На сите мајки им е потребна помош и на секоја мајка ѝ се добредојдени советите. Бабите ги одгледале своите деца, ги доживеале подемите и падовите што ги носи мајчинството, па со текот на годините научиле што е навистина важно, па така нивните совети знаат да се навистина вредни.

Затоа ви нудиме дел од нив, особено за моментите кога ќерката на светот ќе донесе ново бебе.

1. Негувајте го својот однос со партнерот

Во моментот кога бебето ќе дојде на овој свет, тоа станува најважниот дел од вашиот живот и сè е подредено на тоа мало суштество. Но, да се биде предаден на своето бебе не значи дека треба да го запоставите односот со својот партнер. Бебињата впиваат како сунѓери, па затоа ако сакате да ги научите на љубов, толеранција и здрави меѓучовечки односи, тоа најдобро ќе го направите ако негувате добар однос со својот партнер. Освен тоа, вашето бебе еден ден ќе порасне и ќе тргне во светот на возрасните, а ќе останете само вие и вашиот партнер. Затоа е важно да вложувате во бракот и да ја одржувате вашата врска.

2. Грижете се за себе

Со доаѓањето на бебето секоја мајка се запоставува себеси. Грижата за бебето бара многу време и љубов, а понекогаш и челични нерви, што може да биде исцрпувачко. На секоја мајка понекогаш ѝ е потребна пауза. Ако одвоите малку време за себе, полесно ќе ги исполнувате секојдневните обврски. Нема да бидете лоша мајка ако детето го оставите на чување кај баба или некоја друга личност од доверба и тоа време да го искористите за релаксирачка бања, прошетка со партнерот или дружење со пријателките, па макар тоа било половина час. Не плашете се да побарате помош. Начинот на кој се грижите за себе ќе се одрази и врз вашето бебе. Ако вие сте незадоволни, и вашето бебе ќе биде незадоволно.

3. Верувајте им на своите инстинкти

Не мора да бидете исти како другите мајки, не треба да постапувате исто како другите мајки и не треба да се споредувате со другите мајки. Секогаш имајте доверба во себе, своите одлуки и верувајте им на своите инстинкти. Не постои мајка што знае баш сè, затоа немојте да се плашите дека ќе направите грешка и не срамете се да побарате помош. Дури и кога ќе направите грешка, признајте си ја. Прифатете ги грешките како нормален дел од мајчинството и од секоја грешка извлечете поука.

4. Бидете доследни

Да се биде добра мајка значи да го научите детето за разликата помеѓу погрешното и правилото, но и да му поставите на детето одредени ограничувања. Тие се клучот за постигнување дисциплина. Кога ги поставувате границите, бидете љубезни, но и цврсти. Кога ќе дојде моментот да го казните своето дете, таа казна претворете ја во можност детето нешто да научи што ќе му користи во иднина. Децата се попаметни и разбираат многу повеќе отколку што возрасните мислат. Бидете доследни на она што го очекувате од нив и последиците што следуваат.

5. Опкружете го своето дете со љубов

Често прегрнувајте го своето дете и дајте му доволно љубов. Не можете никогаш да го сакате премногу, па не плашете се дека ќе го разгалите. Ако му покажувате љубов купувајќи му материјални работи, ќе го разгалите. Мајчинската љубов се покажува со дела, а не со подароци.

6. Секое бебе е различно

Секое бебе има свој карактер, затоа немојте да го споредувате со други деца, особено кога се во прашање развојот и усвојувањето на новите вештини. Не треба сите бебиња да почнат да одат или да зборуваат во ист период. Некои бебиња заспиваат без проблем, додека кај други ритуалите за заспивање ќе бараат малку повеќе време и труд. Исто така, некои деца често плачат, додека други не. Запомнете дека тоа не е ваша грешка и дека не сте лоша мајка ако вашето бебе не е како другите бебиња. Прифатете го своето бебе такво какво што е и насочувајте го на правиот пат, наместо безуспешно да се обидувате да го направите она што не е.

7. Уживајте во секоја минута

Бебињата растат многу брзо, па уживајте во секој поминат заеднички момент. Ќе има долги денови и непроспиени ноќи, но ќе дојде ден кога вашето бебе ќе стане млада личност спремна за одење во светот на возрасните, па ќе ви недостигаат плачењето, заспивањето, хранењето и галењето. Уживајте во секој момент бидејќи тие моменти се уникатни, иако знаат да бидат тешки.

8. Бидете му пример на вашето дете

Возрасните некогаш мислат дека бебињата не сфаќаат некои работи. Но, вашето бебе впива сè што се случува околу него. Секоја постапка, случување или изговорен збор го обликува неговиот карактер и одредува во каква личност ќе порасне. Од првите денови обидувајте се да му бидете добар пример на своето дете, па еден ден ќе бидете горди на него.

9. Секоја тешкотија ќе помине

Некои фази од развојот знаат да бидат малку тешки, но колку и да ви се чини дека сте во безизлезна ситуација поради уште една непроспиена ноќ, болните грчеви кај бебето и одбивањето храна, запомнете дека тоа ќе заврши. Еден ден ќе гледате фотографии и со насмевка на лицето ќе се сеќавате на сите анегдоти што сте ги доживеале со своето бебе, па ќе се смеете на оние ситници што знаеле да ве извадат од такт во првите денови од мајчинството бидејќи сте мислеле дека тоа се големи проблеми.

10. Барајте помош кога ви е потребна

Не двоумете да побарате помош од блиска личност за да ви го олесни преминот преку препреките кои мајчинството понекогаш ги носи. Колку и да се подготвувате за мајчинството во бременоста преку читање книги, никогаш не можете да бидете доволно подготвени за реалните ситуации. Кога ќе се појави одреден проблем или тешкотија, знајте дека не сте сами. Не треба низ сè да поминувате сами. Кога не сте сигурни што да направите, повикајте ја својата мајка или друга блиска личност, која веднаш ќе ви помогне.

Извор



912

X