И надарените и талентираните ученици се со нови опции на однесување, па ова се препораки и активности за оние што се во контакт со нив од Љупчо Кеверески, професор на Педагошки факултет – Битола

Познато е дека различни категории луѓе различно ги доживуваат, преживуваат, се однесуваат, односно реагираат во исти или слични ситуации како што е ситуацијата со овој планетарен феномен. Тие можат да се однесуваат на полот, возраста, професијата, образовниот статус, социо-економско ниво и други лични и професионални позиции. Но, малку се говори за тоа како се однесуваат или треба да се однесуваат сите ученици, особено надарените, талентираните и креативните деца, ученици и возрасни.

Кога станува збор за нив, да кажеме дека тоа се оние деца/ученици што имаат забележително побрз развој, напредуваат многу побрзо во одредена област за разлика од нивните врсници. Тие деца често инсистираат да „свират“ по свое, учат на квалитативно различен начин, самостојно пронаоѓаат нови правила со минимална поддршка од возрасните. Се одликуваат со жед за совладување нови знаења, имаат силна внатрешна мотивација, генерираат многу идеи во комбинација со нови и необични начини.

Надареноста е многу повеќе од когнитивен потенцијал, во која се сместени и храброст, сочувство/емпатија и креативност. Познатата авторка Линда Силверман (Linda Silverman -2011) го претставува терминот „неизедначен (асинхрон) развој“ со цел да го опише овој феномен. Надарените, талентираните и креативните имаат своја различна од другите перцепција на објективната стварност. Или како што наведува Алис Милер (Alice Miller): „Децата не можат да ја променат приказната, но можат да го променат доживувањето на таа приказна“.

Во овие ситуации сигурно е дека надарените и талентираните на друг начин ги манифестираат својот страв, бес, разочарување, задоволство, среќа, фрустрации и други емоционални состојби. Тие не се ограничени само на потребата од разговор, тие умеат потребите да ги адаптираат побрзо и попродуктивно да ја искористат ситуацијата често во своја „полза“. Тие имаат тешкотија да го вербализираат тоа што го чувствуваат, но сигурно нивниот морален сензибилитет и чувството за емпатија се повисоки во овие необични и екстремни ситуации на живеење. Тие најчесто се пречувствителни кон оние на кои им се случува нешто непријатно, не покажуваат само когнитивна емпатија, туку и емоционална емпатија. Брзо бараат нови опции на однесување без да го нарушат комодитетот на другите.

Проф. д-р Љупчо Кеверески

Ќе наведеме одредени препораки до сите оние што во семејството, одделението и во своето опкружување имаат надарени и талентирани, деца/ученици:

• Имајте разбирање за хиперсензитивноста на потребата од знаење.

• Оставете ги во светот на детската имагинативност.

• Дајте им слобода на избор во границите на секојдневието, тие опциите сами ќе ги пронајдат.

• Сè може да се одложи, само љубовта не (Смилјана Грујиќ-психолог, Фондација Ѓоковиќ).

• Внимавајте на високиот перфекционизам кај нив поради лимитираноста на нивните аспирации.

• Не нудете ваша слика за она што се случува или за нејзините перспективи, таа е различна од нашата.

• Заедно со детето преку вербална или друга медиумска комуникација одржувајте ги неговите образовни, емоционални и други потреби.

• По никоја цена не избегнувајте ги одговорите на неговите прашања колку и да се надвор од вашите очекувања.

• Високата интелектуална енергија и неможноста таа адекватно да се задоволи може да биде причина за појава на неадекватни реакции, имајте разбирање за тоа, тие се минливи и епизодни.

• Нудете му интелектуална стимулација во условите во кои се наоѓате.

• Доколку имате можност, организирајте медиумска комуникација со деца на иста интелектуална возраст.

• Одредени психо-соматски реакции можат да бидат резултат и на преголемата чувствителност и грижа за светот околу него.

• Со помош на играта може појасно да ги вербализира или искаже своите емоции, како и да ги задоволи своите емоционални потреби.

• Игрите нека бидат меѓу неговите први опции на (пре)окупација во овие моменти.

Еве и нешто конкретно:

Извор: Кеверески, Л., и Џепароска, М.,(2020). Магичниот свет на детската креативност (во подготовка)

или

Извор: Кеверески, Л., и Џепароска, М.,(2020). Магичниот свет на детската креативност (во подготовка)

Ова е само дел од широкиот спектар на активности со кои на надарените и талентираните ќе им помогнеме да ја одржат својата интелектуална кондиција во за нив неприродни социјални околности.

Автор: Проф. д-р Љупчо Кеверески, претседател на Македонската асоцијација за надарени и талентирани



912

X