Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ви пишувам во врска со мојот син кој има 2 години. Тргна во градинка во септември и на почетокот имаше агресивно однесување, но го прифативме како нормално поради промената. Неодамна ми се пожалија учителките дека без да биде испровоциран, турнал едно девојче, кое со главата удрило во масата. Ваква агресија нѐ исплаши и нѐ загрижи, не само нас, туку и учителките. Инаку е напреден, темпераментен, многу зборува, сврзува реченици. Секој ден сме надвор, игра со топка, каменчиња, на лулашки итн. Не пуштаме телевизор или телефон. Водиме смирен живот, пробуваме да му објаснуваме сѐ. Пробуваме смирено да пристапиме на сите предизвици со кои се соочуваме. Прашањето ми е дали ќе помине? Дали е нормална ваква агресија? Дали ќе се подобрат работите и како? Што уште да преземеме?
ОДГОВОР: Агресијата е во природата на човековиот род и постои со цел да ни обезбеди опстанок и продолжување на родот. Таквата природа постепено се социјализира и канализира. Кај децата агресивната природа им помага да доминираат, полесно да ги задоволат своите желби и да се спротивставуваат на воспоставените правила.

Агресијата е непосредно поврзана со едно примарно чувство, а тоа е чувството на лутина. Она што во моментов за детето е важно е да научи да ја препознае и именува емоцијата која ја почувствувало во дадениот момент. Зборувајте и објаснете, нацртајте како изгледа лутината. Читајте приказни и проследете илустрации кои ја опишуваат. Во таквата средба со лутината емоционалната интелигенција понатаму станува способна да восприеми вештини за справување со неа. Читајте го прирачникот „Кога Мешко се лути“ и воспоставете граница во врска со поведението што смее, а што не смее да се прави во врска со лутината.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.