Детето што собира слики учи многу работи. Сортирање, препознавање по боја, учење на ликовите, броевите, меморија која сликичка ја има, а која ја нема. Брои уште колку сликички му фалат, па има дупликати кои го учат на разменување…

Зошто е добро собирањето сликички и како влијае врз интелигенцијата на детето?
Ранко Рајовиќ, соработник за образование на УНИЦЕФ, член на Меѓународниот комитет „Менса“ за надарени деца, посочи дека често децата играат сосема бескорисни игри. Тој вели дека собирањето сликички е многу корисна игра и секој родител треба да го запознае своето дете со светот на сликичките. Детето што собира сликички учи многу работи. Сортирање, препознавање по боја, учење на ликовите, броевите, меморија која сликичка ја има, а која ја нема. Брои уште колку сликички му фалат, па има дупликати кои го учат на разменување, на тоа колку вреди една сликичка, договарање и наоѓање начин да ја постигне целта, да го пополни својот албум.

Вежбаме дисциплина, организација, меморија

– Син ми има три години и благодарение на албумот „Светот на Биби“, согледав колкав напредок има во неговиот развој. Од забава почнавме да си купуваме пакетчиња со сликички и да го полниме албумот. Секој ден носи нова возбуда. Секое отворање ни е возбудливо и си го правиме интересно. Навиваме да ни се паднат нови сликички. Не се разочаруваме ако веќе ги имаме, туку стимулирани сме повторно да си ја пробаме среќата. Сега дури сме пресреќни ако ни се падне една нова. Купуваме неколку пакетчиња и секој ден отвораме по едно. Така ни е договорот и се придржуваме до него. Учиме дисциплина. Уредно ги чуваме сликичките за менување – учиме организација. Делиме со другарчињата – учиме емпатија. Се менуваме – учиме стратегија. На почеток заедно ги поставивме правилата на игра, ама сега тој самиот се придржува и врвот на сѐ е што во неговата меморија се влезени сите сликички што ги имаме, а тоа се веќе 165. Ме изненадува што дури памети која каде се наоѓа. Ги знае ликовите и имињата. Сам лепи и вежба трпение при одлепувањето. Внимателен е и педантен. Воодушевена сум како низ игра успеавме да совладаме толку вештини – ни сподели Симона Михајловска, мајка на Марко.

Марија Конеска, психолог и психотерапевт, основач на Центар за развој, едукација и советување „Маша Марија“, вели дека собирањето сликички и пополнувањето албуми е интересна и истовремено многу корисна игра за децата.
-Секоја игра што е позитивно искуство за нашите деца е корисна. Особено друштвените игри, како собирањето сликички и пополнувањето албуми, кои директно влијаат врз процесот на развој на мозокот кај децата. Во секој поглед е корисно. Најнапред, корисно е за децата за нивниот иден социо-емоционален развој бидејќи се развиваат пријателства, а пријателството е незаменлив дел од животот и секојдневието на секое дете. Потоа, корисно е за развојот на интелигенцијата, мотивацијата, когнитивните способности и користа е долготрајна со позитивен фидбек врз секое поле во животот на детето. Собирањето сликички и пополнувањето албуми директно влијае врз развојот на мозокот, односно развивање на нервниот систем на правилен и природен биолошки начин во вистинско време. Пред сѐ, тоа е игровна активност која на забавен и најприфатлив начин влијае врз развојот на мозокот кај децата. Развојот на мозокот во првите 5, 7, 12 години е доста ранлив и отворен за сите секојдневни искуства, односно книга на која преку играта може кај детето низ секојдневието да му се испише сѐ што му е битно во идниот негов развој. Затоа, токму во оваа возраст децата имаат директно позитивно влијание на сите сфери во мозокот, бидејќи тоа секојдневно искуство создава добри позитивни синаптички врски во мозокот на детето – истакнува Конеска.

Марија Конеска

Математичко-логичко размислување

Според неа, собирањето сликички им помага на децата побрзо да развијат математичко-логичко размислување преку броење на сликичките, мислење уште која сликичка му фали, потоа социјални вештини кои се основа за создавање односи помеѓу децата, потоа се развива емоционалната интелигенција преку радоста што ја чувствуваат, појавата на чувство на емпатија за другите деца и слично.
-Трпение, истрајност, концентрација, одговорност – родителите многу тешко можат да ги научат своите деца на овие вештини. Оваа активност низ радосна и весела игра директно потпомага полесно и побрзо да се развиваат основните и најбитни процеси во раното детство кај децата. Исто така, собирањето сликички влијае врз развојот на емоционалната интелигенција со самото вклучување на детето да размислува за чувствата и да ги очекува кога ќе добие сликичка, како и кога ќе му недостига. Исто така, и менувањето на сликички создава чувство на емпатија помеѓу дечињата додека си ги менуваат и заедно ја чувствуваат радоста. Чувството на одговорност за постигнување нешто без да му се каже, туку самото дете ја презема за да добие нешто позитивно, исто така ја зголемува и самодовербата која ја потхранува емоционалната интелигенција кај децата – изјавува Конеска.

Подобрување или развивање меморија е само една од придобивките од собирањето сликички.

– Меморијата се развива преку вакви и слични активности кои потпомагаат да се создаваат искуства кај децата со директна цел која ќе ги пробуди позитивните емоции кај нив. Кога децата имаат позитивна цел, побрзо и полесно памтат, не пропуштаат ниту еден детаљ. Учењето на правилата на фер игра е исто така една многу голема придобивка од оваа активност. Развојот на емоционалната интелигенција е огромна придобивка за идниот развој на детето преку чувството на позитивни емоции. И секако, квалитетно поминато време е голема позитивна придобивка не само за децата, туку и за родителите. Најголемата придобивка е дека се намалува времето на децата пред електронските уреди и мобилните екрани – истакнува Марија.

Светот на сликичките сам по себе е привлечен

Внесувањето на детето во светот на одредена игра со возбуда се прави од најмала возраст, кога родителот најнапред му ја влева таа љубов и интерес кон одредени ликови, приказни, слики, па создава атмосфера на вреднување на нештата кои дома се собираат и им придава значење, пример собирање салфетки, интересни шарени камчиња, вели таа.
-Со текот на времето интересот сам се пројавува со поттикот на детето и создавањето слика кај него да се вреднува повеќе со собирањето и поседувањето нешто што сам си го постигнал. Така постепено се развива чувството на радост, возбуда, очекување позитивна реакција, емпатија и овој процес станува забавен за децата токму поради овие позитивни емоции. Прво покажете му на детето што значи собирањето на сликички, почнете од дома, почнете од мали, потоа, покажете му ја радоста што вие сте ја чувствувале кога сте биле деца, па однесете го на средба каде што се разменуваат сликички за да ја почувствува енергијата. Светот на сликичките сам по себе е привлечен за децата бидејќи така најзабавно им е да учат и да се дружат – вели Марија.

Од нејзините искуства, различни родители различно го доживуваат пополнувањето албуми, но генерално повеќето го доживуваат позитивно, а сега тоа го гледаат како убав момент кај нивните деца.
-Мојот совет до родителите е да им се овозможи на децата да развиваат позитивни игри! Преку креативен пристап и ваш личен влог, не само во собирање сликички и пополнување албуми, туку и во секоја друга позитивна игра. Тоа ќе даде огромен придонес за правилен развој на вашите деца – посочува Марија.



912

X