Кај бебињата, нагонот за цицање палец е неопходен заради доењето, но истовремено е и природен начин за релаксација. Во текот на интраутериниот развој, на ултразвук може да се забележи како бебето го цица палецот. Вообичаено е овој нагон да се намалува по 6-тиот месец, но кај одреден број бебиња, а подоцна и кај малите деца, останува подолго време. Мислењата зошто се случува тоа и кои се причините се поделени.

Може да се работи за стрес на бебето: разни видови страв, неповолна атмосфера во семејството и слично. Откако ќе се одвојат од цуцлата, бебињата преминуваат на цицање палец, а наместо палецот, можат да продолжат со некоја друга лоша навика која ќе го релаксира чувството на стрес, како грицкање нокти или предмети.

И покрај различните ставови, денес повеќето експерти се согласуваат дека не е потребно да се презема нешто до 3-4 години. Неопходни се консултации ако цицањето палец е придружено со тегнење коса или проблеми со говорот.

Цицањето палец продолжено по третата година, особено ако е комбинирано со други навики како туркање на јазикот меѓу забите, дишење на уста, проблеми со говорот и слично, веќе бара сериозно внимание од стручњак. Главно се почнува со често опоменување на детето без закани. Некои автори препорачуваат и подрастичен пристап – детето намерно се форсира да ја практикува оваа навика пред огледало. Постојат и различни течности и гелови со непријатен вкус со кои се премачкуваат прстите. Се врши и блокирање на рацете преку ноќ. Не препорачуваме да се презема нешто без консултација со стручњак, особено ако детето покажува знаци на страв, повлеченост или невообичаено однесување.
Најтешка последица од продолженото цицање палец е испакнати предни заби, што стручно се нарекува протрузија. Доколку навиката престане пред 4-тата година, главно доаѓа до враќање на забите во нормална положба. Ако трае подолго, особено во периодот кога се менуваат забите, може да дојде и до деформитет на коските, што подоцна ќе бара сложена ортодонска терапија (долготрајно носење протези за исправување).
Постојат многу едноставни апарати во вид на плоча која детето ја носи навечер и која ги активира мускулите, враќајќи ги забите во нормална положба. Истовремено плочата оневозможува да се практикува самата навика. Важно е да консултирате детски стоматолог кој најдобро ќе го процени проблемот и ќе спроведе соодветна терапија. Важно е да се прегледаат забите бидејќи кај ваквите навики често е зголемен и ризикот од кариес, но и разни инфекции што се внесуваат преку неизмиените прстиња.

Автор: прф. д-р Јован Воиновиќ, стоматолог

 



912

X