Здравје

Начини на кои ќе го совладате константниот умор

Ако секогаш сте уморни, причината може да биде недостиг на сон или замор на телото, а разликата е значителна. Поспаните луѓе ќе спијат ако им се укаже можност и на тој начин ќе ја вратат енергијата, додека уморните ќе имаат недостиг на енергија и по доволно часови сон, без волја и сила да работат некоја напорна работа.

Постојат многу причини за несоница и замор, како што се недостиг и слаб квалитет на сон, неправилна исхрана или некои медицински состојби.

Како да се надмине заморот?

Обезбедете доволно часови квалитетен сон

Прекинувањето на сонот може да доведе до нарушување на спиењето, а потоа и до појава на постојан замор. Ако вашиот ритам на спиење постојано се менува, вашето тело нема да знае кога да биде будно и кога да спие, што ќе доведе до нарушување и на други функции на телото.

Ова е особено важно кога станува збор за невообичаени работни распореди, како што се ноќните смени. Истражувањата покажале дека ноќните смени му штетат на општото здравје и го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Ако сте само „ноќна птица“, време е да направите некои промени:

-Држете се до истата временска рамка за спиење, идеално помеѓу 22 и 23 часот.
-Ограничете ја изложеноста на светлина, исклучете го телевизорот и оддалечете ги мобилните уреди.
-Сите оние што работат навечер треба да си легнуваат во исто време и да создадат атмосфера за спиење со целосно затемнување на просторијата. На овој начин, ноќните работници ќе го „ресетираат“ внатрешниот часовник и ќе се приспособат на распоредот за ноќна работа.

Подобрете ги навиките во исхраната

Недоволното внесување калории и течности е уште една причина за постојано чувство на замор. Затоа обрнете внимание на:

Калории – незадоволување на основните енергетски потреби на организмот, односно недоволното внесување калории за основните потреби на организмот, како што се дишењето и работата на органите, ќе доведе до забавување на метаболизмот, а потоа и до постојано чувство на замор.

Протеини – недоволниот внес на протеини ќе влијае врз обновувањето и градењето на мускулните влакна, што може да влијае врз едноставни дејства, како на пример одење на прошетка.

Рафинирани јаглехидрати – производите направени од бело брашно (леб, тестенини, слатки и грицки), бел ориз, како и многу житарки за појадок, најчесто имаат недостиг на минерали, витамини и растителни влакна и вишок шеќер. Иако овие намирници веднаш ќе донесат поттик на енергија, по некое време ќе почувствувате ненадеен пад на енергијата, а потоа и замор.

Дехидрација – недоволното внесување вода доведува до губење на телесните течности и последователно до намалување на волуменот на крвта. Ова додава притисок врз срцето да обезбеди кислород и хранливи материи за мускулите и органите, што повторно доведува до замор.

Затоа, приспособете ги вашите навики во исхраната. Јадете повеќе, изберете сезонска храна од локално потекло и распоредете ги оброците (1/4 протеини, ¼ скробни јаглехидрати, 2/4 зеленчук).

Веднаш по будењето испијте чаша вода и разбудете ги внатрешните органи. Оставете шише или бокал со вода на видно место како постојан потсетник.

Редовно вежбајте

Нивото и видот на физичка активност за човекот да се чувствува енергично зависат од многу индивидуални фактори.

Луѓето што се занимаваат со седечка работа ќе го намалат чувството на замор за 65% доколку одвојат време за пешачење. Должината на вежбањето нема да влијае врз зголемувањето на нивото на енергија колку врз регуларноста.

Замор може да се појави дури и по јадење. Ова се случува кога гликозата во крвта нагло се зголемува. Ако сте седентарен тип на личност, високо ниво на гликоза ќе остане во крвта, што доведува до неможност да се претвори гликозата во енергија. Иако не се препорачува интензивна активност по јадење, само мало движење или стоење неколку минути може да помогне да се стабилизира нивото на гликоза во крвта и да се намали чувството на бавност.

Проверете кај докторот дали има скриени медицински состојби.

Медицински состојби кои предизвикуваат замор се:

Синдром на хроничен замор – се карактеризира со чувство на исцрпеност и поспаност што влијае врз секојдневните животни навики. Ова нарушување најчесто се јавува кај жените по намалено производство на репродуктивни хормони.

Бременост – хормоналните промени, особено зголемувањето на нивото на прогестерон, може да доведат до поголема потреба за сон. Заморот во бременоста е нормален во првото тримесечје.

Анемија – недостигот на црвени крвни зрнца (хемоглобин) нема да обезбеди доволно кислород до мускулите и органите, со што протокот на енергија ќе се намали и ќе доведе до замор.

Апнеа – нарушување на спиењето каде што дишењето е прекинато за време на спиењето. Луѓето со ова нарушување обично се будат ноќе бидејќи имаат проблеми со дишењето, што доведува до намален квалитет на спиење, а потоа и до поспаност во текот на денот.

Проблем со тироидната жлезда – и намалената и зголемената функција на тироидната жлезда може да влијаат врз квалитетот на сонот и чувството на замор.

Дијабетес – неконтролираниот дијабетес влијае врз квалитетот на сонот. Високото ниво на гликоза во крвта ќе доведе до почесто одење во тоалет, а потоа и до проблеми со спиењето, што е уште една причина за замор.

Разговарајте со професионалец за ментално здравје

Ако не постои физичка причина за замор, може да има ментална причина. Стресот може да го наруши ноќниот сон и на тој начин да доведе до поспаност во текот на денот. Продолжените периоди на стрес доведуваат до замор и исцрпеност. Заморот е чест симптом на депресија. Доколку мислите дека заморот е поврзан со депресија или анксиозност, задолжително побарајте стручна помош.

Автор: Дијана Радетиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top