Според Американското психолошко здружение, анксиозноста е емоција која се карактеризира со чувство на напнатост, загрижувачки мисли и физички промени како зголемен крвен притисок. Луѓето што страдаат од анксиозни нарушувања обично имаат повторливи, наметливи мисли или грижи и затоа имаат тенденција да избегнуваат одредени ситуации. Ова нарушување може да се манифестира и со физички симптоми, како што се потење, тремор, вртоглавица и забрзан пулс.

Меѓутоа, освен возрасните, знаци на анксиозност можат да покажат и децата. Затоа едукаторот за родители и детски психолог Џејми Блох предупредила за шесте најчести знаци на анксиозност кај децата во нејзината објава на „Инстаграм“.

-Физички телесни тегоби: стомачни болки, „пеперутки“ во стомакот, главоболки.
-Избегнување активности: децата не сакаат да прават нешто или да одат на одредени активности или места, на пример, на училиште или на забава.
-Постојано барање уверување: постојано поставување прашања и појаснувања на иста тема.
-Почести и сериозни изливи на гнев: нерасположение, раздразливост или плачење.
-Тешкотии со спиењето: потреба за поголем контакт со родителите во текот на ноќта, проблеми со заспивањето, задржување на сонот или рано будење.
-Немир или тешкотии со концентрирање.

Телото има три природни реакции на стрес, истакнува психологот. Тие три одговори се: борба, бегање и/или замрзнување. Овие одговори се физиолошката реакција на нашето тело што се јавува кога се чувствуваме загрозени. Тоа може да биде на емотивно или на физичко ниво.

-Овие реакции на стрес се важни за нашата безбедност и ни помагаат да се подготвиме и да се соочиме со закани, да бегаме или да се скриеме од опасноста, која е реална или не.

Таа тврди дека на родителите им е полесно да препознаат и да забележат борба и бегство кај децата, бидејќи овие реакции можат да бидат пореактивни. Сепак, одговорот на „замрзнување“ е многу потешко да се забележи и препознае.

-Реакцијата на „замрзнување“ вклучува различен физиолошки процес од борбата или бегството. Оваа реакција предизвикува телото да оди во состојба на неподвижност. Ова значи дека децата ќе изгледаат како да функционираат нормално, но многу побавно, што може да се појави како летаргија или мрзливост. Ако не сме свесни за знаците и симптомите на смрзнувањето, случајно можеме да ги запоставиме нашите деца во време кога им требаме – заклучила Блох.

Извор



912

X