Здравје

Најчести знаци за дехидратација кај мајките што дојат

Дехидратацијата претставува состојба на организмот кога тој губи повеќе течности отколку што внесува. Нашето тело се состои од две третини вода, па затоа е важно таа течност соодветно и редовно да ја обновуваме со внесување доволна количина вода во текот на денот. Хидратацијата е важна за општото здравје на организмот, а особено е важна за мајките што дојат. За време на доењето од телото на мајката се „користи“ голема количина вода, поради што е важно таа да пие доста течности за да го олесни и поттикне создавањето на млеко. Ова значи дека доколку мајката не пие доволно течности – ниту за бебето нема да има доволно млеко.

Колку вода се препорачува за доилките?

На мајките што дојат им се препорачува вообичаената количина вода во текот на денот што им е потребна на сите, а препорака е и по секое доење да се испие една чаша вода – за да се надомести изгубената течност од организмот. Најдобар начин за телото да остане хидрирано е да се пие по малку течност во текот на целиот ден – наместо „налевање“ одеднаш. Така телото ќе ја апсорбира потребната количина секојпат кога ќе испиеме малку вода, а „вишокот“ ќе го спроведе до мочниот меур.

Како да се препознае дехидратација кај мајките што дојат?

– Сува уста: прв симптом на дехидратација.
– Темна урина: еден од начините во вистинско време да забележите дека на вашиот организам му треба повеќе вода.
– Зголемена жед: „аларм“ на телото да го зголемите внесот на вода.
– Главоболка: доаѓа до главоболка бидејќи со помал внес на вода во организмот телото не добива доволно течности, а за правилна работа на сите органи во телото потребни ни се околу 8 чаши вода дневно (бројот варира од лице до лице).
-Вртоглавица.
-Замор.
-Раздразливост.
-„Мозочна магла“: односно когнитивна дисфункција, чувство на деконцентрираност и слаб фокус.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top