Отпорноста не е само способност да закрепнете од разочарување или загуба, ниту способност да се приспособите на промените, големи или мали, истакнува д-р Товах Клајн, психолог и директорка на Центарот за ран детски развој на колеџот „Барнард“.
Таа ја гледа отпорноста како збир на карактеристики на кои родителите можат да ги научат децата и да им помогнат да ги развијат преку секојдневните интеракции. Таа верува дека не е нужно точно оти поединецот станува отпорен само откако ќе се соочи со неволја, иако тоа може да влијае, но не мора да е единствениот начин да се изгради отпорност.
Според д-р Клајн, постојат и други начини да им се помогне на децата да станат независни, снаодливи, грижливи луѓе кои можат да се справат со животните подеми и падови и да напредуваат. Таа издвоила седум чекори кои вие како родители можете редовно да ги правите за да одгледувате издржливи деца.
Најдете го вашиот мир за да им помогнете да го најдат својот
-Ќе има моменти кога ќе бидете вовлечени во емотивниот вител на вашето дете или тинејџер. Тоа не е местото каде што сакате да бидете. Од друга страна, ако се потрудите да ја вратите рамнотежата, можете да му помогнете да го најде својот мир – вели психологот.
Кога се соочувате со вакви ситуации, се препорачува да размислувате на следниот начин: „Овде сум јас возрасниот“, „Ова нема да трае вечно, тој/таа е уште мал/а“, „Морам да бидам смирен, му требам на моето дете“. Во такви моменти, потсетувајќи се дека сте во ред и дека можете да се справите со несогласувањата со вашето дете, ќе можете да му се обратите на детето на јасен и стабилизирачки начин. Вашата упорност ќе му помогне и тоа да се стабилизира.
Креирајте рутини
Секој ден е исполнет со повеќе транзиции, принудувајќи нè да се соочиме со доза на неизвесност секој пат. Ова може да нè дестабилизира и да предизвика стрес. Во основа, воспоставената рутина ги прави транзициите попредвидливи, обезбедува чувство на контрола и им помага на децата да станат понезависни. Тие почнуваат да размислуваат на овој начин: „Знам што е следно. Знам што се очекува. Можам да го направам тоа“.
-Колку повеќе се поставуваат рутини, толку луѓето се чувствуваат постабилно – истакнува психологот.
Дневните рутини обезбедуваат стабилност. Тие се практикуваат и за поголеми транзиции, без разлика дали се планирани – како нова куќа, ново училиште, прва работа по училиштето – или неочекувани, како преселба поради поплава или пожар, или смрт на некој близок.
Дајте им до знаење на децата дека верувате во нив
Кога ќе покажете дека верувате оти вашето дете може да направи нешто, тоа учи да верува во себе, дури и кога ситуацијата е тешка. Д-р Клајн советува да си ги поставите овие прашања:
-Дали моето дете може да се справи со овој предизвик?
-Дали неговата фрустрација е во ред?
-Дали му верувам дека само ќе се справи со тоа?
-Со тоа што ќе им дадеме простор да се обидат сами да решат проблем користејќи свои идеи и ресурси, децата имаат можност да се предизвикаат себеси и да стекнат самодоверба за да се обидат повторно. Ова им користи без разлика дали се качуваат на игралиште, ја закопчуваат кошулата или решават проблеми од училиште – објаснува психологот.
Знаењето дека сте блиску до нив, подготвени да помогнете доколку е потребно, им дава самодоверба што им е неопходна за да се обидат.
Негативните чувства се неопходни
-Учењето да ги регулирате емоциите е тајната за градење издржливост. За да им ја дадете на вашите деца оваа моќна алатка, помогнете им да се соочат со тешките чувства и да научат да се справуваат со нив – истакнува психологот.

Кога детето доживува негативни емоции и не е исмејувано или казнувано, тоа учи како да ги чувствува, прифати и да ги надмине.
Како родител, може да ви биде тешко да дозволите вашето дете да биде вознемирено. Ако сметате дека е ваша задача да го усреќите вашето дете, ќе ви биде потешко да се справите со неговите негативни чувства. Можеби мислите дека не сте успеале. Наместо тоа, помогнете му на вашето дете да ги прифати тешките чувства со тоа што ќе повторите дека сите чувства се нормални и дека е сакано без разлика на сѐ. На овој начин тоа може да научи да искусува различни емоции, да ги обработува и на крајот да продолжи понатаму.
Бидете разумни и љубезни, колку што можете повеќе
Децата ги гледаат, чувствуваат и апсорбираат постапките на нивните родители. Ако им покажете разум, љубезност и сочувство, децата учат да се однесуваат кон другите на ист начин. Д-р Клајн советува да разговарате со вашите деца, да поставите граници и да им дозволите да ве испрашуваат.
-Тоа ги учи како да ги почитуваат другите луѓе. Кога сте груби со вашето дете, тоа учи да ги користи истите тактики за да го добие она што го сака – додава таа.
Меѓутоа, различен пристап, каде што ќе му дадете до знаење дека сте тука за него, може да има подобри резултати.
Извинете се, поправете ја врската и повторно поврзете се
Никој не е совршен, ниту треба да очекувате да бидете како родител. Понекогаш ќе ги изгубите нервите, што може да биде страшно за детето, па дури и за тинејџер. Клучно е да ја поправите врската со искрено извинување и признавање на вашата улога. Бидете искрени и директни:
-Жал ми е што викав.
-Жал ми е што не те послушав порано.
-Извини. Не требаше да го сторам тоа.
Преземањето одговорност може да им донесе олеснување на децата и да им даде пример како да се справат со гневот и нарушувањата во другите односи во нивниот живот, вклучително и односите со пријателите или партнерите. Веќе во нивниот однос со родителите тие треба да знаат како да ја поправат врската и повторно да се поврзат.
Бидете тука за да им помогнете да ја намалат нивната анксиозност
Во секојдневното градење односи со вашето дете и тинејџер, вие ја поставувате основата за моментите кога тие неизбежно се соочуваат со тешкотии. Знаејќи дека ќе бидете тука за него, максимално фокусирани и смирени, детето ќе може полесно да се справи со сите тешки ситуации во неговиот живот.
-Кога ќе се појават кризи, способноста да ја контролирате сопствената анксиозност и страв ќе ви овозможи да обезбедите поддршка и водство на конзистентен начин, дозволувајќи му на вашето дете да научи да ги регулира своите чувства додека расте – додава д-р Клајн.
Тaa заклучува дека ова е начинот да се заштитат децата од долгорочните негативни ефекти на стресот, траумата или многу животни предизвици. Со други зборови, ова е начин да се направат поотпорни.
912