Никој и ништо не може да ве подготви за мајчинството, но исто така никој не може да ве подготви на она чувство кога децата ќе станат луѓе…
„Кога би можела да го вратам времето, би ѝ рекла… Дека еден ден ќе се сврти назад, кога маглата ќе се крене и ќе сфати дека тоа биле денови исполнети со магија. Онаа магија што можеш да ја разбереш многу време по трикот. Убавина и потоа горчина. Би ѝ рекла дека сеќавањата во кои ќе се изгуби нема да бидат само некои големи работи, туку и оние долги непроспиени ноќи. Нема да го заборави заморот, но носталгијата ќе ги обои сеќавањата и одеднаш ќе се фати себеси како се обидува со целата сила да ги зграби тие спомени и повторно ќе ги вдиши сите галења и бескрајни прегратки.
Би ѝ зборувала за солзите, за тоа дека со секоја од нив нешто учи. Би ѝ рекла дека не мислам само на бебешките солзи. Би ѝ рекла дека ќе има време да биде повторно сама, но тоа ќе ѝ изгледа како две срца да одлутале едно од друго. Ќе се прашува дали засекогаш ќе се чувствува така? Би ѝ рекла дека одговорот на тоа прашање уште го немам.
Би ѝ рекла дека очите ќе ѝ се затвораат, сонцето повторно ќе излезе, но помеѓу тие моменти ќе се чувствува сама помеѓу ѕвездите. И би ѝ рекла дека секоја од тие ѕвезди е уште една мајка што се чувствува баш како неа. И дека никогаш не е сама.
Би ѝ рекла дека не мора да биде совршена мајка и дека ќе има момент кога ќе помисли дека мора, исто како и кога ќе верува дека не е доволно добра. Би ѝ рекла да ги поместува планините, дури и кога ѝ се чини дека ја губи земјата под нозете. Особено тогаш.
Би ѝ рекла дека, на некој начин, навистина станува полесно, но дека за сè има прв пат, но и последен. И дека е најтежок од сите моменти оној кога сфаќаме дека не сме разбрале навреме дека некое поглавје е затворено. Затоа панично се враќаме назад, ги листаме страниците обидувајќи се да го фатиме тој момент кога сме заборавиле да се простиме од тој последен пат кога погрешно сме изговориле некои зборови, од тоа последно „Мамо, носи ме“…
Би ѝ рекла дека тоа не е обична приказна за љубов, мајчинството е немонтирана верзија, со сите свои грешки, што ја прави и најубавата од сите љубовни приказни.
Би се обидела да ѝ ја опишам моќта на таа бескрајна љубов што ќе ја почувствува, што ќе ја преплави, исплаши и замолчи во исто време. Дека таквата љубов е единствена што без ниту еден глас зборува најгласно. Но, нема тоа да ѝ го кажам бидејќи, како и сите ние, ќе го заборави, па кога ќе дојде време, самата повторно ќе открие. Како што и треба да биде. Наместо сето тоа, ќе ѝ речам само дека ја разбирам, дека е одлична и дека на своите деца им е доволна таква каква што е“.
Автор:@jessurlichs_writer
912