потрпеливи и поспособни да се справат со стресот и фрустрацијата кога ќе тргнат на училиште. Татковците што се присутни и се вклучени во подигнувањето на детето уште откако ќе се роди имаат поголема веројатност да останат вклучени во текот на целиот животот на нивното дете. Нивните деца имаат помала веројатност да доживеат депресија, дебелина, бременост во тинејџерските години итн.
Наодите од истражувањето покажуваат дека 90 отсто од милениумците и генерација Х татковци велат дека родителството им е најголемата радост, а 86 отсто велат дека работат напорно за да станат поефикасни родители. Но, на татковците им е потребна поголема поддршка. 60 отсто сакаат повеќе информации за тоа како да бидат подобри родители, а 70 отсто велат дека кога би знаеле попозитивни стратегии за родителство, би ги користеле.
Дефинирањето и поддржувањето на патот за ангажирање на татковците со нивните деца е клучно и треба да почне со раѓањето на детето. Зошто? Прво, истражувањето покажува дека татковците што се присутни при раѓањето на бебињата се интегрално вклучени во нивната рана грижа и тие веројатно ќе останат активно ангажирани во текот на животот на детето, така што ќе има големи придобивки за здравјето и благосостојбата и на децата и на татковците.
Истражувањето понатаму покажува дека татковците и мајките не разбираат целосно што се случува во мозокот на бебињата. Најраните врски на бебето со родителите и старателите влијаат врз неговото когнитивно, социјално и емоционално здравје и благосостојба и тоа ја гради основата за идно учење и успех. Потценувањето на овие најрани интеракции укажува на „година што недостига“ во развојот на децата. 63 отсто од испитаните родители изјавиле дека зборувањето почнува да влијае врз јазичните вештини на бебињата откако тие ќе наполнат три месеци. Во реалноста, бебињата почнуваат да имаат корист од слушањето говор и учеството во „разговори“ уште од самото раѓање. Покрај тоа, 50 отсто од родителите веруваат дека квалитетот на грижата на бебето има долгорочно влијание врз развојот по шестиот месец, а всушност тоа почнува уште од раѓање.
Спроведеното истражување покажа:
– Татковците водат поголема грижа за децата и домашните обврски повеќе од кога било, но сè уште не е постигната еднаквост.
– Татковците од семејства со ниски приходи носат најголем товар. Дури 50 отсто од сите деца во САД сега го поминуваат детството живеејќи со самохрани семејства.