Во бременоста постојат фактори што создаваат услови за настанување кариес. Забите во бременоста бараат посебно внимание и редовни посети на стоматолог.

Забите во бременоста – кариес

Само со лекување не можеме да се бориме против толку раширените болести на забите и устата, па затоа во стоматолошката медицина, како и во сите други медицински гранки, покрај лекувањето, мора да се води сметка и за зачувување на здравјето со превентивни мерки. За кариесот е карактеристично тоа што главно не постои можност за природно, спонтано лекување, па оштетеното ткиво мора да се надомести со вметнати материјали. Забите како дел од нервниот систем имаат исклучително важна улога во текот на џвакањето, голтањето и варењето на храната, дишењето, говорот кај секој поединец, а со самото тоа и во неговата емоционална стабилност. Затоа не треба да се чудите ако губитокот на забите доведува до помали или поголеми последици и нарушување во споменатите активности. Губитокот на поголем број заби, како и болката предизвикана од кариес кој се јавува при џвакањето на храната, придонесува за лошо изџвакана храна, а тоа има последици врз варењето на храната.

Бременост и кариес – дали се поврзани?

Зачестеноста на кариесот во бременоста поттикнала многу експерти да вршат испитувања дали бременоста е причинител за настанокот на кариесот и дали важи изреката – секое дека ја чини мајката еден заб. Тоа старо верување и денес се поддржува, но за него нема научно оправдување. Истражувањата го покажале следното:

– Забите не се извор на минерали за потребите на плодот.
– Нема докажани наоди дека при правилна исхрана кај трудниците се намалува нивото на минерали, особено на калциум и фосфор.
– Хемискиот состав на забите извадени за време на бременоста не покажува отстапувања од нормалните вредности.
– Заклучокот би бил дека бременоста не може да биде причина за зголемениот број заби со кариес.

Меѓутоа, во бременоста постојат фактори што создаваат услови за настанување кариес. Со зачетокот започнува период на раст на нов организам. Иако женскиот организам е подготвен за донесување дете на свет, бременоста сепак во голема мера ја менува трудницата. Трудницата во тој период поминува низ многу телесни и душевни промени. Поради развојот на детето во телото на идната мајка, се случуваат промени карактеристични за бременост – не само добивање на телесна тежина, туку и промени во поединечни органи. Така и слузниците доживуваат промени, па трудницата може да ги уочи, особено оние во усната шуплина. Поради засилената циркулација, непцата се поцрвени, меки и отечени.

Зголемена потреба за калциум

Потребата за калциум се зголемува во бременоста, но калциумот во забите се наоѓа во многу стабилен спој, а количините се премногу мали за да се користат за изградба на детскиот коскен систем. Процесот на вградување калциум во забот за време на неговата минерализација е неповратен. Многу повеќе калциум се одложува во коските и тој процес е повратен. Кај детето забите се чувствителни на промена на количината калциум само во текот на својот развој, додека недостигот на калциум нема важно влијание врз можно настанување на кариесот на забите на трудницата.

Причинители за почест кариес

Ако кариесот во бременоста сепак се зголемува, се смета дека тој е последица на промените во киселоста на плунката, оток на непцата, формирање чепови, а со тоа и зголемена акумулација на забни плаки, па понекогаш и променетите прехранбени навики: јадење слатки, кисела храна, зачестени оброци, неправилна или недоволна хигиена поради промена на слузницата на усната шуплина. Честото повраќање е причина за зголемена киселост во усната шуплина. Отоците некогаш оневозможуваат соодветна хигиена, а последица на тоа е таложење на забни наслаги, каде што се населуваат бактерии, создаваат киселина и слично.

Посетете стоматолог

Правилната и редовна хигиена на забите и устата и посетата на стоматолог се навистина нужни. Вниманието насочено кон бебето често ги окупира трудниците, па се занемаруваат себеси и своите заби. Здравите трудници не би требало да се плашат дека евентуалните хируршки зафати во устата ќе предизвикаат предвремено породување. Ако е потребно да се земаат лекови, ќе бидете внимателни и ќе се советувате со стоматологот и гинекологот. Некои антибиотици предизвикуваат трајно оболување на забите кај уште нероденото дете, како и пречки во растот на коските и ноктите. Мора сепак да се напомене: ако бременоста е ризична, тогаш е нужно пред секој зафат во устата да се побара совет од споменатите експерти.

Правилна исхрана – здрави заби во бременоста

Забите на вашето бебе почнуваат да се обликуваат во 6. месец од бременоста. За правилен развој на забите, важни се разновидни прехранбени состојки:

– Белковините се структура за сите ткивни клетки, па потребни се и за изградбата на органскиот дел од забот.
– Јаглехидратите даваат енергија и се потребни, но треба да се предупреди дека честото јадење слатки е опасно за забите на трудниците. Задолжително е миење на забите.
– Мастите даваат долгорочна енергија за раст. Клучни се за развојот и работата на детскиот мозок и нервниот систем. Исто така, потребни се за правилна разградба на витамините А и Д, кои имаат важна улога во изградбата на забите и коските.
– Витаминот А го поттикнува растот и е многу важен за развојот на забите. Ако недостига, се обликуваат помалку вредни и деформирани заби.
– Витаминот Д го регулира метаболизмот со калциум и фосфор. Ако го нема доволно, доаѓа до нарушување во калцификацијата на коските и забите.
– Витаминот Ц има важна улога во создавањето специфични клетки важни за развој на забите.
– Минералите кои организмот ги добива од овошјето, зеленчукот, млекото и месото му се многу потребни на организмот.

Калциумот учествува во изградбата на забите и коските. Фосфорот исто така е структурен материјал за создавање заби, а ако го нема во храната, може да изостане калцификацијата на забите. Флуорот е многу важен елемент во исхраната на трудницата бидејќи во забната глеѓ формира соединение кое е многу поотпорно на киселини, а со тоа го прави забот поотпорен на кариес.

Таблети со флуор – корисни или штетни?

Донекаде е изменет ставот дека на трудниците им се препорачуваат таблети со флуор: се смета, имено, дека земањето таблети со флуор не гарантира подобар облик и цврстина на забите на детето. Новите сознанија даваат предност на содржината и дејствувањето на флуорот од плунката, со примерна количина флуор како посигурна заштита, па секојдневната употреба на забните пасти со флуор е помалку ризична, а се смета и за доволно ефикасна.

Заби во бременост – кога да се посети стоматолог

Направете го тоа веднаш што ќе дознаете дека сте бремени. Стоматологот ќе ве упати кон правилна хигиена на усната шуплина, ќе ги промени сите дотраени пломби, ќе го исчисти забниот камен, кој би можел да го дразни и така чувствителното забно месо во текот на бременоста. Би било добро да се посети стоматолот барем на секои 2 месеци. Стоматологот секогаш ќе ви каже и ќе ве советува како да бидат здрави вашите и забите на вашето дете.

Извор



912

X