Презаштитувањето, занемарувањето, критикувањето и споредувањето се непријатели на вашите деца

Во современиот живот во кој и родителите и децата имаат сѐ повеќе обврски, а недоволно време едни за други, не е едноставно да се забави чекорот, да се погледне во меѓусебниот однос и грешките што родителите често ги прават. Понекогаш ни на родителите ни на децата не им е едноставно да се разберат себеси и другите, а психологот и терапевт Љубица Богетиќ објаснува каква трага врз емоциите и однесувањето оставаат некои постапки и однесувања на родителите.

Кои емоции децата најчесто ги потиснуваат и зошто?

Секое дете е поинакво и потиснува различни емоции. Децата ги потиснуваат оние емоции што не смееле да ги изразуваат дома. Некому не му било дозволено да покажува лутина, гнев, некому тага, некому страв, па така тие научиле да ги покажуваат во некој друг облик, преку неприспособено однесување, некоја друга емоција или преку болест. Во моето советувалиште најчесто родителите носат деца кои имаат проблем со анксиозноста. Тоа главно се добри деца кои се адаптирани и амбициозни, се плашат од неуспех, од иднината, многу се грижат, не знаат да се опуштат, а често се и жртви на врсничко насилство. Тие неретко имаат проблем со регулацијата на емоциите.

Како родителот да препознае дека детето му е анксиозно?

Некои деца кога ќе тргнат на училиште, имаат чести психосоматски тегоби или панични стравови. Таквите деца се перфекционисти, претерано критични кон себе и сметаат никогаш не се доволно добри. Тие деца често во детството учеле да не ги изразуваат своите чувства, да ги потиснуваат, претерано ставаат акцент на оценките и успехот во училиштето или спортот.

Каков тип родители и каков родителски стил креираат анксиозни деца? Како се решава овој проблем?

Најчесто родителите што премногу ги заштитуваат своите деца предизвикуваат појава на анксиозност подоцна. Таквите деца на секоја животна промена или одвојување може да реагираат многу бурно, да бидат несигурни кога треба нешто самите да направат. Втор пример се родителите што претерано контролираат, кои дури и возрасните деца не ги оставаат да мислат со своја глава, потоа родителите што премногу се грижат и имаат претеран страв од иднината, па на децата им испраќаат порака дека светот е опасно место за живот.

Каде води споредувањето на кое родителите се склони? (од типот: „не си како сестра ти/брат ти“, „јас на твои години…“, „гледај како другите деца го прават тоа…“)
Повеќето родители не размислуваат многу за родителството, туку своите деца ги воспитуваат како што ги воспитувале нивните родители. Тоа е трансгенерациско пренесување на воспитувањето. Понекогаш тоа е добро, а понекогаш лошо. Постојат и такви што сакаат да бидат поинакви од своите родители, па одат во друга крајност. На пример, ако родителите им биле претерано строги, тие стануваат претерано попустливи, па децата им се разгалени. Затоа велиме дека родителството се учи цел живот. Тоа не ни е само така дадено, туку она што сме го добиле од своите предци треба критички да го набљудуваме и да го применуваме она што е функционално во денешно време и во овие околности, а да го отфрлиме она што не е функционално.

Исто така, треба да се разгледаат и други модели и да се прифати нешто што дава добри резултати. Секогаш треба да се има предвид дека секое дете е различно и дека она што добро влијаело на едно дете не значи дека така ќе влијае и на друго. Ова им е познато на семејства со повеќе деца, што значи дека најважно е да се почувствуваат детето и неговиот темперамент и да се креира добар однос со него.

Честа родителска грешка е кога тие претерано ја критикуваат личноста на детето. Кога го критикувате детето како личност, тоа е нешто што детето не може да го исправи, па таа критика е залудна. Втората честа грешка е спротивна, родителите воопшто не го критикуваат детето затоа што се плашат дека ќе го фрустрираат и дека тоа може да има некаква траума поради тоа.

 



912

X