Воспитување

Најскапоцениот подарок што ни го даваат нашите деца – умеете ли да го прифатите?

Мора да го знаете тоа чувство. Можете да го имате целото знаење за позитивното родителство и најдобри намери, но сепак да реагирате луто.

Сите ние имаме свои „предизвикувачи“. Без разлика дали сме свесни за нив или не, нашите деца нѐ враќаат во нашето минато, во нашето детство. Искуствата што сме ги имале тогаш сè уште живеат во нас, иако можеби не сме свесни за нив. И ако пред да имате деца немавте можност емотивно да ги обработувате и надминете, сега ја имате. Но, тажно е што малку луѓе ја препознаваат и ја користат оваа можност. Ако сте еден од оние родители што се борат да се однесуваат со своите деца со разбирање и почит, но се „фаќате“ себеси како едноставно се нервирате за некоја ситница – иако знаете дека тоа не е добро, без разлика колку сте читале и научиле за смирените техники за родителството, тогаш причината за таквото реагирање е веројатно тоа што прво треба да почнете со справување со детето во себе.

И како да очекуваме да ги разбираме децата, да бидеме чувствителни и сочувствителни, да ги почитуваме и да градиме квалитетни односи, кога не сме знаеле да го направиме тоа за себе.

Неопходно е да го разбереме нашето минато и да покажеме разбирање пред себе и емпатија кон нашето внатрешно дете.

Меѓутоа, повеќето родители избираат да не го прават тоа. Да го игнорираат детето во себе и да ги усвојат старите „добри“ традиционални методи на воспитување. Можеме да избереме да се соочиме со негативните и тешки ситуации и однесувањето на детето што ни пречи, користејќи строга дисциплина, осуда или дури и сила. Така никогаш нема да мораме да ѕирнеме во себе и во детето во нас. Можеме да се увериме дека тоа е најдоброто нешто за нашите деца, да ги научиме да бидат добри луѓе. Дека им треба нашата контрола, принуда и казнување. Но, тоа би било исто како наместо да се храниме здраво и да пиеме многу вода, секој ден да земаме парацетамол за да не ни се качува температурата и да се чувствуваме добро и силни. Така, никогаш не треба да го менуваме нашиот начин на живот, само ги маскираме симптомите наместо да се соочиме со причините.

Или, можеме да избереме да ја препознаеме драгоцената можност што ни ја даваат нашите деца – да учиме, да растеме и да го лекуваме детето во нас.

Се надевам дека ќе го изберете второто.

Му поставувам прашање на мојот двегодишен син, а во разговорот веднаш влегува неговата постара сестра која брза да одговори. Остро ја прекинувам и ѝ кажувам дека ништо не сум ја прашала и дека ни влегува во разговорот. Не си дадов момент да размислам пред реакцијата, да дишам и да се обидам да ги погледнам работите од нејзин агол, да одговорам мирно и да ја искористам ситуацијата за да научам. Мојата нервоза беше моментална и не се ни обидував да ја контролирам. Секојпат кога ќе се случи такво нешто, знам дека зависи од мене. И нема позитивни техники за родителство за кои знам сѐ. Нема правила што можам да ги следам. Импулсивно реагирам да го изгаснам тоа непријатно чувство на нервоза што наеднаш се појавува во такви ситуации.

Кога ќе решиме да бараме проблем, а со тоа и решение, во себе, почнуваме да сфаќаме дека моментите на конфликт не се нешто чие значење треба да се намали. Ова се можности за раст. И наместо да се потпираме на моќ и контрола, ние бараме врска и разбирање – со нашите деца и со нас самите. Наместо да реагираме на однесувањето на децата, почнуваме да се прашуваме зошто тоа однесување толку ни пречи? Така доаѓаме до коренот на проблемот и добиваме можност да направиме значајни промени во себе. Не е лесно. Веројатно имате многу работи кои ви предизвикуваат лутина и лута реакција. Не е секогаш лесно да ги препознаете. Но, вреди да се вложи труд.

Како можеме да го направиме тоа?

Идентификувајте ги вашите предизвикувачи

Првиот чекор е секогаш да откриете што особено ве нервира. Кое е чкрапалото за тој „скок на притисокот на 200“. Ако знаете кои се ситуациите што веројатно ќе доведат до бурна реакција, тогаш можете да се подготвите за тоа. На пример, мразам кога децата во автомобилот сакаат да се задеваат и смеат. Затоа што во секој момент очекувам играта да ескалира во конфликт. Затоа се подготвувам за возење со тоа што ќе им носам книги или ќе пеам. Им објаснувам и дека ме вознемируваат нивните задевања. Ако не сте сигурни кои се вашите предизвикувачи, обидете се да водите мини-дневник една недела каде што ќе запишете што особено ве иритирало и ве натерало да реагирате импулсивно. Наскоро ќе ви се наредат коцките.

