Веќе 86 години истражувачите од „Харвард“ ги следат животите на стотици луѓе и нивните семејства за да откријат што е она што ги прави среќни. Студијата на „Харвард“ за развојот на возрасните луѓе покажала дека среќните луѓе имаат тенденција да имаат добри вештини за решавање конфликти, да вежбаат редовно и да одржуваат позитивни односи.

Д-р Роберт Валдингер, директор на студијата и професор по психијатрија на Медицинскиот факултет при „Харвард“, неодамна се појавил во поткастот на Сајмон Синек – „Малку оптимизам“. Кога Синек го прашал што најсреќните луѓе „правеле правилно“ како тинејџери, Валдингер одговорил:

-Тие се грижат да остават белег во светот и се грижат за светот.

Дури и ако нивната животна цел се променила со текот на времето, луѓето што остануваат посветени на таа потрага остануваат ангажирани во животот, додал тој.

-Мислам дека токму тоа го прават правилно.

Целта како клуч за задоволство од животот

Овие наоди се во согласност со мислењата на истражувачите за долговечност и експертите за среќа, кои ја нагласуваат важноста на животната цел за задоволство и благосостојба.

-Среќните луѓе сакаат да бидат дел од нешто поголемо. Тоа може да биде реализација: „Сакам да воспитувам деца“, „Сакам да им бидам ментор на луѓето“ или „Сакам да правам нешто што не е само за мене“ – објаснил Валдингер.

Од друга страна, стагнацијата значи чувство на застој во животот и борба да се најде смисла.

Луѓето што ја избираат генеративноста наместо стагнацијата во различни фази од нивниот живот, според Валдингер, честопати се осврнуваат на своите животи со помалку жалење и со поголемо чувство дека нивниот живот бил „доволно добар“.

-Овие луѓе чувствуваат дека нивните животи добиле смисла и дека направиле разлика – заклучил Валдингер.

Извор



912

X