Ниту едно од двете мои деца не спиеше во текот на првите неколку години од животот. Мислам, тие спиеја, но се соочувавме со многу будења во текот на ноќта, рано будење и легнување во доцните ноќни часови. Ниту едно дете не спиеше цела ноќ, барем не доследно, сè додека не наполнија четири години.

Бев пример за човек лишен од сон повеќе од една деценија. Навистина беше тешко.

Кога моето првородено беше мало, се сеќавам дека очајно се жалев за тоа што ми се случуваше – на семејството, на другите мајки и онлајн. Понекогаш тоа го правев надевајќи се дека некој ќе ми даде магичен билет со кој ќе успеам да го натерам син ми да заспие.

Но набрзо сфатив дека не можам многу да сторам за да ја подобрам состојбата со спиењето. Секаков вид нежен тренинг за спиење ужасно пропаѓаше, и не беше нешто за кое се интересирав да го правам.

Сепак, кога и да споменев дека син ми не спиеше цели осум часа, сè што добивав беа сè повеќе и повеќе совети.

Дали имаш пробано со бели звуци? Да не е собата многу студена? Дали имате смирувачка рутина за спиење? Прекини му го млекото. Масло од лаванда на нозете пред да си легне итн.

Вистината беше дека јас веќе бев под стрес затоа што бев многу уморна, така што нудењето повеќе решенија, за кои знаев дека нема да помогнат, беше депресивно и фрустрирачко.

На крај, станав премногу нервозна и затоа воведов правило: да не зборувам за спиењето со другите родители. Сфатив дека имам многу малку пријатели на кои можам да им се жалам и кои би ме слушале без обвинување и не би ми давале совети. Овие пријатели станаа мои најверни другари, а јас и ден-денес сметам дека ми се.

Годините кога немав доволно сон сега се зад мене, но се сеќавам колку бев збунета околу советите за спиење и сон и токму затоа се израдував кога неодамна наидов на една инстаграм-објава за мајките кои немаат сон што нуди совети за кои би сакала да ги слушнев пред неколку години.

Експертот „за планирање раѓање“ Пета Так напиша пост и го објави на „Инстаграм“.

Так почнува со анегдота за мајки кои постираат на „Фејсбук“ барајќи помош.

– Помош! Моето бебе се буди често во текот на ноќта, потребна ми е помош. Треба да го заспијам некако – напишала мајката.

Токму она што го очекувате од една исцрпена мајка, нели?

– Нешто што постојано го гледам. Нешто што јас го почувствував и затоа сочувствувам длабоко со оваа мајка – пишува Так.

Како што се очекува, мајката доби огромна листа со работи што треба да ги направи за нејзиното бебе да спие подобро (тренинг за спиење, нишање, промена на температурата на просторијата итн.).

И тука се појави освежувачката перспектива на Так.

– Дали гледате што не е во ред тука? Ние мислиме дека нешто не е во ред со нашите бебиња и треба да ги поправиме затоа што често се будат или често цицаат или не прават ништо што ни е кажано дека треба да го прават – вели Так.

Таа ги обвинува нереалните очекувања на општеството за спиењето и бебињата – идејата дека нешто не е во ред со бебињата кога станува збор за спиењето, иако тие се биолошки и инстинктивно програмирани често да се будат и да јадат.

Так е сосема во право. Исто како што бебињата се родени не знаејќи да одат и да зборуваат, така тие не се развојно подготвени да спијат цврсто во текот на цела ноќ, со месеци или со години. Бебињата имаат пократки циклуси на спиење, тие не влегуваат во длабок сон толку често колку возрасните и не можат лесно да презаспијат како возрасните.

Потребни ви се дополнителни докази? Истражување објавено во „Развојна психологија“ покажа дека ноќното будење кај шестмесечно дете, па дури и кај 24-месечно дете е сосема нормално. Друго швајцарско истражување открило дека ноќното будење е честа појава и кај деца од 3 и 4 години.

Решението на Так за овој проблем е исто толку освежувачко колку и нејзините критики кон мајките што даваат совети што не помагаат.

Еве го нејзиниот предлог: Што ако го пренасочиме фокусот од она што не е во ред со бебето и она што треба да се поправи и да го поставиме на тоа колку можеме да им помогнеме на мајките во тие очајни денови без сон?

ГЕНИЈ.

Так предлага ние – селото – да се собереме и да ги поддржиме мајките што се справуваат со бебиња што не спијат. Иако таа не дава конкретни предлози, мој предлог би бил да им однесеме на мајките приготвен ручек, да им ја исчистиме куќата или барем да го подржиме нејзиното бебе неколку часа додека таа се одмори или се тушира.

Но, ако овие работи не се можни, едноставно сочувство и емпатија наместо повеќе и повеќе совети. Не треба од мајките да се очекува да можат да функционираат и да се дружат наредниот ден, по непроспиената ноќ. Треба да очекуваме мајките да изгледаат уморни и да прифатиме дека нивните домови ќе бидат несредени во наредните неколку години. Треба совршенството да се фрли низ прозорец.

Очигледно, ако мајката експресно бара совет и решение за спиење, тогаш споделете ги вашите тајни. Но, запомнете дека повеќето мајки знаат кои опции треба да ги пробаат. И често, мајките само бараат охрабрување за тоа како да го пребродат исцрпувачкиот ден, а не како да ги поправат работите.

Повторно, важна е поддршката на мајката за таа да биде најдобриот родител што може да биде и  да може да се грижи за себе.

– Следниот пат кога некој ќе побара помош, не обидувајте се да го поправите бебето што сака да си ги задоволи потребите – ПОМОГНЕТЕ Ѝ НА МАЈКАТА. Поддржете ја. Бидете нејзино село.

А ако сте уморна мајка, треба да знаете дека тоа е само привремено. Што и да правите, сите деца на крајот почнуваат да спијат. Верувајте ми.

Автор: Венди Виснер



912

X