Бронхитисот е состојба кога мукозната мембрана на големите дишни патишта е воспалена, односно отечена и зацрвенета. Овие дишни патишта се нарекуваат бронхијални цевки и го поврзуваат душникот со белите дробови. На нивниот внатрешен ѕид се формира слуз, кој ги покрива и штити органите и ткивата важни за дишењето.

Бронхитисот може да го отежни протокот на воздух во и надвор од белите дробови. Исто така, може да ја иритира слузокожата на бронхиите, поради што се создаваат многу секрети. Имајќи го сето ова на ум, не е изненадување што најчестиот симптом на бронхитис е упорната кашлица.

Бронхитисот може да биде акутен или хроничен

Акутниот бронхитис се појавува брзо, ненадејно и може да предизвика сериозни симптоми, но обично не трае повеќе од неколку недели. Причина за бронхитис во повеќето случаи се вирусите, кои го инфицираат респираторниот тракт и ги напаѓаат бронхиите. Исто така, некои бактерии можат да бидат причина за бронхитис, а повеќето луѓе имаат акутен бронхитис барем еднаш во животот.

Хроничниот бронхитис се јавува поретко кај децата, може да биде поблаг или посериозен, а трае подолго – од неколку месеци до неколку години. Најчеста причина за хроничен бронхитис е пушењето. Бронхијалните цевки остануваат воспалени и иритирани, а се создаваат многу секрети. Луѓето кои имаат хроничен бронхитис се изложени на поголем ризик од бактериски инфекции на дишните патишта и белите дробови, како што е пневмонија.

Симптоми на бронхитис

Акутниот бронхитис обично започнува со сува, постојана кашлица предизвикана од воспаление на слузницата на бронхиите.

Други симптоми што може да се појават:

  • Кашлица придружена со густи бели, жолти или зелени секрети;
  • Чувство на недостиг на воздух;
  • Болка или стегање во градите;
  • „Свирење“ при дишење;
  • Главоболка;
  • Општо чувство на слабост;
  • Температура;
  • Треперење.

Кај луѓето со хроничен бронхитис, настинките и другите респираторни инфекции може да траат подолго. „Свирењето“ на градите, отежнато дишење и кашлањето може да се појавуваат секојдневно, а дишењето може да станува сè потешко.

Третман на бронхитис

Антибиотиците обично не се користат за лекување бронхитис бидејќи оваа инфекција е предизвикана од вируси, а не од бактерии. Во повеќето случаи, доволно е домашно лекување на децата со бронхитис, а лекарот ќе препорача зголемен внес на течности и одмор.

Некои деца ќе имаат потреба од супресанти за кашлица, за што ќе одлучи лекарот, а понекогаш се користат и лекови за астма за опуштање и отворање на бронхијалните цевки, исфрлање на секретот и олеснување на дишењето. Овие лекови обично им се даваат на децата со вдишување.

Детето со хроничен бронхитис треба да го избегнува сето она што може да ги иритира бронхиите, а возрасните кои пушат треба да престанат да пушат. Чадот од тутун е причина за хроничен бронхитис во повеќе од 80 отсто од случаите, а пушачите потешко закрепнуваат од акутен бронхитис и други инфекции на респираторниот систем.

Извор



912

X