Би сакале да ги охрабриме сите родители што забележуваат промени на психолошки план или, пак, на план на однесување на детето да побараат поддршка преку јавување на постојната телефонска линија за психолошка поддршка. Да не дозволиме да постои стигма кога се работи за менталното здравје на детето и менталното здравје на родителот
Во текот на изминатите месеци на неизвесност и колективна вознемиреност се потенцираше важноста на менталното здравје, а со тоа и потребата за разговор со психолог, психијатар или сродна професија. Со развојот на кризата со Ковид-19, ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје со поддршка на УНИЦЕФ овозможи телефонска линија за психолошка поддршка на деца, адолесценти и нивни родители. Линијата досега е посетена од многумина, кои во голем процент на почетокот на разговорите оставаа впечаток за чувство на непријатност и доза на стигма за своето обраќање. Сепак, на големо задоволство на одговорните лица, истото чувство не е забележливо кон крајот на разговорите. Ова укажува дека телефонската поддршка може да придонесе кон дестигматизација и демистификација на тешкотиите. Со други зборови, психолошката поддршка од страна на стручните лица овозможува разјаснување на природата на тешкотиите, причините за нивна појава и можностите за понатамошно дејствување.
Спроведените пресек-анализи на досегашните остварени повици покажуваат дека линијата за поддршка најчесто ја користеле мајки на деца на возраст од 6 до 15 години, од кои најчесто за девојчиња на 10-годишна и 15-годишна возраст. Охрабрувачки е тоа што најголем процент од јавувањата биле остварени поради прва појава на психолошки промени кај детето, главно прикажани како раздразливост и чувство на вознемиреност. Во голем процент се остварени и јавувања поради влошување на состојбата на деца со примарно невроразвојно нарушување. Преку психолошката поддршка родителите најчесто осознаваат дека промените во однесувањето на нивното дете се одраз на присутната анксиозност, прикажана на начин кој соодветствува на развојното ниво на детето. Исто така, родителите може да увидат дека ваквите промени најчесто и не се со значаен психопатолошки карактер како што ним субјективно им изгледа.
Гордана Николова, психолог
Како илустрација за дел од почестите повици е јавување на мајка на 14-годишно дете, кое првпат почувствувало вознемиреност со забрзана работа на срцето. Тоа кај детето предизвикало интензивен страв за сопственото здравје, се чувствувало плачливо и натажено, особено во попладневните часови пред заспивање. Од друга страна, пример за јавувањата за деца на помала возраст е родител загрижен за дете на 4-годишна возраст, кое во домот станува агресивно кон мајката со чести темпер тантруми (напади на бес), особено кога ќе му се забрани гледање на цртани на мобилниот телефон на родителите. Психолошки тешкотии се забележуваат и низ јавувањата на родител на 9-годишно дете, кое споделувало дека се плаши за здравјето на своите родители, мислело дека таткото ќе се разболи на работно место, ја намалувало комуникацијата со останатите во семејството и го прекинало контактот со своите другарчиња преку интернет. Текот на разговорот во сите овие случаи е индивидуален и се води во зависност од видот на тешкотиите и развојното ниво на детето. При сите разговори се почитува анонимноста на јавувачот.
Следејќи ги разговорите, ја потенцираме важноста од раното препознавање на овие промени, сензитивноста на родителите и згрижувачите, како и важноста на преземањето акција, т.е. остварувањето на повикот. Како стручни лица, би сакале да ги охрабриме сите родители што забележуваат промени на психолошки план или, пак, на план на однесување на детето да побараат поддршка преку јавување на постојната телефонска линија за психолошка поддршка (072 912 676). Како во вообичаени животни услови, така и во ова невообичаено време за сите нас, да не дозволиме да постои стигма кога се работи за менталното здравје на детето и менталното здравје на родителот.
Автор: Гордана Николова, психолог во ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје
912