Кога бременоста трае цели 42 недели или повеќе, тогаш веќе зборуваме за надносена бременост. Во продолжение прочитајте што е надносена бременост, кои се причините, како да се поттикне породувањето и кои се можните компликации од доцното породување.

Само 3-5% од жените раѓаат на пресметаниот термин. Сепак, 90% од жените раѓаат една недела пред или по датумот одреден за породување, што спаѓа во опсегот на правилно изнесена бременост.

Надносена бременост – причини

За почеток, важно е да се знае дека повеќето бремености што се сметаат за надносени всушност не се. Тие се лажнo надносени. Тешко е да се одреди точниот датум на зачнување, а со тоа и датумот на породувањето, а најчесто се работи за грешка во точната процена на времетраењето на бременоста, односно погрешно се пресметува датумот на породување. Ова е затоа што:

-трудницата немала редовни менструални циклуси
трудницата не го следела редовно менструалниот циклус
-трудницата имала нарушувања на овулацијата.

Вистинската причина за надминувањето на рокот не е позната. Причината зошто бебето „доцни“ не може да се утврди, но може да се претпостави дека тоа е затоа што:

-присутна е малформација кај детето
-преносот е генетски детерминиран – ако мајката го надносила детето и ќерката има поголеми шанси за надносување; исто така, ако трудницата еднаш го надносила плодот, шансите да ѝ се повтори истото се 2-3 пати поголеми.

Надносена бременост – што сега?

Откако докторот ќе утврди дека се работи за надносена бременост, понатамошната процедура зависи од:

-правилната процена на времетраењето на бременоста
-состојбата на детето
-зрелоста на грлото на матката.

Контрола на амнионската течност (плодова вода) по терминот за породување

Амнионската течност е средина во која детето се развива и живее за време на бременоста. Затоа, процената на времетраењето на бременоста и состојбата на детето најдобро се определува со амниоскопија – метод со кој плодовата вода, нејзиниот изглед и количина, се набљудува со помош на осветлена цевка (тубус).

Попрецизна процена се врши со биохемиско и цитолошко испитување на плодовата вода, добиена од аспирација со игла во процедура наречена амниоцентеза.

Амниоцентезата е инвазивна процедура со која се зема примерок од плодовата вода за анализа, а тоа се прави со спинална игла, под контрола на ултразвук.

Прегледи по терминот за породување

По истекот на рокот, прегледите на лекар ќе зачестуваат, ќе се одвиваат обично два пати неделно. Лекарот ќе спроведе серија тестови за следење на следните параметри:

-чукање на срцето на детето – следено со кардиотокограф, т.е. ЦТГ
-движења на детето
-движења на дишењето
-тонусот на детето
-изгледот и функцијата на плацентата – следени со ултразвук
-изгледот и количината на плодовата вода – се следи со амниоцентеза, а зелената боја укажува на присуство на мекониум и е знак за фетален дистрес; волуменот на амнионската течност се одредува со ултразвук.

NST (non stress тест, CTG снимање без контракции на матката), движењата и дишењето на фетусот, феталниот тонус, волуменот на амнионската течност и изгледот на плацентата, се компоненти вклучени во биофизичкиот профил – исклучително ефикасен метод за процена на состојбата на фетусот.

Надносена бременост и индуцирано породување

Ако се процени дека ризикот од породување е помал од ризикот да се задржи детето во утробата и да се чека спонтано раѓање, лекарот ќе го предизвика породувањето.

Лекарот ја прегледува трудницата и ја проценува зрелоста на грлото на матката. Врз основа на ова, се користи една од техниките за поттикнување на породувањето, имено

Како да се забрза отворањето за време на бременоста?

Доколку нема проблеми со детето или со бременоста, породувањето нема да биде провоцирано. Тоа значи дека плодовата вода треба да е бистра и да ја има доволно, а плацентата да е функционална. Може да се спроведат голем број независни процедури кои можат да го забрзаат породувањето:

-долги прошетки на свеж воздух
-туширање со топла вода и загревање на грбот
-масажа на долниот дел на грбот
-сексуален однос
-консумација на зачинета храна и чаеви
-одење по скали, со задолжителни паузи.

Кога ќе помине терминот и ќе напредува бременоста, важно е да останете смирени и да се трудите да не се грижите премногу. Не правете ниту една од препорачаните методи за да го забрзате породувањето, освен ако не сте добиле дозвола и упатства од вашиот лекар.

Надносена бременост – ризици и опасности за детето и мајката

Постојат многу опасности за детето и мајката од надносената бременост:

-значително поголемо и потешко бебе од вообичаеното при раѓање (фетална макросомија, дете со тежина поголема од 4.500 г), што често резултира со продолжено породување и повреди; исто така, царски рез се прави почесто кај надносената бременост, што повлекува поголем број компликации кои произлегуваат од оваа процедура; тромбоемболизмот се наведува како најопасен во ваков случај
-се намалува количината на амнионска течност – олигохидрамнион; -движењата на детето се отежнати, има поголеми шанси за компресија на папочната врвца и инфекција
-слабеење на функцијата на плацентата
-детето е изложено на ризик од асфиксија или инфекција
-постои зголемен ризик од асфиксија за време на породувањето, мекониумска аспирација и невролошки нарушувања, а особено конвулзиите се чести
-раѓање мртво дете.

Колку подолго трае бременоста, толку се поголеми ризиците, а можно е да се избегнат со правилно и редовно следење и навремена одлука за почеток на породувањето.

Исто така, колку е подолга бременоста, толку е поголем ризикот од компликации за време на породувањето, како што се:

-оштетување на меките ткива
-продолжено породување – поголем ризик од асфиксија, мекониумска аспирација, невролошки нарушувања
-компликација како резултат на операција во случај на царски рез.

До кога може да се надноси бременоста?

Ако датумот на породувањето е правилно пресметан, секоја бременост (сметајќи од првиот ден од последната менструација) која трае цели 42 недели или повеќе се смета за надносена.

Кога станува збор за надносената бременост, искуствата на родилките и лекарите се различни. Дали бременоста ќе се заврши со индукција на породувањето или со царски рез, или ќе започне спонтаното породување, зависи од состојбата и степенот на загрозеност на детето и мајката, што медицинскиот персонал ќе го процени врз основа на процедурите споменати погоре.

Автор: Кристина Жуна

Извор



912

X