Колку се емпатични денес децата и колку им е грижа за другите, а колку им е грижа за самите себе, сакале да дознаат научниците од Универзитетот „Билефелд“. Според резултатите, третина од сите деца на возраст од 12 до 16 години не се заинтересирани за општото добро – на секој трет му е сеедно за другиот, а момчињата се многу помалку емпатични од девојчињата.

За потребите на истражувањето биле испитани стотици деца, адолесценти и родители. Од анализата на опсежните разговори научниците заклучиле дека третина од генерацијата З (родени на крајот од милениумот) им недостига важна социјална карактеристика – емпатичност.

Што можеме да направиме?

Иако се чини дека ваквата состојба тешко може да се промени, според резултатите од научниците, сепак постојат околности кои сè уште имаат позитивен ефект врз емпатијата и ориентацијата кон општото добро – а тоа е добриот однос со родителите. Имено, кога родителите и децата се добро поврзани, адолесцентите главно се поемпатични и заинтересирани за општото добро.

Поради тоа, децата на возраст од 6 до 11 години, кои сè уште се силно поврзани со родителите, имаат значително повисоко ниво на емпатија: 64 отсто од децата помлади од 12 години кои имаат особено добар однос со родителите имаат и високо ниво на емпатија. Добриот однос подразбира топли родители кои поттикнуваат изразување на емоциите кај своите деца и покажуваат чувствителна емпатична грижа за чувствата на своите деца, па така и нивните деца ќе реагираат со поголемо сочувство кон другите.

Емоционално топлите родители ги прифаќаат своите деца, ги поддржуваат, им даваат внимание, покажуваат грижа, разбирање, а притоа користат објаснувања, го охрабруваат своето дете и го фалат во текот на неговото воспитување. И преку акциите во заедницата родителите можат да им покажат на децата дека имаат сочувство за другите.

Наспроти тоа, 43 отсто од адолесцентите што имаат лош однос со родителите се потпросечно емпатични. Само 16 отсто од нив кои добро се согласуваат со нивните родители имаат потпросечни вредности на емпатија.

Одговорноста е на родителите, но и на заедницата

Од овие резултати може да се заклучи дека родителите во голем дел се одговорни за тоа како детето ќе се однесува кон другите, без разлика дали се грижат за општото добро или ја гледаат само сопствената благосостојба и напредок.

– Во процесот на социјализацијата општеството ги обликува уверувањата, очекувањата и однесувањето на детето, но мора да се нагласи дека раниот развој, приврзаноста на децата кон мајката, поддршката и надзорот на родителите се од големо значење за соодветниот развој на емпатијата. Покрај тоа, емпатијата се развива во интеракцијата на децата со врсниците, односите со возрасните надвор од семејството и обичаите и културата во која се развива детето. Имено, детскиот развој не може да се издвои од контекстуалните услови во кои расте – истакнува професорката Брајша-Жганец.

Во развојот на емпатијата помага и генетиката, затоа што и во ова истражување е потврдено клишето – девојчињата генерално се позаинтересирани за општото добро отколку момчињата. На пример, 71 отсто од девојчињата одговориле дека е тажно кога другите деца прават лоши работи, а истиот одговор го дале само 57 отсто од момчињата.

Извор



912

X