Иако во денешно време е нормално да се вработени и двајцата родители за да обезбедат пристоен живот, некогаш таа растргнатост помеѓу желбите да се биде добар родител и да се биде добар вработен се во конфликт. Сакаме повторно да им се докажуваме на своите колеги, дека можеме да бидеме одлични во исполнувањето на тимските и целите на компанијата, како и порано, но срцето нè влече кон домот за да поминеме што повеќе време со нашето дете.

Листата со најчести предизвици кога родителот е вработен веројатно е долга и секој родител има свои лични предизвици, својствени само за него, па тука извлекуваме неколку најчести:

1. Родителите секогаш имаат чувство дека не поминуваат доволно време со семејството.

Никогаш не бил поголем предизвикот да се биде родител и да се работи затоа што барањата за исполнување на целите на работа станаа многу повисоки. Во исто време желбата да се биде уште подобар во улогата на родител секој ден ги обзема сè повеќе и повеќе, како што растат децата. Чувствата што тогаш можат да ги преплават родителите се потиштеност и чувство на вина поради недоволно поминато време со детето, како и грижа дали ќе ги постигнат поставените цели од страна на работодавците.

Што да се направи? Да се организира специјално време со секое дете посебно. За да обезбедите квалитетно време со своите деца, покрај редовните заеднички оброци (на пример, вечера), без користење техника, би било пожелно барем еднаш во седмицата или во две седмици родителот да помине барем еден час насамо со едното дете. Важен чекор е закажување на тој „состанок“ затоа што кога родителот чека нешто да се случи спонтано, главно не се случува никогаш или ретко.

2. Родителите се занемаруваат себеси и ретко кога имаат доволно време за своите потреби.

Иако на родителите сите им велат дека прво треба да ги задоволат своите ментални и физички потреби, некако родителите во повеќето ситуации го оставаат тоа настрана. Повеќето родители се свесни дека се занемаруваат себеси и многу им е тешко некогаш да одлучат одредени потреби на детето да ги стават на второ место во однос на своите потреби (на пример, да излезат да се видат со пријателите и да го пропуштат бањањето на детето пред спиење, кое е важен дел од семејната рутина). Грижата на совест тука е чест гостин и на родителите често им ја расипува забавата.

Што да се направи? Да се организира специјален состанок со самиот себе. Дали родителот сака да чита, да шета, да вежба или да помине време со својот пријател? Тој треба да си обезбеди себеси барем два часа неделно кога нема да мисли на потребите и барањата на децата. И како што е потребно да се закаже специјално време со своето дете, така е важно во календар да се внесе и своето време.

3. Детето се разболува баш кога родителот има некој краен рок на работа – ова се чести ситуации и се дополнителен стрес за родителите.

Додека на детето му расте температурата над 39 степени, родителот како вработена личност верува дека не смее да има изговори за да доцни со одредениот проект што треба да го предаде – тоа е ситуација која е причина родителот да биде преплавен со анксиозност во врска со работата, како и во врска со состојбата на детето.
Што да се направи? Во оваа стресна ситуација најважно е родителот да пронајде мир и да даде објаснување зошто е важно да се остане фокусиран, иако тоа понекогаш е многу тешко. Доколку родителите може да најдат замена на работа или да побараат од колегата нешто да заврши наместо нив, тоа би било добро, а доколку не можат, би било пожелно да се организира и одредена помош дома – макар тоа бил и соседот кој може да седи покрај детето и да ја мери температурата,  додека родителот седи во другата соба и го завршува својот проект.

4. Родителот е на многу важен состанок, а добива повик од детето на кое му треба емотивна утеха „сега и веднаш“.

Овде секогаш најголем предизвик за родителите е со многу љубов и разбирање на детето да му објаснат дека додека трае состанокот, не можат да бидат целосно присутни и да дадат утеха и потпора, а да не почувствуваат вина и тага што во моментот не се со своето дете. Истовремено родителот може да почувствува високо ниво на непријатност затоа што состанокот е прекинат, особено кога тука е присутен некој од важните во компанијата, како и грижата дали таа ситуација може да има некаков негативен ефект врз статусот во компанијата.

Што треба да се направи? На детето со најтопол тон да му се покаже разбирање и да се изрази желба да се слушне неговата приказна, но и дека на родителот вниманието е поделено и дека штом ќе излезе од состанокот, веднаш ќе го побара детето и ќе зборуваат за она што го вознемирило. Доколку постои можност, секогаш е добро да одите по детето на училиште, да го одведете на заеднички ручек (како некој вид специјално време) и да зборувате за она што на детето му е важно.

5. Отсуство од работа поради болест на детето

Овие ситуации се многу чести кај родителите на деца од претшколска возраст, чиј имунитет допрва се развива. Иако родителот е 100 отсто сигурен што му е приоритет (а тоа е детето), сепак од сите тие ситуации се чувствува многу анксиозно во однос на тоа што ќе речат колегите/менаџерот/лидерот, за честите отсуства, дали тоа ќе предизвика губење на работата и губење на изворот на приходи со кои се обезбедува егзистенција на семејството, или можеби како тоа ќе влијае врз понатамошно напредување во компанијата и можноста за поголема заработка која би овозможила поквалитетен животен стандард на целото семејство.

Што да се направи? Однапред договорете ги овие ситуации со раководителот и обезбедете одредена личност која може секогаш да ве замени кога не сте во можност да одите на работа. Создајте атмосфера секогаш кога ќе бидете дома и ќе се грижите за болното дете вашата работа да функционира. Подоцна, кога детето ќе порасне, ваквите ситуации ќе бидат во помал број затоа што детето ќе стекне имунитет, а вие во меѓувреме сте научиле уште една вештина: да си создадете „наследник“ на работа и да можете без никакви последици да напредувате во компанијата.

6. Нервоза по враќањето дома заради други обврски околу домаќинството и функционирањето на семејството.

Имено, и семејството претставува еден вид мала фирма која треба да се води и да им обезбеди на членовите на семејството некаков вид функционалност, но и време кога се забавуваат и се чувствуваат пријатно заедно. Ова особено тешко им паѓа на родителите кои самостојно ја извршуваат својата родителска улога, како и на оние што повеќето работи ги прават без помош од својот партнер. Кај нив често се појавува чувството на презаситеност, константен замор, па и кога се на одмор, не можат никако да го одморат ниту телото ниту душата.

Што да се направи? Организирајте семејни состаноци кои траат максимално 15 минути и договарајте се со другите членови од своето семејство за тоа кој какви задолженија ќе има. Бидете искрени и кажете што ви е најтешко во завршувањето на тие должности и што верувате дека некое од постарите деца би можело да преземе. Со тоа ги учите децата на важни животни вештини: организација, решавање проблеми, а исто така им создавате и чувство дека се корисни. Доколку децата се мали, обидете се да најдете одредена помош (макар и да ја платите) затоа што тогаш е поголема шансата да бидете одморени и да не ја нарушите квалитетната врска со детето.

Чувствата на грижа, анксиозност, вина, потиштеност се редовни следбеници на родителите кои се вработени и некогаш е навистина тешко да се регулира целиот тој стрес кој го нарушува квалитетот на животот и може негативно да влијае врз менталното здравје на родителите и на пристапот кон детето во текот на воспитувањето. Доколку, покрај сето она што родителот се обидува да го направи, и понатаму чувствува замор, несоница, тажен е и раздразлив без никаква причина и има константно чувство на недостиг на самодоверба, пожелно е да побара стручна помош која би му помогнала да се чувствува подобро, а со самото тоа и функционално.

Автор: Николина Милосавлјевиќ, психолог и психотерапевт



912

X