На мајките што се водат како „домаќинки“ често не им се посветува доволно внимание и не им се признава заслугата. Многумина замислуваат дека мајка-домаќинка е онаа што постојано стои дома, чисти, пере, пегла итн. А вистината е дека ниедна од нив не работи само домаќински работи како што покажува самиот назив. Многу од нив си наоѓаат хоби, повремена работа, прават нешто со своите раце, почнуваат бизниси, се грижат за деца и слично. Затоа, разбиваме некои од најчестите предрасуди и заблуди за мајките-домаќинки:

1. Седат дома бидејќи самите така избрале

Во повеќето случаи мајките стануваат домаќинки бидејќи така „испаднало“. Дали поради тоа што не можат да најдат работа или така е подобро за децата и семејството. Тоа што некоја жена е домаќинка не мора да значи дека е во прашање само нејзината желба и не секогаш тоа е одлука што доаѓа од срцето.

2. Само одреден тип жени можат да бидат мајки-домаќинки

Ова е неточно! Не постои ниту еден тип на жени (или мажи) што поседуваат посебни карактеристики поради кои би биле совршени домаќинка. Има многу различни видови семејства и родителски стилови кои можат, од различни причини, да одлучат дека останувањето на мајката дома е добро решение за нив.

3. Секогаш им е среден домот и зготвен ручекот

Ха, ха, ха! Можеби на оние што обожаваат да средуваат и да готват (но, имаат куќна помошничка). Многу домаќинки ќе ви кажат дека децата им се главен фокус. А домот, домот може и да почека. Едноставно, домаќинка не значи само чистачка и готвачка.

4. Постојано се дома

Обично луѓето мислат дека ако мајката е домаќинка, тоа значи дека седи дома и чека некој да ги посети или да побара од неа некаква услуга. И тогаш се изненадуваат дека ги одвела децата на спорт, отишла на некој курс или да прошета итн. Па така, тоа што мајките-домаќинки поминуваат повеќе време дома не значи дека по цел ден се тука. Може да се случи и да ги сретнете на улица.

5. Мрзливи се и незаинтересирани

„Вистинска работа“ е намерно ставено под наводници бидејќи многу е дискутабилно што значи тоа. Ако мајката работи некаде каде што ќе биде целосно незадоволна и постојано исцрпена, подобро е барем некое време да биде домаќинка. Но, и тоа подразбира одредени обврски, следење на распоред и работа. Тешко дека овие жени се мрзливи, само што имаат малку повеќе флексибилни шефови.

6. Само ги трошат парите на сопрузите

Ова е малку тажна изјава, особено ако доаѓа од друга жена и мајка. Ниту една мајка, па ни онаа што е домаќинка не ги троши парите на сопругот, туку управува со домашниот буџет, односно заедничките пари. Се разбира дека не би требало да ги користи само за исполнување на сопствените каприци, туку мудро да го користи она што е на располагање за подмирување на потребите на сите што живеат во домот. За тоа се потребни добри вештини.

7. Останаа дома за да поминуваат повеќе време со децата

Тоа што е домаќинка не значи дека секоја минута ја бдее над децата. Кога децата се мали, нормално е да се поминува повеќе време со нив, но подоцна, како што растат, тоа што мајката е дома значи дека е подостапна за своето семејство. Тоа може да подразбира носење на децата на различни активности, завршување административни работи за семејството, одење на некој курс и слично.

8. По цел ден си играат со децата

Под ова се подразбира дека секоја мајка-домаќинка сака да си игра со децата, а никој тоа не може да го тврди. Има и луѓе што веруваат дека децата треба да бидат деца и да си играат сами со себе или со други деца. И, се разбира, мајката-домаќинка можеби порано ги извршува домашните работи или сурфа по интернет, а можеби и пишува свој блог.

9. Воопшто не ги интересира што се случува во светот

Спротивно на ова верување, мајката-домаќинка може да биде најбогат извор на нови информации, дали од земјата или светот, дали од соседството. Таа ќе знае што важно се случило денес и секогаш е љубопитна да слушне повеќе. Може да се случи некој ден да е исполнет само со плачот на детето, пелените и излегувањето на запчињата, но тоа не значи таа не се грижи и за својата глава и за своите интересирања.

10. Целосно се зависни од своите партнери

Како прво, во оној момент кога ќе почнете да живеете со својот партнер почнувате да работите како тим. Како второ, ова е 21 век и многу мајки-домаќинки се образовани, ги надградуваат своите способности и вештини, па можеби и работат повремено и придонесуваат и финансиски за семејството. Тоа се жени што не бараат спонзори, туку партнери кои ги вреднуваат еднакво и како домаќинки и како вработени жени.

11. Го сакаат тоа што го прават

Вистина е дека не морате да го сакате секој дел од фактот дека сте домаќинка за тоа добро да го правите. Да се биде домаќинка е како и секоја друга работа – има добри и лоши денови, преубави моменти и не толку убави моменти, но сето тоа произлегува од самиот ангажман.

12. Тие се недоволно образовани

А вистина е дека многу мајки имаат и универзитетска диплома. Едноставно, нема правила. Може да се случи некоја жена да е домаќинка според игра на случај, а за друга тоа да претставува свесен избор. Како и да е, мајките-домаќинки не се необразовани.

13. Семејствата каде што мајката е домаќинка мора да се богати

Многумина мислат дека штом жената е дома, тоа значи дека имаат многу пари. Апсолутно неточно. Да се биде домаќинка нема многу врска со парите. Повеќето од нив сигурно би сакале тоа да е вистина, но имајќи ги предвид работните услови во земјата, тоа едноставно не е точно. Не мора да значи ниту дека тие семејства се посиромашни бидејќи одлуката мајката да биде дома се донесува најмногу заради подобар придонес кон воспитувањето и одгледувањето на децата.

14. Сите мајки-домаќинки сакаат да пијат алкохол

Би рекле дека ова уверување доаѓа од филмовите и од оние слики каде што мајката секогаш е со чаша вино в рака. Како и да е, мајките-домаќинки не може да се идентификуваат со пиење алкохол.

Извор



912

X