Откријте зошто

Обидете се да откриете од каде доаѓа тоа чувство. На што реагирате? Како гледате на однесувањето или чувствата на вашето дете во тие моменти? Кога сте се чувствувале слично во минатото? Поврзете се со детето во вас. Зошто тоа дете е луто, повредено, вознемирено? Можеби сте се чувствувале немоќни како дете во слични ситуации или можеби сте се сетиле на некоја случка од тој период поради која се чувствувате лошо. Ме нервира и кога ќерка ми почнува да им наредува на други деца и се однесува како газда. Тоа е нешто од што се срамев кога бев дете. И тогаш така се однесувам кон нејзиното постапување, дури и кога на другите не им изгледа така. Но, таа има право на сопствени искуства, лишена од туѓи осуди кои доаѓаат како резултат на лична фрустрација. Таа има право на искуство што ќе ја научи како да се постави себеси да биде лидер без да ги избрка другите луѓе од неа. Затоа што никој не го сака тоа.

Обработете ги тие чувства

На многумина од нас, возрасните, не ни беше дозволено да ги изразиме своите чувства како деца. Нашите емоции беа премолчени и потиснати и никогаш не научивме како да се справиме со нив, лице в лице, затоа што ги турнавме во себе, да не излегуваат надвор. Сега е вашата шанса да се соочите со нив. Кога ќе ги идентификувате и препознаете предизвикувачите на нервоза, тоа ќе ви донесе многу измешани чувства. Можеби лутина, тага, жалење, разочарување. Но, наместо да ги туркаме во себе, треба да ги именуваме, чувствуваме и да дозволиме тие чувства да поминат низ нас. Тоа е подарок не само за нас, туку и за нашите деца. Тие очајно имаат потреба да ги прифатиме нивните чувства, но тоа е многу тешко ако не научиме да ги разбираме и прифаќаме своите.

Покажете емпатија

Емпатијата е исцелување. Ако не сте добиле нешто како дете од вашите најблиски, дајте си го сега. Што треба да слуша детето во вас? Како дете секогаш ми велеа дека сум смотана и дека не сум за спорт. Од детство уште. Се шегуваа за тоа, и иако ги истакнаа другите мои квалитети, дури денес гледам дека ме болат тие моменти. Затоа што се повлеков, не си трудев, прифатив дека сум таква. На училиште, поради тоа, секогаш ме избираа последна во тимот на часовите по физичко. И не си велам дека е смешно што сега ми пречи, дека не е ништо, дека „ништо не ми фали“ денес и покрај тоа што ми го кажаа. Тоа чувство го препознавам како легитимно и си давам за право да го живеам денес и да кажам дека ми пречеше, дека се чувствував помалку вредна, тажна, понекогаш генерализирана.

Родителството, она што денес се издвојува како правилно, она што се карактеризира со контрола и љубов условени од добро однесување и послушност – може да ви нанесе штета. Кога би можела да разговарам со внатрешното дете од луѓето што ми се драги, а ги познавам од детството, веројатно би им рекла:

– Не си заслужил никогаш да те удрат. Ти заслужуваш да се чувствуваш безбедно во твоето семејство.

– Твоето прашање тогаш заслужи одговор, иако беше мал. Твојот глас треба да се слушне.

– Не мораше да ги имаш сите петки, и онака ќе беше сакан. И тоа со тројки.

– Не е во ред што те исмејуваа, заслужуваш да те почитуваат.

– Сосема сте доволни и добри такви какви што сте.

– Имате право да чувствувате и да покажете тага и гнев и секое друго чувство.

– Можете да кажете НЕ и да имате свое мислење.

– Имате право на вашите мисли и вашата приватност.

– Она што ви е важно е важно.

И уште сто други работи.

Не можам да се вратам во времето и да променам некои работи што се случиле одамна, но можам да ја искористам можноста што ми се дава да го излекувам детето во мене сега.

Каков е тој прекрасен, непроценлив подарок што ни го даваат нашите деца кога ќе влезат во нашите животи… Шанса да ги најдеме нашите предизвикувачи кои тлеат во нас покрај детето кое ги носи своите рани.

Нашите деца нѐ враќаат назад за да си ги исправиме грешките што ги прават возрасните во нашите животи – родителите, воспитувачите, наставниците.

Работата е тешка, премногу тешка, комплицирана и одзема многу време. Но, трудот вреди и тоа како.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top