Избегнувај изјави како: „Не би требало да си тажен“ или „Нема од што да се плашиш“. Поради таквите пораки, детето ќе се чувствува лошо или глупаво затоа што е неспокојно, а тоа само ќе го зголеми неговото чувство на неспокој

Дали твоето дете често е загрижено? Или можеби има толку страшни напади на гнев што си шокиран од интензитетот на неговите реакции? Веројатно тоа те излудува, а кога зборуваш за него, можеби го опишуваш како пречувствително, раздразливо или со краток фитил.

И никако не можеш да разбереш зошто твоето дете толку тешко се носи со секојдневниот живот и зошто ништо што ќе направиш или што ќе кажеш не помага. Можеби се чувствуваш како да одиш по јајца бидејќи никогаш не знаеш што може да го вознемири. Веројатно барем понекогаш се запрашуваш дали е тоа нормално.
Тешкотии во учењето, АДХД или анксиозност се некои од можните медицински објаснувања за таквото однесување. Ако се сомневаш дека некоја од овие состојби е суштината на проблемот на твоето дете, важно е да се побара помош, советува порталот Today’s Mama.

Но, што е со децата што немаат основа за некоја од овие дијагнози? Со децата што едноставно уште не научиле да се справуваат со ситуации кога не е сè по нивно? Или со оние на кои им излегува пареа од ушите кога ќе се разлутат? Пред сè, важно е да знаеш како не треба да реагираш.

Што не помага?

Најлошата работа што може да му ја кажете на дете што има напад на гнев, страв или тага или не може да се носи со вообичаени животни фрустрации, е:
„Смири се. Не грижи се“.
Оваа фраза му се чини покровителска на некој што чувствува неспокој. Вашето дете во тој момент не може да престане така да се чувствува и во тоа е суштината на проблемот.

Не му помагате отфрлувајќи ги неговите вистински чувства и мисли. Избегнувајте изјави како: „Не би требало да си толку тажен“ или „Нема од што да се плашиш“. Поради таквите пораки, детето ќе се чувствува лошо или глупаво, а тоа само ќе го зголеми неговото чувство на неспокој.

Исто така, не кажувајте му што да прави. Тоа не ќе може да го процесира во тој момент, а таквата ваша реакција дополнително ќе го потврди неговото чувство на беспомошност и недостиг на контрола.

Што може да помогне?

Наместо тоа, може да направите нешто што навистина ќе му помогне на детето додека се бори со силните чувства.

Потврдете го неговото искуство

Може да кажете: „Знам дека ова е застрашувачко“ или „Ми се чини дека сега си многу вознемирен“.

Покажете сочувство

Сочувството може да го изразите како на пр: „Мразам кога јас се чувствувам така“ или „Кога мене ќе ме преплават такви чувства, ми се чини како да сум се заплеткала и не можам ништо да направам“.

Побарајте дозвола да помогнете

Би можеле да помогнат прашања како: „Дали сакаш да разговараме за работите што би можеле да ти помогнат да се справиш со таквите чувства“ или „Дали сакаш заедно да се обидеме да смислиме што би можело да ти помогне, или како би можеле да ги избегнеме таквите чувства?“

Решението е во присутноста

Важно е да се има на ум дека не можете со разумно уверување да ги истерате таквите неспокојни мисли. Ако сакате да му помогнете на дете кое е преплашено или вознемирено, треба едноставно да бидете покрај него, да бидете присутни и да му правите друштво.

Ако детето не е подготвено за промена, ставете му до знаење дека сè е во ред. Дајте му простор да биде вознемирено бидејќи можеби токму тоа му треба за да се опушти.

Неспокојните мисли може да бидат застрашувачки, а често настануваат или се засилуваат поради чувството дека немаме контрола. Најдете начин да му овозможите на детето чувство на контрола и тоа ќе ја зголеми неговата самодоверба. Дел од успехот ќе биде токму во тоа самото да го пронајде решението.



912

X