Со оглед на тоа дека летото е период кога децата поминуваат повеќе време на отворено, повеќе трчаат и скокаат, можни се и повеќе повреди. Не спречувајте го детето. Тоа мора да си игра, да скока, а некогаш и да падне. Проценете ја опасноста на теренот каде што игра, дали игралиштето е соодветно за деца. На пример, на море има остри карпи, кои се лизгаат, па децата може да се повредат. Имајте при рака фластер или нешто слично во случај детето да се повреди да може да го сопрете крвавењето, да ја дезинфицирате раната и на неа да ставите нешто стерилно.

Други најчести болести и состојби на море се: дехидратација, пролив и повраќање, температура, главоболка, исип, алергиски реакции на убод од инсекти.

Голема е опасноста на летните горештини да се консумира непроверена храна. Голема е и можноста за ширење стомачни вируси во текот на летото. Се манифестираат со мачнина, пролив и повраќање, а чести се и високи температури. Децата, колку што се помали, толку се посклони на дехидратација и доколку навреме не им ги надоместиме течностите што ги изгубиле при дијареја, повраќање и висока температура, можеби ќе мора да одат во болница и да примат инфузија. Освен течности, децата губат и електролити, па треба да се дадат и електролити, кои се во форма на прашок и се раствораат во одредено количество вода.

Сончаница и исипи

Иако тоа го препорачуваат сите педијатри и медиуми, уште се случуваат болести поради претерано изложување на сонце, проследени со главоболка, мачнина и повраќање. Кога ќе се појават такви симптоми, детето мора да се хидрира, да му се дадат студени течности, да се стави во мрачна просторија и да не се изложува на сонце. Ако повраќањето не престанува, детето треба да се однесе на педијатар.

Поради големите горештини и несоодветната облека (на пример, облека од вештачки влакна која задржува топлина), детето повеќе ќе се поти и може да дојде до појава на различен исип кој не само што изгледа лошо туку и предизвикува чешање и непријатност. Исипите не треба многу да ги мачкате со кремови, подобро е детето почесто да го туширате и да му облекувате чиста облека, па следете ја ситуацијата.

Убоди од комарци и од други инсекти

На годишниот одмор ве чекаат и комарци, но и други инсекти. Најважно е да се има превенција за убодите од комарци. Во просториите каде што спиете не палете светло навечер, ставете мрежа против комарци и вклучете апарати против комарци. Кога сте надвор, во градина или слично, палете свеќи кои ги бркаат комарците, а ако бебето заспие во количка, прекријте ја со прекривач од мрежа, бидејќи комарците не можат да влезат, а детето ќе има доволно воздух. Мачкањето со препарати против комарци не е препорачливо кај бебињата и малите деца, особено ако имаат проблематична кожа. Ако комарецот го касне детето, тоа обично чеша, па можете да ставите растителни гелови кои ладат или да му дадете антихистамини во капки, ако сте ги понеле. Ако бебето заспие на отворено, внимавајте на инсектите. Бебињата имаат нежна кожа која ги привлекува комарците и другите инсекти, па мора да внимавате да не ги каснат бидејќи реакциите на кожата на најмала возраст се навистина бурни. Па така, ако бебето го оставате да спие надвор во зеленило, добро би било да го покриете со мрежа за да има доволно воздух, а да не доаѓаат до него инсектите.

Автор: Џована Армано, педијатар



912

X