Неплодноста е почеста отколку што мислите, а справувањето со неа може да биде голем предизвик за паровите. Неплодноста е дефинирана како неможност да забремените по една година незаштитен секс ако сте под 35 години или шест месеци ако сте над 35 години. Експертот за плодност и бременост Леа Хехтман ги разоткрива најчестите митови за машката неплодност.
Мит #1: Неплодноста ретко е машки проблем
Статистиката за неплодност се разликува од земја до земја, но во повеќето случаи соодносот е 50:50, иако за машката неплодност се зборува помалку и поразлично. Најчеста причина за машката неплодност е оксидативниот стрес, односно нерамнотежата на слободните радикали и антиоксидантите што доведува до оштетување на клетките.
Постојат многу различни фактори што влијаат врз оксидативниот стрес и со тоа промовираат машка неплодност. Некои од нив се дебелината, рекреативното консумирање дрога и алкохол, недостигот на физичка активност и стресот.
Мит #2: Возраста не е важна
Поновите истражувања покажуваат дека и плодноста кај мажите се намалува со возраста. Иако тие можат да произведуваат сперма дури и во подоцнежните години, нејзиниот квалитет опаѓа со текот на времето.
Постарата возраст влијае врз времето на обидот за зачнување, како и врз стапката на спонтан абортус. Покрај тоа, нивото на тестостерон се намалува со текот на времето, што може да влијае врз падот на сексуалната функција.
Мит #3: Мажот треба да знае дека е неплоден
Во повеќето случаи нема очигледни знаци на машка неплодност. Сексуалните односи, ерекциите и ејакулациите главно се одвиваат без проблеми. Изгледот и количината на сперма се чини дека се сосема добри. За да се утврди машката неплодност, потребни се медицински тестови.
Мит #4: Работата не влијае врз неплодноста
Потребни се во просек од 72 до 76 дена за да се развие и созрее спермата пред ејакулација. Затоа, здравствената состојба на мажот два до три месеци пред обидот за забременување значително влијае врз квалитетот на спермата.
Бидејќи спермата е чувствителна на оксидативен стрес кој доаѓа од фактори на животната средина, мажите треба да бидат свесни за можните опасности на работното место.
Мажите што работат со тешки метали и пестициди се изложени на електромагнетно зрачење, топлина или механички вибрации, може да имаат проблеми со неплодноста. Во такви ситуации, важно е мажите да се придржуваат до мерките за безбедност, да носат соодветна заштитна облека со цел да се намали изложеноста на потенцијални опасности при работа.
Мит #5: Мажот не може да ја подобри својата плодност
Постојат различни начини на кои мажот може да ја подобри својата плодност. Може да се откаже од пушењето, да го намали алкохолот и да одржува оптимална тежина. Може да побара стручна помош и отворено да разговара за својот проблем со партнерката и роднините. Правилната исхрана со насочени суплементи може да биде од голема помош, но важно е да се спроведе под надзор на нутриционист.
912