Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 31 година и 2-годишен син кој е прекрасно дете, активно, дружељубиво, здраво, среќно, насмеано. Тргна во градинка и полека се прилагодува. Четири месеци претходно секој ден му објаснував дека мама ќе оди на работа, а тој во градинка, и дека таму има дечиња, дека е убаво, цртаат, играат… Мојот сопруг почина пред 6 месеци. Синот не го бара и не му фали затоа што кога се разболи, тој беше многу мал (имаше околу 2 месеци – бев растргната помеѓу грижата за бебе и болен човек). Меѓутоа, кога излегуваме во парк и ги гледа другите деца дека имаат мајка и татко, чувствувам дека нешто му недостига. Тоа ми го раскинува срцето. Истото се случува и кога одиме кај роднини на гости, се врзува и се гушка со машката фигура (зет ми).

Сум читала дека на детето му треба машка фигура во растењето, ама јас не сум спремна да имам друг човек во мојот живот. Таа улога ја пополнуваат мажите од моето блиско семејство, па малку ми се олесни тој товар. Кога прашува за тато, јас му објаснувам дека тато е горе кај сонцето, месечина и ѕвездите. Затоа кога некој ќе го праша каде е тато, тој покажува во небото. Се трудам да му овозможам сѐ, да го воспитам најдобро што можам, одиме на скијање, на одмор неколку пати, викенди, ама сепак мислам дека не можам да го заменам татко му.
Од друга страна, не сум сигурна дали некој човек понатаму ќе може да го сака и одгледува мојот син како негов. Ве молам за совет и насоки за во иднина.

ОДГОВОР: Искрено жалам за вашата загуба. Сте поминале многу тежок и напорен период во животот со многу големи обврски, особено кон синчето, кое тогаш уште било бебе, и кон сопругот, кој се борел со болеста. Ме радува што детето убаво напредува и добро се приспособува во градинка, што е активно, дружељубиво, среќно. Убаво сте му објасниле за одделувањето и одењето во градинка и добро е што зборувате за тоа, што прави, како поминува, дали игра итн. Не толку одамна сте ја доживеале загубата и веројатно се соочувате и справувате со сопствената тага обидувајќи се да функционирате и истовремено да ги задоволите потребите на вашето дете.
Да се биде сам родител е исцрпувачки поради многу причини. Не само што тежината на секоја одлука лежи директно на вас, туку вие сте и одлучувач и поправач на нештата. Поддршката што ја имате од семејството е навистина важна, како за вас така и за вашиот син, тука ги учи односите помеѓу сите вас, припадноста, топлината, љубовта и, секако, и машката идентификација. Многу деца кои се без присуство на машка личност во нивниот живот (некои деца дури и кога ја имаат) може да се случи идентификацијата да ја присвојат или да кажеме „копираат“ од кој било друг член од семејството или некој друг во неговата блиска околина. Детето ја чувствува таа личност како блиска, се чувствува сигурно и сакано. Во вашата порака чувствувам како да сте исплашени, осамени и збунети трудејќи се на детето да му „компензирате“ и повеќе од она што би можеле со цел да не ја почувствува загубата и да биде постојано окупиран. Како да имате чувство дека сега треба да бидете „совршен родител“. Да, вие не можете да го замените таткото, може само да се случи да бидете исцрпени, изгубени и целиот ваш свет да се врти во тој постојан напор.

Природно е да размислувате за доброто на вашиот син, но и за вас бидејќи животот ве ставил во една друга позиција. Разбирам дека не сте спремни за друг човек во вашиот живот, веројатно таа идеја ве вознемирува. Но, би можело да стои како идеја и можност за во иднина. Навистина е тешко да се замисли иднината кога тагата што ја чувствувате сѐ уште е многу голема.
Во животот веројатно имате блиски пријатели, а и понатаму ќе запознавате многу луѓе со кои постепено ќе градите и односи и врски, а верувам и дека добро ќе знаете да почувствувате, видите и откриете што е добро за вас и вашето дете.
Обидот да замислите реалност што е толку далеку од вашата сегашна може да изгледа невозможен бидејќи сѐ уште не сте во тој емотивен простор.
Еден ден животот може да донесе сосема поинаква слика од онаа што можете да ја замислите во моментов.
Без разлика како ќе биде во иднина, вашиот син е сакан и ќе биде сакан затоа што ве има вас.

Доколку имате потреба да поразговарате со некого и ви е потребна помош во развојот на вашето дете можете да закажете разговор или родителско советување во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X